Свет
Селмани не сака странски инвестиции во здравството
Министерот Имер Селмани е против влегување на странски инвеститори во здравствениот сектор во Македонија, реагираа од американскиот инвестициски фонд „С и А капитал“, компанија заинтересирана да вложи околу 50 милиони евра во воведување електронска здравствена картичка во земјава.
ВО АМЕРИКАНСКАТА „С И А КАПИТАЛ“ ТВРДАТ
Министерот Имер Селмани е против влегување на странски инвеститори во здравствениот сектор во Македонија, реагираа од американскиот инвестициски фонд „С и А капитал“, компанија заинтересирана да вложи околу 50 милиони евра во воведување електронска здравствена картичка во земјава.
Навин Агарвал, претставник на фондот, вели дека Македонија нема да може да стане членка на Европската Унија без реализација на проектот за воведување е-здравствена картичка.
– Се работи за огромен проект што чини 50 милиони евра. Не е лесно да се најде инвеститор за толку голема инвестиција. Додека премиерот Никола Груевски, Иво Ивановски, министер за информатичко општество, и Владимир Лазаревик, заменик-министер за здравство, сакаат веднаш да стартуваме со новиот систем, министерот Селмани е очигледно против влегување на странски инвеститори во земјата – вели Агарвал.
Тој додава дека се сретнал со министерот Ивановски и дека сега очекуваат одговор од Владата во однос на нивните планови за инвестирање. Агарвал информира дека бордот на директорите на „С и А капитал“ веќе ја одобрил инвестицијата од 50 милиони евра во здравствениот сектор во земјава. Сепак, тој вели дека оваа понуда ќе биде валидна најмногу уште две недели.
– Ако министерот Селмани продолжи да ги спречува странските инвестиции во Македонија, нашиот борд на директори ќе ја повлече понудата и „С и А капитал“ нема да инвестира во земјава – вели Агарвал.
Во американскиот инвестициски фонд се заинтересирани да вложат и дополнителни 150 милиони евра во гасификација на Скопје и други градови во земјава. Оттаму информираа дека се подготвени да покријат до 75 отсто од трошоците за приклучување на гасоводната мрежа со донации од 1.500 евра за сите семејства што ќе решат да користат гас во своите домови.
– За овој проект чекаме одговор од градоначалникот Трифун Костовски. Се надевам дека тој ќе ја прифати понудата бидејќи се работи за огромна инвестиција, од која најголема корист ќе имаат граѓаните на Скопје – вели Агарвал.
Тој информира дека компанијата веќе реализира проект за гасификација на Крива Паланка и Куманово, инвестиција вредна околу 14 милиони евра. Агарвал додава дека со реализацијата на овие инвестиции ќе се вработат голем број македонски граѓани и вели дека поради тоа се надева на позитивен одговор од македонските власти. „Време“ вчера се обиде да го праша министерот Селмани дали не сака странски инвестиции во неговиот сектор, меѓутоа до затворањето на весников не добивме одговор.
„С и А“ е затворен фонд тежок половина милијарда долари, кој дејствува од Чикаго. Компанијата е активен инвеститор и донатор на Балканот и земјите од поранешниот СССР. „С и А“ главно инвестира во инфраструктура и енергетски проекти. Компанијата е сопственик на рудник во Србија и е во преговори за купување уште еден рудник за цинк во јужна Србија.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Свет
Маж нападна полицаец со нож во Париз
Маж вооружен со нож, кој се обиде да нападне полицаец кај Триумфалната капија во Париз, беше ранет од неколку куршуми испукани кон него од друг припадник на безбедносните сили, објави агенцијата Франс прес, повикувајќи се на полициски извор.
Напаѓачот е однесен во болница. Полицијата е присутна кај Триумфалната капија, споменик во центарот на Париз во близина на Шанзелизе, за церемонија на палење факел на Гробот на непознатиот војник.
Националното обвинителство за борба против тероризмот објави дека го презема случајот.
фото/Depositphotos
Свет
Зеленски: Путин не е млад човек, нема многу време
Украинскиот претседател Володимир Зеленски верува дека само САД имаат моќ да ја принудат Русија да склучи мир.
„Да бидеме искрени, денес само Европа ѝ дава пари на Украина и ѝ помага. Само САД можат да го сопрат Путин“, изјави тој за POLITICO.
Сепак, Зеленски изрази загриженост дека Белата куќа можеби не ја разбира суштината на проблемот.
„Од она што го гледам, тие испраќаат повеќе сигнали дека Украина треба да направи компромис, а не Русија“, рече тој.
„Не мислам дека тоа е правилниот став. Секако, така е поедноставно“, додаде тој.
Осврнувајќи се на возраста на Владимир Путин, Зеленски забележа дека рускиот претседател, кој сега има 73 години, повеќе не е млад човек. „Тој нема многу време“, додаде украинскиот претседател. „Дај Боже да нема многу“, заклучи тој.
Свет
Украински министер: Не е реално војната да се заврши без Трамп
Украинскиот министер за надворешни работи, Андриј Сибиха, извести за напредокот на преговорите со Русија за прекин на инвазијата, истакнувајќи дека три од 20-те точки од мировниот план остануваат контроверзни. Тој потврди дека претходните две рунди разговори се одржаа во Абу Даби, а следната ќе се одржи следната недела во Женева.
Сибиха оцени дека преговорите „напредуваат“, пофалувајќи го лидерството на американскиот претседател Доналд Трамп. Тој експлицитно изјави дека „нереално е да се заврши оваа војна без Трамп“. И покрај ова, тој предупреди дека Русија не покажува „никакви знаци на подготвеност за сериозни преговори“.
„Паралелно, мора да продолжиме да вршиме притисок врз Русија и, мора да признаеме, сè уште имаме инструменти на влијание“, рече Сибиха.
Украинскиот министер откри дека сè уште има несогласување за три точки во мировниот план, кој содржи 20 точки. „Имаме изводливи предлози, па затоа во следната рунда навистина се надеваме дека нема да слушаме дополнителни историски предавања. Сега е време за акција, за дела и за конкретни, решителни чекори“, нагласи тој.
На неговите зборови се надоврза и францускиот министер за надворешни работи Жан-Ноел Баро, кој рече дека војната мора да заврши.
„Јасно е дека треба да ја запреме оваа војна, а со нашите сојузници и пријатели сè уште имаме механизми за да го постигнеме тоа“, рече тој.
Тој откри дека Франција и Обединетото Кралство „отишле многу далеку“ за да ги блокираат бродовите на руската „флота во сенка“, додека „користеле воени средства“.
Баро, исто така, ја нагласи важноста на претстојниот, 20-ти пакет санкции на Европската Унија, кој се очекува да биде усвоен на 24 февруари, на четвртата годишнина од почетокот на тоталната агресија. Тој, исто така, ја спомена улогата на таканаречената Коалиција на волјата во обезбедувањето идни безбедносни гаранции за Украина.
фото/Depositphotos

