Економија
Standard & Poor's го намали кредитниот рејтинг на Македонија

Бонитетната агенција Standard & Poor’s го намали во петокот кредитниот рејтинг на Македонија за долгорочно задолжување во домашна и странска валута, додека потврден е краткорочниот рејтинг со стабилна прогноза, при што се констатира дека транспарентноста на македонските јавни финансии се намалени од почетокот на глобалната финансиска криза а изгледите за економски раст ослабеле.
Агенцијата го намали кредитниот рејтинг за долгорочното задолжување во домашна и странска валута за едно ниво од ББ на ББ-, со забелешка на намалената транспарентност на јавните финанси и послабите изгледи за економски раст. Краткорочниот рејтинг за задолжување е потврден на нивото Б а прогнозата е стабилна. Оцената на трансферот и конвертабилноста е намалена од ББ+ на ББ.
Констатираат дека транспарентноста на јавните финанси во Република Македонија е намалена од почетокот на 2013 година од почетокот на светската финансиска криза и дека ослабеле изгледите за економски раст.
Причината за оваа оцена, како што се наведува во изјавата на Standard &Poor’s, се економските притисоци во региони, стеснетиот маневарски простор на странските сопственици во македонските банки, тешкотиите во управувањето со владините финансиски обврска и зголемената јавна потрошувачка на непродуктивна сопственост.
Според оцената на Standard &Poor’s, рамнотежата на моќта меѓу македонските политички институции не е примерена а доцнењето на намирувањето на финансиските обврски го доведува во прашање остварувањата на зацртаните фискални цели
Стабилната прогноза произлегува од структурната крутост, политичките предизвици и надворешната ранливост од една страна, и релативно умереното нови она долгот од друга страна, се наведува во образложението на агенцијата./крај/мф/сн
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Економија
Ранливите потрошувачи и натаму незаштитени: итни мерки барат Инжинерите на Македонија

Додека Владата и Министерството за енергетика се фалат со новиот Закон за енергетика, илјадници граѓани остануваат без никаква реална заштита од енергетската сиромаштија, реагираат од Инжинери на Македонија.
Соопштија дека имаат поднесено претставка до Владата, Министерството за енергетика, Министерството за труд и Регулаторната комисија, со барање да се преземат итни мерки за ранливите потрошувачи пред да пристигне зимата.
„Иако новиот Закон за енергетика предвидува заштита за граѓаните кои живеат во сиромаштија, самохрани родители, пензионери со ниски примања и лица со инвалидитет, досега нема функционален регистар, нема методологија, ниту се врши исплата на ветените субвенции. На повикот за субвенции се пријавиле само 745 лица, од кои 454 биле прифатени“.
Оваа бројка, како што оценуваат, е далеку од реалните потреби, бидејќи според проценките, ранливите потрошувачи се најмалку 110.000.
„Претставката која ја поднесовме бара итно донесување на методологија до крајот на август, формирање на регистар до октомври, исплата на веќе одобрените субвенции и објава на реална проценка на ранливите граѓани“.
Економија
Мицкоски: По седум години застој градиме интерконектор за гас со Грција, од увозно зависна земја, ќе станеме земја која извезува електрична енергија

Премиерот Христијан Мицкоски на денешната собраниска седница за пратенички прашања истакна дека конечно по 7 години застој се работи на интерконекторот за гас со Грција и стануваме земја низ која ќе транзитира гас, што заедно со другите проекти во енергетиката од увозно зависна земја, ќе нè направат земја која извезува електрична енергија што ќе влијае позитивно во финансиските биланси.
Во однос на изградбата на интерконекторот за гас со Грција, Мицкоски појасни дека на минатата влада и бил оставен завршен проект со потпишани договори, обезбедено финансирање, проектирање, но по 7 години тие ништо не направиле освен тендер со основ за корупција кој го довел во прашање финансирањето на истиот.
„Заемодавателите рекоа дека не го финансираат затоа што во тендерската документација има делови кои укажуваат на корупција и рекоа дека се повлекуваат или да се коригира тендерската документација да почне од почеток. Имајќи предвид дека овој интерконектор е многу значаен за иднината на државата, затоа што со него и интерконекторот во соседна Србија и крак до соседно Косово, ние стануваме многу значаен играч во делот на транзитот на енергенси, затоа што капацитетот на овој интерконектор околу е 3 милијарди метри кубни, со оние кои доаѓаат од исток ќе дојдеме до 4 или 4,5 милијарди метри кубни, а ние како држава трошиме половина милијарда, значи 4 милијарди ќе транзитираат. Прв пат стануваме земја која ќе биде на мапата транзит држави на ваков тип на енергенси и замислете тие си играат 7 години и тендерот паѓа затоа што имало основ за корупција. Ние ја коригиравме тендерската документација, ја објавивме, избравме изведувачи, пративме до заемодавателите и тие дадоа зелено светло“, изјави Мицкоски.
Додаде дека фирмата од пред еден месец е воведена во работа, теренските активности се завршуваат и се оди со исклучително брза динамика и околу 10 јули се планира официјално да им се претстави на македонските граѓани дека се гради втор интерконектор.
„Досега имавме еден со Бугарија, но еднонасочен, овој е двонасочен. И тој кој планираме да го градиме со Србија за да бидеме земја низ која ќе транзитира гас. Очекувам крајот 2026 година или почетокот на 2027 година, овој да биде функционален и поврзан со националниот гасовод на Македонија. Тоа е сериозна работа, бидејќи ќе може да се донесат нови количини за новите гасни централи кои ги планираме во Скопје, но и низ државата. Енергетската независност не е само со овој интерконектор, туку продолжуваме да ја градиме бидејќи тоа е архитектура за иднината на државата“, потенцираше Мицкоски.
Тој посочи дека се почнува и со многу значаен проект, а тоа е ветерниот парк во Штип, Карбинци и Радовиш кој годишно со максимален капацитет ќе произведува 1 терават час електрична енергија, тоа е околу 20% од денешно планирано производство на АД ЕСМ и за прав пат оваа година се очекува да заврши годината со резултат еднаков на нула, односно ќе произведеме онолку колку ќе потрошиме.
„Се разбира ќе има периоди од годината кога ќе увезуваме, тоа е најчесто зимно, ќе има и кога ќе извезуваме, но на крајот на годината за прв па ќе бидеме нула, нема да бидеме увозно зависна, а потоа откако ќе бидат пуштени првите количини ќе бидеме извозник, што е историски показател, ќе имаме вишок на електрична енергија и тоа ќе влијае и во финансиските биланси и во БДП“, изјави Мицкоски.
Додаде дека со Косово обезбедуваме околу милион тони јаглен кој понатаму ќе се плати со струја, а не како порано со тендери, високи цени, броење кеш, сега е поразлично и прашање е зошто порано се плаќал јагленот поскапо од сега и каде одела таа разлика.
Економија
Славески со претставници на членките на МБА: во фокусот предлозите за намалување на трошоците што ги сносат граѓаните и компаниите при користење на платежните услуги

