Општество
Голем интерес за изградба на домови за стари лица и градинки
Интерес да инвестираат во изградба на домови за стари лица пројавиле 55 домашни и странски физички и правни лица, а 28 домашни или, пак, странски инвеститори се заинтересирани за изградба на детски градинки, информираше во петок владиниот портпарол Александар Ѓорѓиев.
„Веќе се посочени 35 локации наменети за изградба на приватни домови за стари лица и 55 објекти кои со интервенција или адаптација можат да се користат за оваа намена. Исто така, посочени се и 23 локации на кои може да се изградат приватни детски градинки и се посочени 14 објекти кои би можеле со определени интервенции да се користат за отворање на приватни детски градинки“, рече Ѓорѓиев.
Министерството за труд и социјална политика во втората половина на август ќе објави повик за продажба на објект во општина Пехчево со намена за отворање на приватен дом за стари лица. Во третиот квартал од годината се очекува и општина Неготино да распише постапка за продажба на градежно земјиште кое ќе се продава по 1 евро за метар квадратен, и на кое ќе биде предвидено да се изгради дом за стари лица. Постапката пак за продажба на градежно земјиште во општина Аеродром кое е наменето за изградба на дом за стари лица е завршена, и се очекува во наредниот период отпочнување на градежните работи. Странски инвеститор е во финална постапка за добивање на објект во општина Богданци, кој треба да биде пренаменет за отворање на дом за стари лица. Во тек се и постапки за основање на приватни установи за социјална заштита на стари лица во општините Гостивар, Струмица, Крушево, Карпош и Аеродром. Сето ова говори за квалитетот на проектот и за добрите можности за водење бизнис во оваа сфера, но дава и корист за старите лица бидејќи се обезбедуваат услови за нивен квалитетен прием и згрижување.
Во однос пак на делот на изградба и стопанисување на детски градинки има сериозен интерес и заинтересирани инвеститори за изградба на детски градинки во општините Аеродром, Гостивар, Центар Жупа и Битола, со кои во тек се разговори и се преземаат активности за обезбедување на локација.
„Владата ги повикува сите заинтересирани инвеститори од областа на приватниот бизнис да се запознаат со условите кои се нудат, да ги проучат и да направат анализи за потенцијален влез во дејноста, и на тој начин да остварат корист за својот бизнис, и да овозможат отворање на нови работни места и на вработување на нови лица“, рече Ѓорѓиев. /крај/со/мф
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Халкбанк со голема акција за пошумување во Делчево како дел од иницијативата „Еден милион садници за пет години“
Халкбанк АД Скопје денес ја реализираше новата етапа од својата долгорочна зелена иницијатива „Еден милион садници за пет години“, со засадување багремови садници на површините од „HalkForest“ во Малешевијата, на локација во Делчево.
Акцијата беше спроведена во партнерство со ЈП Национални шуми и со учество на менаџментот на Банката, дел од вработените и стручни претставници од јавното претпријатие.
Ова пошумување е дел од најамбициозната еколошка програма на Халкбанк досега, иницијатива која што Банката ја започна минатата година, а е препознаена како системски придонес за борба против загадувањето, обновување на шумските екосистеми и подобрување на квалитетот на воздухот.

Со најновата акција, Халкбанк повторно ја потврди својата определба, одржливоста да биде трајна, а не декларативна обврска.
„За нас, одржливоста е дел од јасно поставена стратегија и подразбира постојана работа, планирање и вистински ангажман. Пошумувањето е активност со мерливи ефекти, го намалува загадувањето, ја подобрува еколошката рамнотежа и создава услови за поздрава средина. Со иницијативата ‘Еден милион садници за пет години’ покажуваме дека сме подготвени континуирано да инвестираме во решенија кои носат долгорочна вредност за сегашните и идните генерации,“ истакнаа од Халкбанк.
Акцијата во Делчево е дел од програмата што се реализира преку платформата ХалкЕко, преку која Банката во изминатите години засади над 100.000 садници, организираше спортски и еко настани, поддржува едукативни програми и придонесува кон уредување јавни простори низ државата.
Халкбанк останува посветена на исполнување на целта за засадување еден милион нови садници во период од пет години, со стратешки пристап и цврсто партнерство со институциите и локалните заедници.
(ПР)
Македонија
Г.г. Стефан: Да ги зацврстиме единството и слогата, да ги надминеме разногласијата и меѓусебните поделби
Ариепископот Охридски и македонски заедно со Светиот архиерејски Синод, по повод велигденските празнувања, испраќа мир и благослов од Бога до свештенослужителите, монаштвото и до сите чеда на МПЦ-ОА.
– Христовото воскресение е смислата на нашето севкупно постоење. Тоа е стожерот околу којшто се одвива сиот наш живот и камен-темелникот врз којшто се гради сиот наш подвиг на верата, на надежта и на љубовта во Бога. Тајната на Христовото воскресение го преобразува и го вообличува севкупниот наш поглед кон светот и човекот, кон времето и вечноста. Зашто, токму ова спасоносно собитие е најголемата вистина којашто му беше објавена на човековиот род и токму оваа Тајна над тајните е најрадосното благовестие со коешто велегласно беше возвестена конечната победа на животот над смртта, на доброто над злото и на љубовта над омразата, вели г.г. Стефан меѓу другото во обраќањето.
Македонија
Православните верници го слават Велигден
Православните верници денеска го слават најголемиот христијански празник Велигден – Христовото воскресение, ден кога Исус Христос ја докажал својата божествена моќ и воскреснал од мртвите. Воскресението Христово на полноќ беше објавено во сите храмови на Македонската православна црква, а денеска се одржуваат воскресенски литургии.
Поглаварот на МПЦ-ОА г.г. Стефан богослужеше во Соборниот храм „Свети Климент Охридски“ во Скопје од каде го објави Христовото Воскресение и упати Велигденски пораки.

