Свет
Им пречам на квазиекспертите
Не знам што ќе донесе функцијата претседател на Судскиот совет и дали воопшто ќе ја вршам јас, но тврдам дека ако се случи тоа, ќе работам одговорно, како и се друго досега, изјави вчера Дане Илиев.
ДАНЕ ИЛИЕВ, ПРЕТСЕДАТЕЛ НА ВРХОВНИОТ СУД, ОБВИНУВА
Не знам што ќе донесе функцијата претседател на Судскиот совет и дали воопшто ќе ја вршам јас, но тврдам дека ако се случи тоа, ќе работам одговорно, како и се друго досега, изјави вчера Дане Илиев, претседател на Врховниот суд. Тој вели дека има само една функција, претседател на Врховниот суд, а другите се функционални надлежности, кои носат само одговорности. – Не е во ред што предложениот амандман се врзува со моето име бидејќи тоа ќе важи за сите наредни претседатели на Врховниот суд. Нападите дека во еден човек ќе се сконцентрира преголема моќ ако се прифати уставниот амандман, според кој претседателот на Врховниот суд по функција е и претседател на Судскиот совет, се од група таканаречени експерти, кои досега правеа турли-тава во правосудството. Тие се обидуваат да спречат да се средат состојбите во правосудството и да се работи според Уставот и законите. Мојата работа е регулирана со закон, а за тоа како работат таканаречените експерти, кои обвинуваат дека сум си присвоил многу функции, знаеме преку судските предмети што ги работеле. Мојот претходник, на пример, 260 од 365 дена не беше на работа и потроши илјадници евра за службени патувања – рече Илиев. Тој вели дека пратениците треба да одлучат дали претседателот на Судскиот совет ќе го направат англиска кралица со тоа што ќе му го одземат правото на глас. – Мора да се има предвид дека треба да се конституира орган што ќе функционира. Апелирам да се донесе решение според кое овој орган ќе функционира на принципот на одговорност – рече Илиев. Според него, нема конфликт на интереси ако претседателот на Врховниот суд е и претседател на Судскиот совет. – Претседателот нема да биде сам во Судскиот совет. Таму ќе има уште девет члена – судии и претставници на законодавната и извршната власт, така што другите ќе му ја оценуваат работата. Ни обвинувањата дека самиот ќе се избира за претседател на Врховниот суд не држат бидејќи постојат услови и критериуми за изборот. Според мене, за да се избере претседател на Врховниот суд, мора да има најмалку тројца кандидати – рече Илиев.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Свет
Спречен напад врз приватниот авион на германскиот канцелар Фридрих Мерц
Германската полиција спречила напад на еколошки активисти врз приватниот авион на германскиот канцелар Фридрих Мерц во еден хангар во градот Арнсберг, соопшти државното обвинителство.
Според соопштението, „полицијата во ноќта од среда кон четврток спречила три лица во обид да го оштетат приватниот спортски авион на претседателот на германската влада“.
Во соопштението на групата која ја презела одговорноста за обидот за напад се наведува дека три лица, на возраст од 23, 28 и 56 години, неовластено влегле во просторот на аеродромот Арнсберг-Менден, но полицијата спречила оштетување на авионот кој се наоѓал во еден од хангарите.
Меѓу приведените активисти е и познатата германска климатска активистка Ања Виндл. По акцијата, со соопштение се огласи и групата „Отпор колектив“, која ја презеде одговорноста за обидот за напад.
„Ние се обидовме, во рамки на протест, да го оневозможиме приватниот авион на канцеларот Фридрих Мерц. Додека климатската криза ескалира, германскиот канцелар се движи наоколу со приватен авион“, стои во соопштението на групата.
Свет
Макрон: Отворени сме за учество во дополнителни мисии на НАТО
Пред медиумите се обрати францускиот претседател Емануел Макрон, кој и натаму носеше очила за сонце за да прикрие инфекција на окото.
Тој изјави дека денешниот самит покажува единство во поддршката за Данска, нејзиниот територијален интегритет и суверенитет.
„Кога Европа е обединета, силна и реагира брзо, работите се враќаат во нормала и се смируваат“, наведе Макрон.
Додаде дека Европа мора да остане „на штрек“ и да продолжи да дејствува „обединето“, покажувајќи дека има „инструменти на располагање“ за, во случај на закани, да „наметне почит“.
Макрон исто така нагласи дека Франција е отворена за учество во дополнителни мисии на НАТО, најверојатно во арктичкиот регион.
Фото: ЕПА
Свет
„Нашите црвени линии не се тема за расправа“ – порака на данската премиерка од Брисел
Данската премиерка Мете Фредериксен пристигна на вонредниот самит на Европска унија.
На почетокот им се заблагодари на другите земји членки за поддршката.
„Кога Европа не е поделена, кога стоиме заедно, јасно и силно, вклучително и со подготвеност да застанеме во одбрана на самите себе, резултатите се видливи“, изјави таа.
Истакна дека Данска сака да најде решение и дека побарала посилна вклученост на НАТО во арктичкиот регион, додавајќи дека сите во НАТО се согласуваат со тоa.
„Потоа, на потрадиционален политички и дипломатски начин ќе разговараме со Соединети Американски Држави за билатералниот однос меѓу Кралството Данска и САД“, рече таа.
Притоа повтори дека Данска има свои црвени линии.
„Ние сме суверена држава и за тоа не можеме да преговараме“, порача таа, додавајќи дека Данска е отворена за разговори за зајакнување на соработката во арктичкиот регион.
„Секако дека сме подготвени да соработуваме со САД, како што отсекогаш сме правеле кога станува збор за безбедноста, но нашите црвени линии, кои воедно се и нашите демократски правила, не можат да бидат предмет на расправа“, нагласи Фредериксен.
На прашањето дали и понатаму ѝ верува на американската администрација, таа накратко застaна и дипломатски одговори: „Соединетите Американски Држави се наш близок партнер веќе многу години, но мора да соработуваме врз основа на меѓусебно почитување, без закани. Затоа, секако, се надевам дека ќе најдеме политичко решение во рамките на демократијата.“
Во речиси секој одговор таа повторно ги нагласи данските црвени линии поврзани со суверенитетот.

