Економија
Македонија се промовираше и во Малезија

Македонија и Малезија имаат многу сличности, како што се мултиетничноста и мултикултурноста, мирољубивоста и трудољубивоста, отвореноста за надворешна трговија и странски инвестиции.
Македонија и Малезија имаат многу сличности, како што се мултиетничноста и мултикултурноста, мирољубивоста и трудољубивоста, отвореноста за надворешна трговија и странски инвестиции.Ваква порака упати денеска македонскиот премиер Никола Груевски на бизнис форум во Куала Лумпур, Малезија, организиран од Малезиската индустриска стопанска комора. „Преку ваквите бизнис форуми целта е да се пренесе приказната за малата, но растечка европска економија, која неодамна се искачи на третото место на најдобрите реформски ориентирани земји во светот, според Извештајот “Doing Business”“ , дополни Груевски.Тој ги потенцираше суштинските реформи за подобрување на деловната клима и градење имиџ на мошне привлечна европска инвестициска дестинација, при што се осврна на рамниот данок од 10% и за персоналниот доход и за добивката, ослободувањето од оданочување на задржаната добивка, постепеното намалување на социјалните придонеси за една третина, инвестирањето во човечкиот капитал преку инвестиции за образование на ниво од 6% од БДП.Груевски нагласи дека Македонија е отворена економија, која преку потпишаните договори за слободна трговија со Европската унија и земјите од ЕФТА и Југоисточна Европа (ЦЕФТА), како и со Турција и Украина, сега е дел од големиот европски пазар..Премиерот истакна дека е вистинско задоволство одблиску да се види забрзаниот чекор на една новоиндустријализирана пазарна економија, како Малезија, која постигнува просечна стапка на економски раст од 6,5% во изминатите педесет години. „Од некогашен извозник на природни ресурси и суровини, Вашата земја денес изгради силно разгранета економија, која произведува високотехнолошки производи. Дозволете ми да му честитам на малезискиот народ за извонредните економски постигнувања, за кои допрва ќе се учи“, рече Груевски. На форумот се обрати Вонг Лаи Сум, извршен директор на Малезиската корпорација за надворешно-трговски развој, малезиска владина агенција која што работи во областа на надворешно-економската соработка. Таа се осврна на отворањето нови можности за продлабочување на економските релации помеѓу Малезија и Македонија. Обраќање на форумот имаа и вицепремиерот Зоран Ставрески, министерот за привлекување на странски инвестиции Бил Павлески и Директорот на Технолошко индустриските развојни зони Виктор Мизо, кои говореа за поволностите кои Македонија им ги нуди на странските инвеститори.Премиерот Груевски и членовите на владината делегација остварија повеќе тет-а-тет средби со претставници на малезиски компании. Владината делегација со денешниот настан во Куала Лумпур, на кој имаше претставници на повеќе компании од секторите за преработка на храна, автомобилска индустрија, хотелиерство, финансиски сектор, ИТ сектор и други, ги заврши презентациите на македонските инвестициски можности во рамки на посетата на Индија и Малезија. /крај/со/ап/
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Економија
Божиновска-Триподи: Македонија е стабилен и предвидлив партнер за големи енергетски проекти со јасна регулаторна рамка

Во рамки на Бизнис форумот „Италија – Северна Македонија“, кој денес се одржа во Скопје, министерката за енергетика, рударство и минерални суровини, Сања Божиновска, оствари билатерална средба со Марија Триподи, заменичка министерка за надворешни работи и меѓународна соработка на Република Италија.
На средбата беше изразено заедничко задоволство од сè поинтензивната економска и политичка соработка меѓу двете земји, особено во доменот на енергетиката, каде што постои значаен интерес од италијански компании за инвестирање во зелени и одржливи технологии.
Министерката Божиновска ја информираше соговорничката за тековните проекти што ги спроведува Министерството, како и за новите можности за странски инвестиции во обновливи извори на енергија, енергетска инфраструктура и складирање на енергија. Таа истакна дека Северна Македонија станува стабилен и предвидлив партнер за големи енергетски проекти, со јасна регулаторна рамка и амбициозни цели во енергетската транзиција.
Од страна на г-ѓа Триподи беше изразена поддршка за енергетските реформи што ги спроведува земјата и интерес за продлабочување на билатералната соработка преку конкретни проекти и партнерства, како на институционално, така и на деловно ниво.
Двете соговорнички се согласија дека енергетиката претставува стратешко поле за понатамошно поврзување на Северна Македонија и Италија, со можност за заеднички проекти во контекст на регионалната поврзаност, транзицијата кон чисти извори и развој на модерна енергетска мрежа.
Економија
Дурмиши ја претстави новата мерка за практикантство – шанса за над 1.300 млади невработени

