Свет
Суд го прогласи неуставен Законот за здравствена заштита на Обама
Апелациониот суд во Атланта ја прогласи за неуставна одредбата која се содржи во Законот за реформа на здравствениот систем којашто предвидува задолжително плаќање на осигурување за сите Американци, пренесува вашингтонскиот весник Politicо
Според законот, кој беше изгласан со многу мака и труд вложени од претседателот Барак Обама минатата година, во 2014 година осигурувањето ќе стане задолжително за повеќето луѓе кои живеат во САД. Во спротивно, тие ќе мора да платат парична казна. Од 2014 година многу ќе бидат во можност да ги разменат своите полиси за осигурување за новите кои ветуваат дека ќе бидат поефикасни и поцелосни. Големите организации кои нема да им обезбедат осигурување на своите вработени, исто така, ќе бидат казнети. „Тужбата во Апелациониот суд беше поднесена од страна на 26 држави, во речиси сите од нив и гувернерите и обвинители се републиканци. Како што се очекува, Министерството за правда ќе ја оспори и преиспита оваа одлука“, пишува Politico. Апелациониот суд соопшти дека Конгресот ги надминал своите овластувања со барањето Американците да плаќаат осигурување. За останатите точки од законот, судот не нашол неправилности. „Сојузната влада има 90 дена за да поднесе жалба до Врховниот суд или да поднесе жалба Апелациониот суд да ја преиспита својата одлука“, пишува весникот. Реформата на здравствениот систем, законот кој претседателот Обама го потпиша во март 2010 година, беше неговиот главен внатрешно-политика проект. Прашањето за реформите го отвори одамна – во САД нема бесплатни лекови и медицински услуги а за услугите на лекарите плаќаат осигурителните компании, кои, пак, му нудат на населението повеќегодишно здравствено осигурување. Иницијативата на Обама е дизајнирана да се намали цената на ваквото осигурување и медицинската помош да стане подостапна за што повеќе граѓани. Предлог-законот наиде на жестоки спротиставувања од страна на осигурителните компании кои може да изгубат дел од профитот, и гласноговорниците на нивните интереси – републиканците. Првата голема одлука откако во Претставничкиот дом на Конгресот на САД по ноемвриските избори мнозинството го презедоа републиканците, беше одлуката да се укине законот за реформите во здравството. Членот за задолжително купување на осигурувањето предизвика многу незадоволство и на федерално ниво. Се очекува дека наскоро разгледувањето на ова прашање да се најде и пред Врховниот суд на САД.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Свет
Руте по разговорите со Трамп: Безбедноста на Арктикот во фокусот
Главниот секретар на НАТО, Марк Руте, изјави во четвртокот дека за време на неговата средба со Доналд Трамп во Давос воопшто не било спомнато американско сопствеништво над Гренланд и дека новата позиција на американскиот претседател не ја смета за пресврт, пренесе Си-Ен-Ен. „Не разговаравме за тоа“, рече Руте во интервју за Скај њуз во четвртокот. „Синоќа не беше спомнато.“
„Она што можам да го кажам е дека разговаравме за неговата идеја, неговата визија“, рече Руте, појаснувајќи дека тој и Трамп се фокусирале на тоа како НАТО може „да го спаси Арктикот од Русите и Кинезите“.
По средбата со Руте во средата, Трамп на социјалната мрежа Трут соушл објави дека се откажува од претходната закана за воведување царини за европските земји поради наводното попречување на американското преземање на Гренланд.
На прашањето на Скај њуз дали вознемиреноста предизвикана од коментарите на Трамп за Гренланд претставувала пречка за сојузниците во НАТО, Руте не се согласи и дури му припиша заслуги на Трамп за „спасувањето на НАТО“.
„Мислам дека е во право што ја покрена оваа расправа“, рече Руте. „Како можеме да го заштитиме Арктикот? Како можеме да обезбедиме Арктикот да биде безбеден? И би рекол дека, откако го спаси НАТО, тој сега е тој што ги предводи напорите за да се осигураме дека колективно ќе го спасиме арктичкиот регион.“
Свет
Шпанскиот министер повика на создавање единствена европска армија
Шпанскиот министер за надворешни работи, Хозе Мануел Албарес, изјави дека Европа треба да има своја армија.
„Мислам дека е време Европа да ја земе својата судбина и својот суверенитет во свои раце“, изјави Албарес на маргините на Светскиот економски форум.
Тој објасни дека ова значи отстранување на сите бариери за единствениот пазар и обезбедување сигурни трговски партнери во време на сè почести дискусии за царините. Тој додаде дека Европа мора да има и своја одбрана – да ја земе безбедноста во свои раце, да ги поврзе одбранбените индустрии и да се движи кон создавање европска армија.
Свет
Спречен напад врз приватниот авион на германскиот канцелар Фридрих Мерц
Германската полиција спречила напад на еколошки активисти врз приватниот авион на германскиот канцелар Фридрих Мерц во еден хангар во градот Арнсберг, соопшти државното обвинителство.
Според соопштението, „полицијата во ноќта од среда кон четврток спречила три лица во обид да го оштетат приватниот спортски авион на претседателот на германската влада“.
Во соопштението на групата која ја презела одговорноста за обидот за напад се наведува дека три лица, на возраст од 23, 28 и 56 години, неовластено влегле во просторот на аеродромот Арнсберг-Менден, но полицијата спречила оштетување на авионот кој се наоѓал во еден од хангарите.
Меѓу приведените активисти е и познатата германска климатска активистка Ања Виндл. По акцијата, со соопштение се огласи и групата „Отпор колектив“, која ја презеде одговорноста за обидот за напад.
„Ние се обидовме, во рамки на протест, да го оневозможиме приватниот авион на канцеларот Фридрих Мерц. Додека климатската криза ескалира, германскиот канцелар се движи наоколу со приватен авион“, стои во соопштението на групата.

