Македонија
МОН и просветниот инспекторат бараат непотизам низ останатите универзитети

Министерот за образование и наука, Никола Тодоров најави дека наскоро МОН ќе излезе со нови детални информации за непотизам и семејни вработувања низ универзитетите во државата.
„Инспекцијата е влезена во уште еден јавен универзитет, можам да кажам тоа е Универзитетот „Св. Климент Охридски“ од Битола, посебно во Охрид, за таму имавме сериозно забелешки и некои од тие забелешки се потврдија,“ одговори денеска Тодоров на новинарско прашање за семејните вработувања.
Тој рече дека Министерството нема интенција да утврди кој универзитет има најголем број на семејни вработувања, туку сака да ја утврди фактичката состојба и потоа да направи систем кој во иднина ќе ја оневозможи оваа појава.
„Ниту постојните ректори ниту постојните декани не се виновни за оваа ситуација, во оваа ситуација виновно е тоа што во системот не била регулирана ваквата состојба,“ рече Тодоров./крај/ко
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
(Фото) Филипче положи цвеќе на вечните почивалишта на претседателите Глигоров и Трајковски и премиерот Кљусев

По повод 8 Септември, Денот на независноста на Република Северна Македонија, претседателот на Социјалдемократскиот сојуз на Македонија, д-р Венко Филипче, заедно со заменик-претседателката на СДСМ, Фани Каранфилова Пановска, и генералниот секретар на партијата, Александар Димитријевиќ, положија цвеќе и оддадоа почит на вечните почивалишта на првиот претседател на независна Македонија, Киро Глигоров, поранешниот претседател Борис Трајковски и првиот премиер на државата, Никола Кљусев.
„Со овој чин, СДСМ ја изразува својата благодарност и почит кон државниците кои со својата посветеност и визија оставија траен белег во создавањето на независна, суверена и демократска Македонија. Нивната мисија не беше лесна, но благодарение на нивната мудрост и државнички пристап, успеаја да го трасираат патот кон стабилна, современа и просперитетна држава“, велат од СДСМ.
Претседателот Филипче посочи дека Глигоров, Трајковски и Кљусев го трасираа патот по кој и денес чекориме, пат кој не смееме да го напуштиме, во 1991 се изборивме за независност, денес мора да се избориме за подобра иднина. Тоа не е ниту лесна, ниту брза борба, но е борба вредна за сите граѓани на Македонија, рече Филипче.
Одбележувањето на Денот на независноста не е само потсетување на минатото, туку и обврска за иднината – заедничка, праведна и европска Македонија, додаваат од СДСМ.
Македонија
(Видео) Филипче: Ова е држава на сите, мора да се бориме за нашиот дом

„Државата не е ничија сопственост. Не е сопственост на партиите, ниту на владата. Државата е на граѓаните. Таа е нашиот дом. За нашиот дом мора да се бориме сите“, вели претседателот на СДСМ, Венко Филипче, во видео-обраќањето по повод 8 Септември, Денот на независноста.
Филипче потсети дека пред 34 години, граѓаните со храброст и одговорност ја донесоа една од најважните одлуки во историјата на Македонија – одлуката да живееме во своја, независна држава. Таа независност не беше подарок, туку резултат на визија, мудрост и истрајност.
„Македонија е на тие што се борат со животот секој ден, на тие што се грижат за своите блиски, што работат, што плаќаат даноци, што не бараат привилегии. Македонија е и на тие што останаа овде, и на тие што заминаа, ама не заборавија.“
Во своето обраќање, Филипче предупреди дека денес државата е повторно пред закана – не од оружје, туку од корупцијата, неправдата, дискриминацијата и сиромаштијата. Тој укажа дека оваа власт ја претвора државата во сопственост на малкумина, а ја оддалечува од граѓаните.
„Сакам да ѝ порачам на власта – ова е земја на сите, за сите. Не е само ваша.“
Според него, патриотизам денес не значи само да се вее знаме, туку да се обезбеди фер судство, еднакви шанси за сите, поддршка за послабите, чист воздух за сите граѓани и отчетност во трошењето на јавните ресурси.
„Патриотизам е да се бориш за чист воздух, а не да палиш депонии. Патриотизам е да помагаш на послабите, а не да трошиш од државните ресурси за себе. Патриотизам е да си го средиме сопствениот двор, сопствениот дом, да се грижиме за заедничкото – оти заедничкото е и ваше и наше, и твое и мое.“
Претседателот на СДСМ подвлече дека социјалдемократската идеја била и останала двигател на најважните државни одлуки и историски моменти: Во 1991 и 2001, СДСМ ја сочува државата од војна, ги изгради институциите од нула, ја зголеми минималната плата од 9.000 на 25.000 денари, го зајакна социјалниот систем и вложуваше во граѓаните и го донесе членството во НАТО.
„Сè што имаме – институции, плати, социјална помош, НАТО – не ни беше подарено. Сè е изборено, со многу мака и отпор.“
Во финалниот дел од обраќањето, Венко Филипче ја упати пораката што СДСМ ќе ја носи и во наредниот период – повик за нова, обединета борба:
„Ако 1991 се изборивме за независност, сега треба да се избориме за иднина.“
Филипче потсети дека патот кон Европската Унија не е само геополитички избор, туку обврска кон граѓаните кои сакаат стабилност, правна држава, повисоки стандарди и модерна економија.
„Денес сме на чекор од Европа. Тој чекор мора да го направиме сами, но заедно и обединето. Бидејќи јас верувам дека сите на крајот го сакаме истото – сигурна иднина на оваа држава и на нашите деца“, заврши Филипче.
Македонија
Герасимовски: Независноста е аманет од нашите предци, должност е да ја чуваме и развиваме Македонија

Градоначалникот на општина Центар, Горан Герасимовски упати честитка до сите граѓани по повод 34 години од прогласувањето на незавноста на Македонија.
„На денешен ден, 8 Септември, со гордост се потсетуваме на историската одлука на нашиот народ, да зачекори на патот на слободата и самостојноста, да ја зацврсти својата државност и да ја испише најсветлата страница во современата историја на Македонија.
Овој ден е потсетник дека независноста е вечен аманет од нашите предци, наше е да ја чуваме татковината, да ја развиваме државата и да ја предаваме посилна и поуспешна на идните генерации.
Во време на предизвици, потребни ни се сплотеност, солидарност и меѓусебно разбирање. Само така можеме да изградиме општество во кое ќе владеат доверба, еднаквост и почит, држава во која секој граѓанин ќе се чувствува достоинствено и сигурно.
Да продолжиме заеднички да го остваруваме сонот на генерациите пред нас – Македонија како современа, праведна и европска држава.
Нека ни е честит 8 Септември, Денот на независноста!“, истакнува Герасимовски.