Министерот за економија и труд, Бесар Дурмиши, денеска ја презентираше новата мерка за практикантство, како дел од Оперативниот план за активни мерки за вработување за 2025 година. Со оваа мерка, директно се инвестира во знаењето, капацитетите и потенцијалот на младите лица до 29 години.
„Ова не е само план на хартија – ова е план за иднина. План во кој секој млад човек, секоја жена, секој невработен добива шанса“, порача Дурмиши.
Целта на мерката е 1.352 невработени лица до 29 години, со најмалку завршено средно образование, да стекнат практични работни вештини и искуство. Новина е воведувањето на виртуелно практикантство – онлајн обука за 40 лица, прилагодена на модерните услови на работа. За сите вклучени е обезбеден месечен надомест од 12.000 денари, со платено осигурување и персонален данок, во траење до три месеци.
Мерката е дел од поширокиот Оперативен план за вработување, со кој Владата издвои рекордни 40 милиони евра за над 10.000 граѓани. Преку мерката за субвенционирано вработување, микро, мали и средни претпријатија, социјални бизниси и граѓански организации се повикуваат да отворат нови работни места. Досега се пристигнати 1.133 апликации, за над 1.400 вработувања.
Финансиската поддршка изнесува:
-250.000 денари за вработување младо лице до 29 години;
-220.000 денари за жени, Роми, лица со попреченост, долгорочно невработени и корисници на социјална помош;
-160.000 денари за лица над 29 години.
Досега, преку јавните повици за активни мерки според соопштеното, поднесени се 6.026 апликации.
„Интересот за мерките покажува дека дека граѓаните не се откажуваат. Напротив, тие се подготвени да направат чекор напред“, изјави министерот.
Економија
Андоновски: Зголемена соработка меѓу Македонија и Италија во областа на иновациите и технолошкит развој

Во рамките на Бизнис форумот помеѓу Македонија и Италија, министерот за дигитална трансформација, Стефан Андоновски, ги претстави националните заложби во областа на технолошките иновации, дигиталната трансформација и сајбер безбедноста.
Од Министерството соопштија дека на форумот беше истакната посветеноста на Македонија кон исполнување на реформската агенда на Европската Унија, при што новите реформски закони, особено Законот за сајбер безбедност, претставуваат силен доказ за заложбите на државата во заштита на граѓаните во дигиталниот простор и унапредување на технолошката отпорност.
На маргините од форумот, беше осстварена и средба со Мариа Триподи, заменик-министерка во Министерството за надворешни работи и меѓународна соработка на Италија. На средбата беа разгледани клучни прашања од политичко и економско значење на двете земји, при што беше потенцирано стратешкото партнерство меѓу Македонија и Италија и продлабочување на соработката во дигитализацијата, трговската размена и политичката поддршка.
Во таа насока, беше предложено потпишување на Меморандум за соработка со ресорното италијанско министерство, со цел унапредување на институционалната соработка и размена на искуства во областа на иновациите, дигиталните алатки и сајбер безбедноста.
“Партнерството со Италија покажува дека и мала држава како Македонија може да има значајна улога на светската сцена. Ова е шанса за нови инвестиции, но и поддршка за македонските компании да го освојат европскиот пазар”, истакна Андоновски за време на форумот.
Заменик-министерката Триподи изрази поддршка и признавање за посветеноста на Македонија во процесот на дигитална трансформација, нагласувајќи ја важноста од продлабочување на билатералната соработка.