Македонија
Крањски колбаси произведени во Македонија забранети во Република Српска

Министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство на Република Српска, Мирослав Миловановиќ ја забрани продажбата на одредени намирници на македонскиот произведувач „Мега Зоран Дооел“ и „Крас“ од Словенија и нареди зголемена контрола на останатите производи.
„Поради зголемената содржина на полифосфати, кои се штетни за здравјето на луѓето, ресорното министерство со наредба забранува продажба на крањски колбаси и мега крањски колбаси во вакум пакување, полутрајни колбаси на произведувачот „Мега Зоран Дооел“, кои ги увезува „Мега фуд“ од Бања Лука. Забраната се однесува и на мини пастеризираните колбаси „мортадела густоса“, чиј увозник е „Крас Ми“ од Сараево“ стои во наредбата на Миловановиќ, јавуваат Бањалучките медиуми, пренесува Танјуг.
Спроведувањето на оваа наредба, како што се наведува, е во надлежност на Управата за инспекциски работи, а сите трошоци настанати за нејзиното спроведување ги сносат увозниците.
Постоењето на зголеменото ниво на полифосфати го утврди Институтот за јавно здравство во Република Српска и Градскиот завод за јавно здравје на Белград, кој извршил суперанализа.
„Ваква храна е штетна за здравјето на луѓето бидејќи содржи прехрамбени адитиви над количините кои се дозволени“ се вели во ставот на Министерството за земјоделство на РС./крај/тј/фф
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
Утре променливо облачно со сончеви периоди и температури до 19 степени

Времето утре ќе биде променливо облачно со сончеви периоди. Попладне ќе има услови за слаб локален дожд. Ќе дува слаб до умерен ветер од северен правец. Минималната температура ќе биде во интервал од 3 до 10, а максималната ќе достигне од 13 до 19 степени.
Во Скопје, ќе биде променливо облачно со сончеви периоди. Ќе дува слаб северен ветер. Минималната температура ќе се спушти до 8, а максималната ќе достигне до 18 степени.
Под влијание на влажни воздушни бранови следува период на променливо облачно време со повремени локални врнежи од дожд. Пообилни врнежи се очекуваат во четврток кон крајот на денот, во текот на ноќта и во петок.
Македонија
Тоневски: Пробиштип ќе добие нова населба за млади брачни парови, градски базен и Дом за стари лица

Кандидатот за градоначалник на општина Пробиштип, од редовите на ВМРО-ДПМНЕ, Тони Тоневски, на денешниот митинг во рамките на изборната кампања под слоганот Вистинскиот избор! Твојот човек! Твоето место! За твојата иднина!, истакна дека се потребни промени во општината бидејќи нема реализација на ниту еден капитален проект изминатите осум години.
„8 години изгубивме! 8 години без ниту еден капитален проект! Ајде самите се запрашајте, колку проекти се направија овие 8 години, од празна земја до функционален објект? Ниту еден! Заедно со вас граѓаните, ја подготвивме програмата за развој на Пробиштип. Составена од над 160 проекти, со јасни чекори и мерки. Ќе направиме нова индустриска зона за незагадувачка индустрија. Ќе изработиме Водич за инвеститори. Ќе привлечеме нови инвестиции, нови компании“, рече Тоневски.
Тоневски истакна дека Лесново и Пониква ќе станат туристички атракции, а воедно и дека за младите ќе се направи нова населба и општината ќе добие нов базен и Дом за стари лица.
„Лесново и Пониква се нашите туристички бисери. тие ќе станат вистинска туристичка атракција. Во Пониква ќе изградиме детско одморалиште за летни и зимски кампови за нашите ученици. За младите ќе направиме нова населба, со плацови од 1 евро за квадрат и со намалување на комуналиите за младите брачни парови до 35 годишна возраст. Ќе го реконструираме игралиштето во Злетово, ракометното и повеќенаменското игралиште во Пробиштип. Сега, Пробиштип ќе добие нов градски базен. Зградата на поранешниот Интернат ќе ја реконструираме во Дом за стари лица, На секое семејство ќе му помогнеме со субвенции за клими, замена на прозори и енергетски ефикасни фасади“, вели Тоневски.
Македонија
Гаши-Пелегрини: Словачка останува силен поддржувач на европскиот пат на Северна Македонија

Претседателот на Собранието на Република Северна Македонија, Африм Гаши, денеска во Собранието оствари средба со претседателот на Словачката Република, Петер Пелегрини, кој престојува во официјална посета на нашата земја.
Во пријателска и конструктивна атмосфера, соговорниците ја потврдија одличната билатерална соработка меѓу двете држави и изразија подготвеност за нејзино дополнително унапредување на сите нивоа.
Претседателот Гаши му посака добредојде на претседателот Пелегрини и истакна дека континуитетот на политичкиот дијалог и долгогодишната поддршка од Словачка во рамките на Европската Унија и НАТО претставуваат значаен поттик за Северна Македонија на нејзиниот европски пат.
Тој се заблагодари за конзистентната и принципиелна поддршка на Словачка за европските интеграции на нашата земја, како и за активната улога на Словачка во рамките на Вишеградската група, која е меѓу најгласните поддржувачи на политиката на проширување на ЕУ.
Во рамките на разговорот, Гаши ја поздрави иницијативата на Словачка за поттикнување на економската ресоцијализација на регионот на Западен Балкан, како и потпишувањето на новиот Меморандум за економска соработка помеѓу министерствата на двете земји, кој ќе создаде нови можности за зголемена трговска размена и инвестиции.
Беше истакнато и значењето на Парламентарниот институт при Собранието на РСМ, кој соработува со сличните институции во Братислава, а словачкиот Парламентарен институт има важна менторска улога во процесот на неговото институционално јакнење.
Претседателот Пелегрини, од своја страна, уште еднаш ја потврди поддршката на Словачката Република кон Северна Македонија, нагласувајќи дека ја смета нашата земја за искрен и пријателски партнер. Тој истакна дека Словачка останува силен поддржувач на европскиот пат на Северна Македонија и, како инвеститор во земјата, ќе продолжи да придонесува за нејзиниот институционален и економски развој. Пелегрини додаде дека ваквите односи сигурно ќе се продлабочуваат во сите сегменти на соработката и во годините што следат.
На крајот, двајцата соговорници се согласија дека парламентарната дипломатија претставува суштински сегмент во развивањето на пријателските односи меѓу двете држави, како и дека постои простор за продлабочување на соработката во културата, образованието и економијата.