Во просториите на Македонската банкарска асоцијација се одржа работна средба помеѓу гувернерот на Народната банка, Трајко Славески, и претставници на членките на Асоцијацијата. На состанокот, гувернерот ги претстави ставовите и предлозите на централната банка во насока на намалување на трошоците што ги сносат граѓаните и компаниите при користење на платежните услуги.
Во своето обраќање, гувернерот истакна дека целта на иницијативата е провизиите да се постават на ниво кое ќе биде одржливо за банките, но истовремено да бидат фер и прифатливи за корисниците. При тоа Народната банка е подготвена да го направи првиот чекор во оваа насока со намалување на надоместоците што ги плаќаат банките за користење на услугите во МИПС. Истовремено очекуваат банките во најкус можен рок да ја ревидираат висината на надоместоците за извршување на плаќањата за граѓаните и компаниите и да ги постават на разумно ниво, односно: намалување на надоместоците за одржување на платежни сметки за правни лица, со акцент на олеснување на товарот врз малите и средни компании; укинување на надоместоците за користење електронско и мобилно банкарство; укинување на надоместоците за плаќања со платен налог во рамки на иста банка; намалување на надоместоците за меѓубанкарски плаќања во денари преку платните системи КИБС и МИПС; поедноставување и намалување на трошоците за подигнување готовина на банкомати на други банки и намалување на надоместоците што банките ги наплатуваат од трговците за прифаќање картички.
Во рамки на средбата претседателката на Македонската банкарска асоцијација, Маја Стевкова Штериева, изрази благодарност до гувернерот Трајко Славески за изнесеното обраќање и ги сподели ставовите на Асоцијацијата по однос на предлозите за намалување на надоместоците за платежни услуги.
Во своето излагање таа потенцираше дека цените на банкарските услуги се определуваат индивидуално од страна на секоја банка, преку органите на управување, и дека Македонската банкарска асоцијација, од своето основање до денес, никогаш не дискутирала за цените на производите или услугите како заедничка тема. „Во иднина, ќе продолжиме да дискутираме за можните насоки на дејствување, но одлуките за цените остануваат во надлежност на секоја банка поединечно“, истакна таа.
Воедно, посочи дека е важно да се согледа контекстот на податоците што се објавуваат во јавноста, особено во однос на учеството на надоместоците во приходите на банките. Таа додаде дека банкарскиот сектор е меѓу најтранспарентните во земјата, обврзан да објавува точни и детални информации согласно регулативата, што не е случај со голем дел од другите сектори во економијата. „Кога правиме споредби, мора да имаме предвид дека банкарскиот сектор функционира на високо ниво на транспарентност, додека кај многу други сектори тоа не е така – податоците често се нецелосни или неточни“, нагласи Стевкова Штериева.
Во однос на евентуалното намалување на одредени надоместоци, таа посочи дека станува збор за сложен процес кој бара внимателна анализа на трошоците, особено имајќи ги предвид значајните расходи што банките ги имаат, како во делот на ИТ, така и за услугите поврзани со меѓународни провајдери во областа на картичниот бизнис. „Затоа се залагаме колку што е можно повеќе услуги да се развиваат со сопствени ресурси во Македонија, што би придонело за намалување на трошоците и овозможување поповолни услови за клиентите“, додаде таа.
Како еден од потенцијалите за намалување на трошоците, беше посочено и најавеното намалување на надоместокот за користење на МИПС-системот, што би можело да се транспонира во пониски трошоци за клиентите во иднина.
Македонската банкарска асоцијација останува отворена за соработка и ќе делува во насока на унапредување на платежните услуги, вклучително и преку разгледување на предлозите и иницијативите изнесени од страна на гувернерот.