Македонија
Цаноски ќе се жали пред судот во Стразбур
Пратеникот и претседател на ПЕИ, Фијат Цаноски ќе ја тужи државата пред Меѓународниот суд за човекови права во Стразбур, поради уривањето на неговиот станбен комплекс „Космос“.
Пратеникот и претседател на ПЕИ, Фијат Цаноски ќе ја тужи државата пред Меѓународниот суд за човекови права во Стразбур, поради уривањето на неговиот станбен комплекс „Космос“. На денешната прес – конференција Цаноски соопшти дека со рушењето на овој комплекс нему му се ускратени човековите права како граѓанин на Македонија.„Според член 27 од Уставот, секој граѓанин на Македонија има право слободно да се движи на територијата на Републиката и слободно да го избира местото на своето живеење. Според член 30 се гарантира правото на сопственост и правото на наследување, сопственоста создава права и обврски и треба да служи за добро на поединецот и на заедницата. Никому не можат да му бидат одземени или ограничени сопственоста и правата кои произлегуваат од неа, освен кога се работи за јавен интерес утврден со Закон“ цитираше Цаноски членов од Уставот. Тој ангажирал американски адвокат кој се занимава со меѓународно право и човековите права, Дејвид Серџ кој ќе го брани пред Судот за човекови права. „Европската конвенција за човекови права гарантира мирно уживање на сопственост на сите луѓе без разлика дали се тоа корпорации или физички лица. Ова е фундаметално право државата може да го лимитира во ограничени граници и не може тоа да го прави арбитражен и секој механизам за лишување мора да биде пропорционален. Тоа значи да се користат најмалку рестриктивните механизми за да се постигне јавното добро. Не можете да користите топ за да убиете мува, кога има тепачка за таа работа. Доколку државата ја одзема сопственоста треба да следат неколку правила за Стразбур да го признае овој процес, мора да биде пропишано со закон и да биде од јавен интерес“ вели Серџ. Тој вели дека треба научно да е докаже дали градбата мора да се сруши или има мал проблем кој може лесно да се поправи. Серџ вели дека судот ќе разгледува повеќе начини за решавање на проблемот како деградирање и нехумано однесување и дали му е обезбедено доволно време на сопственикот да преземе соодветни мерки за да го реши овој проблем и да бара алтернативни решенија. Цаноски не одговори точно колку пари ќе бара за обесштетување, но според нивните документи колку средства се вложени и со оглед на нарушувањето на неговиот углед и угледот на неговата фирма, тој вели дека тоа се десетици, десетици милиони евра. Тој вели дека нема да ги прескокне нашите судови, неговите адвокати имаат испратено жалби и тужби до македонските судови за кои што се молчи. Тие ќе бараат од Стразбур да се прекине рушењето. „Јас не плашам, јас сум чист, јас ќе докажам, може не тука, но пред меѓународните организации, пред Стразбур, дека сум во право“ рече Цаноски, кој денешното време го според си комунизмот, кога многу од неговите роднини биле протерани од државата.Но Цаноски порача дека него нема тој нема да си оди од државата и тврди дека целата постапка за градба била во соглансот со Законот. Комплексот “Космос“ почна да се руши минатата недела бидејќи целиот објект е надвор од рамките на проектот што го добил одобрението за градба што го издале службите на Општина Гази Баба. Целата градба е повисока за метар и 43 сантиметри во однос на апсолутната кота којашто е измерена од геодетска фирма.Комплексот се градеше покрај Вардар кај мостот “Близнак“, во непосредна близина на Универзитетот ФОН, кој исто така е во сопственост на Цаноски. Предвиден беше како луксузен станбено-деловен комплекс со 562 стана. /крај/фф
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
ВМРО-ДПМНЕ избра нови претседатели на повеќе партиски комисии
На првата редовна седница на новиот состав на Извршниот комитет на ВМРО-ДПМНЕ, донесени се одлуки за кадровски освежувања и распишување огласи за раководни позиции во партијата, информира премиерот и лидер на партијата, Христијан Мицкоски, преку објава на Фејсбук.
Извршниот комитет одлучил да распише огласи за избор на нови претседатели на Унијата на млади сили, Унијата на жени и Унијата на ветерани, како и генерален избор на претседатели на сите општински комитети на ВМРО-ДПМНЕ.
На седницата биле избрани и нови претседатели на повеќе партиски комисии. За претседател на Комисијата за здравство е избран Сашо Клековски, на Кадровата комисија Благоја Ташаминов, на Комисијата за безбедност и одбрана Панче Тошковски, додека за претседател на Комисијата за туризам е избран Аккан Махмут.
За претседател на Градскиот комитет на ВМРО-ДПМНЕ во Скопје е избран Златко Перински.
