Македонија
Обезбедувачите со големи овластувања, но многу ниски плати

Новиот Закон за агенциите за обезбедување, кој предвидува обезбедувачите да користат физичка сила, лисици, огнено оружје и дресирано куче, не им дава преголеми овластувања на работниците од приватното обезбедување, уверува министерката за внатрешни работи, Гордана Јанкулоска.
„Во однос на претходниот закон се врши степенување на овластувањата, што значи работниците во приватното обезбедување ќе имаат можност да одберат помеѓу овластувања кои не значат поголемо засегање во слободите и правата на граѓаните што до сега не беше случај. Тоа значи дека им стојат на располагање поширока палета на можности, се со цел да го прилагодат своето постапување на соодветната ситуација односно да реагираат на најнеопходен начин. И не во секоја ситуација мора да се посегне кон употреба на пример на огнено оружје“ вели Јанкулоска.
Според експертската јавност, бројот на оружјето кое што агенциите ќе имаат право да го поседуваат ќе зависи од бројот на вработените, но ќе биде незначително малку и ќе се употребува многу ретко.
„Не држи фамата дека ова се паравојски “ вели професорот на Американ Колеџ и Член на стручниот совет на Комората за обезбедување, Душко Стојановски.
Во последните години зголемен е бројот на приватните агенции за обезбедување, функционираат 163 агенции, но од Комората за обезбедување на лица и имот не знаат со колкав дел во Бруто домашниот производ учествува бизнисот на приватното обезбедување.
Претседателката на Комората, Верица Милеска Стефановска соопшти дека просечната плата на работниците во обезбедувањето, според Централен регистер изнесува 11.212 денари.
Со овој Закон, според Стојановски, посебно се дели техничкото од физичкото обезбедување, посебно се санкционира во законот обезбедувањето на јавни собири, транспортот на пари и една нова можност што порано не функционираше, а тоа е мониторингот на објекти каде што има техничко и физичко обезбедување. Овој Закон ја засилува и контролата на Министерството за внатрешни работи врз работењето на агенциите.
„Праксата покажува дека нема многу прекршувања на овие овластувања. Досега во нашата практика не сме имале прекршувања од типот на употреба на огнено оружје. Обезбедувачите ќе можат да задржуваат само доколку на објектите кои ги обезбедуваат затечат лице кое извршило кривично дело кое се гони по службена должност, а такво овластување има секој граѓанин до доаѓањето на органите за внатрешни работи“ вели Стојановски.
Доколку биде усвоен овој Закон, обезбедувачите ќе можат да вршат проверка на идентитет, предупредување, забрана на влез и неовластено снимање, задржување, преглед на лица, предмети, возила и багаж.Предлог законот им овозможува и да употребуваат средства за присила, физичка сила, гумена палка, средства за врзување на лица, хемиски средства-спреј, огнено оружје и дресирано куче./крај/фф
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
„Вардариште е канцер“ – граѓаните утре повторно на протест во Ново Лисиче

И вечерва, како и во претходните денови, жителите на Ново Лисиче и Аеродром се жалат дека се чувствува мирис на изгорено во воздухот и не се дише.
По денешниот протест и кратката блокада кај мостот „Киро Глигоров“ поради дивата депонија Вардариште, граѓаните најавија дека утре повторно ќе излезат на улица. На денешниот собир видлив беше и транспарент со порака, „Вардариште е канцер“, а од институциите беше побарано без меѓусебни обвинувања да ја преземат одговорноста.
Следниот протест е закажан за утре, во 18 часот кај паркчето „Авионче“ во Ново Лисиче. Организаторите апелираат на масовност и истрајност, убедени дека само така може да се издејствува конечно решение за проблемот со Вардариште.
Претходно денес, О2 Иницијативата упати јавен апел до кандидатите за градоначалници и советници во Град Скопје, Аеродром и Гази Баба, барајќи итни решенија за санација на депонијата.
„Доста е со молк, одлагања и префрлање на одговорност! Вардариште не е тема за кампања – тоа е закана за нашето здравје и иднината на Скопје,“ порачуваат од иницијативата, нагласувајќи дека очекуваат конкретни обврски и јавно дадени ветувања од сите кандидати.
Во апелот се наведени три приоритетни барања: Итна изработка на проектна документација за санација и ревитализација на Вардариште, со што Општина Гази Баба треба без одлагање да ги донесе потребните детални урбанистички планови; Привремени мерки додека проектите не стартуваат, како запечатување, оградување, осветлување, 24-часовна чуварска служба и видео надзор; Транспарентност и отчетност, со редовно известување за секој чекор, конкретни активности и прецизни рокови.
Од иницијативата потсетуваат дека станува збор за прашање кое не смее да се третира како обично предизборно ветување.
Во неделата голем пожар избувна во близина на Вардариште во Скопје, при што половина град остана без електрична енергија 5 часа.
Македонија
СДСМ ги објави имињата на уште тројца кандидати за градончалници

СДСМ ги објави имињата на уште тројца кандидати за градоначалници, со што досега објавени се вкупно 60 кандидатури.
За градоначалник на Пробиштип, партијата го кандидира Драган Анастасов, Драгослав Симоновиќ е кандидат за градоначалник на општина Градско и Борче Гиевски за Зелениково.
„Сите кандидати се чесни, одговорни и посветени луѓе, кои ќе го дадат својот максимум во интерес на граѓаните. Преку изборните програми кои се подготвуваат заедно со граѓаните, со стручни лица и експерти во различни области СДСМ ќе понуди издржани решенија за секоја општинина и ќе претстави нова визија за развој на локалните заедници“, велат од партијата.
Македонија
Јасно и гласно кажав дека не сум се сретнал со Груевски, ВЛЕН манипулира, рече Османи

Бујар Османи, потпретседател на ДУИ и кандидат за градоначалник на Општина Чаир, ги демантираше тврдењата за наводна средба со Никола Груевски за обезбедување пратеници за поддршка на уставни измени.
„Во недостаток на идеи и очекуван пораз на изборите, манипулациите на ВЛЕН продолжуваат во однос за наводна моја средба со Груевски со цел обезбедување на пратеници за подршка на утавни измени. Јасно и гласно кажав дека таква средба немало. Тоа што се служат постојано со лаги и повторување на сите невистини нема да им помогне во кампањата“, рече Османи.
Додаде и дека дговорот на овие оцрнувања ќе стигне на 19 октомоври.