„Промени. Го слушаме гласот на членството. Вистинскиот избор за заедничка иднина!“, напиша Мицкоски во објавата.
Македонија
Даниел не се замерил со никого, мотивот најверојатно е пари, рече адвокатот на Кајмакоски кој по киднапирањето е стабилен, но под стрес
Македонскиот пејач, Даниел Кајмакоски, беше киднапиран во Белград ноќта меѓу сабота и недела, а по трауматичниот настан моментално се опоравува, со поддршка од семејството и најблиските.
Неговиот адвокат Бранислав Станишиќ потврди дека Кајмакоски е физички стабилен, но дека последиците од шокот сè уште се присутни.
Како што наведе, истрагата е во тек.
„Истрагата е во тек и таа ќе потрае. Што се однесува до Даниел, тој е психички и физички добро, што во овој момент е најважно за него и за семејството. Оваа ситуација остави, условно кажано, последици од шок, но фала му на Бога, ги надминува“, изјави Станишиќ, пренесоа српските медиуми.
„Ако ме прашате за самиот случај, не можеме да изнесеме премногу информации додека осомничените за извршување на ова гнасно кривично дело не бидат приведени пред правдата, бидејќи потрагата по нив сè уште трае. Во договор со полицијата, во овој момент не можеме да споделиме повеќе детали. Осомничените го напуштиле местото кај Рума, односно локацијата каде што автомобилот останал запрен по удар во банкина. Оттогаш ја напуштиле таа област и по нив сè уште се трага“, додаде адвокатот.
Тој изјави дека потрагата се движи во насока на лица кои најверојатно се од турско потекло.
„Засега тоа е информацијата со која располагаме. Најверојатно не се државјани на Република Србија. Зборувале на турски јазик или на некој сличен, а и нивниот изглед упатувал на тоа дека се од некоја таква земја. Не знаеме дали станува збор за мигранти или во каков статус престојувале тука. Со Даниел сум во постојан контакт и реагираме во координација со полицијата“, рече Станишиќ.
Адвокатот нагласи дека Кајмакоски не се замерил со никого и дека немал причина да претпостави дека би можело да му се случи вакво нешто.
„Даниел пред сè е уметник и не е човек кој би можел да препознае знаци дека некој евентуално го следи. Тој лично не забележал ништо. Никогаш никому не му замерил, нема причина некој од лични побуди да посегне по него. Да имало некаков сомнеж, веројатно и самиот би помислил дека нешто вакво може да се случи. Својот работен ангажман го извршува професионално и никогаш не бил дрзок или навредлив кон некого“, изјави Станишиќ.
Тој додаде дека според нивната проценка, мотивот најверојатно бил материјална корист.
„Ова најверојатно е направено со цел стекнување материјална корист. Даниел има доверба во полицијата и убедени сме дека тие професионално ќе си ја завршат работата. Се надеваме дека потрагата по осомничените ќе заврши брзо, бидејќи полицијата е на висина на задачата“, заклучи адвокатот.
Македонија
Четворица заболени од шуга во касарната во Велес, епидемиологот Оранска рече дека болеста е донесена однадвор
Кај четворица слушатели на курсот за професионални војници во велешката касарна е потврдена шуга. Тие се пуштени на домашно лекување и се во стабилна состојба, додека од Армијата велат дека се спроведени здравствени протоколи и дека состојбата на останатите слушатели е под редовен надзор.
Потполковник Лариса Оранска, епидемиолог во Воено-медицинскиот центар, информира дека првиот случај бил регистриран минатиот четврток, по што веднаш бил извршен увид и биле активирани превентивни мерки. Заболеното лице било упатено на специјалистички преглед и домашно лекување, а потоа бил спроведен вонреден здравствен надзор.
Сите присутни војници биле прегледани, при што лицата со кожни промени биле дополнително упатени на специјалист. Останатите се без симптоми и продолжуваат со редовните активности. Оранска посочи дека болеста не потекнува од Армијата и дека, според проценките, е внесена однадвор.
„Шугата сигурно е донесена однадвор. Досега не сме имале во Армијата случај нити кај старешините, нити кај професионалните војници. Тоа е сигурно внесено однадвор“, изјави Оранска.
Во објектите каде што се сместени слушателите е спроведена целосна дезинфекција, дезинсекција и дератизација. Надзорот ќе продолжи секојдневно, имајќи предвид дека инкубацијата на болеста може да трае од 10 дена до шест недели.
Портпаролот на Генералштабот, потполковник Дарко Стерјовски, изјави дека условите во касарната се во согласност со правилниците и ги отфрли наводите за несоодветни услови, вклучително и тврдењата дека нема топла вода. Според него, во објектот има соодветно греење и услови за нормален живот и обука.

