Македонија
Јанкулоска: Убиството во Гостивар да не се злоупотребува за поттик на меѓуетнички тензии
Министерката за внатрешни работи, Гордана Јанкулоска, по двојното убиство што го изврши полицаецот во Гостивар, кога беа убиени две момчиња Албанци, апелира овој настан да не се злоупотребува како поттик за промоција на
Министерката за внатрешни работи, Гордана Јанкулоска, по двојното убиство што го изврши полицаецот во Гостивар, кога беа убиени две момчиња Албанци, апелира овој настан да не се злоупотребува како поттик за промоција на меѓуетнички тензии и нетрпеливост, бидејќи според неа, овој настан воопшто не е поврзан со меѓуетничките односи.
Таа ги отфрла обвинувањата од Општина Гостивар дека Министерството во овој случај постапувало пристрасно.
„Мислам дека е неупатно да се прават обиди политички или на кој и да е друг начин да се профитира од овој настан, бидејќи се работи за еден настан во кој двајца луѓе го загубија животот. Човечкиот живот не може да биде компензиран со ништо и затоа апелирам сите да се воздржат од обидите за профитерство и од обидите за подгревање на етничките тензии на сметка на овој случај. МВР не може ниту да ги толкува, ниту да ги интерпретира, ниту да ги авторизира изјавите на лицата, вклучително и на осомничениот по однос на нивното видување на настанот. Ние сме должни да ја евидентираме изјавата на осомничениот и тоа е сторено. Тоа е неговото видување на настанот, меѓутоа нашето видување на настанот е дека е случено кривично дело убиство и таква пријава е поднесена“, изјави министерката Јанкулоска.
Министерката, исто така, апелира и на трпение за да се сочекаат исказите на другите евентуални сведоци, односно да му се овозможи на судот да даде реална оцена за околностите под кои се случило кривичното дело.
Полицијата не успеала да земе исказ од десетгодишната ќерка на осомничениот, којашто била со него во моментот на инцидентот, бидејќи била во тешка состојба поради претрпениот стрес и не била во можност да даде исказ. Според информациите на МВР, семејството на осомничениот не се наоѓа во Гостивар, но немаат информации каде е.
Не е земен исказ ниту од другите двајца учесници во инцидентот коишто биле заедно со убиените момчиња.
„До овој момент ние имаме обезбедено изјава од сторителот и тој е предаден на истражен судија. Самиот факт што е поднесена кривичната пријава, практично значи дека истрагата односно оној кој го води случајот во моментот е истражениот судија, но на негово барање или на барање на обвинителот ние продолжуваме да бидеме ангажирани во насока на обезбедување на сите дополнителни докази и искази кои ќе одат во прилог на расчистување на случајот. Во таа смисла и претходно зборував доколку во истрагата се процени дека е потребен исказ од било кое друго лице тој ќе биде обезбеден, вклучително и малолетното дете кое било вклучено во настанот, но и другите лице кои можат да понудат информации по однос на околностите во кои се случил настанот, доказите, во насока на аргументирање на пријавата која ја поднесовме“ вели Јанкулоска.
Во однос на информациите дека полицаецот и претходно имал кривични пријави, министерката вели дека тој бил вработен во полицијата во 2002 година, кога таа нема никаков увид во вработувањата во МВР и додава дека на полицајците им се прават сите потребни здравствени прегледи.
Инцидентот се случи во вторникот околу 13 часот кога започнала расправија меѓу полицаецот, кој тогаш не бил на службена должност и неговите соседи, двајцата убиени, кои се од албанска националност.
Според информациите на МВР, инцидентот се случил кога полицаецот ја земал својата ќерка од училиште и ја враќал дома. Во близина на неговиот дом кога сакал да го паркира своето приватно возило, бил нападнат од четири лица.
Според неговиот исказ, настанала прво вербална расправија меѓу нив, по што полицаецот испукал два предупредувачки куршума во воздух, а потоа со својот службен пиштол пукал кон двајца од напаѓачите.
Повредените биле пренесени во Медицинскиот центар во Гостивар, каде што им подлегнале на повредите.
Полицаецот со своето возило и заедно со својата малолетна ќерка самиот се пријавил во Полициската станица Гостивар./крај/фф
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Во Охрид најкритично во Далјан, се излеа и Кочанска река – извештај за состојбата по обилните дождови
Обилните врнежи на дожд предизвикаа зголемен водостој на реките и локални излевања во повеќе делови од државата, информира Центарот за управување со кризи (ЦУК), според состојбата до 18:00 часот.
Во Штипско–Кочанскиот регион е регистрирано локално излевање на Кочанска река кај селото Горни Подлог, каде што интервенира КЈП „Водовод“ Кочани со механизација. Оризарска река има излевање кај селото Грдовци, а на терен интервенира Водостопанство „Брегалница“, додека полицијата од Кочани го обезбедува подрачјето и го регулира сообраќајот. Зрновска река се излева пред вливот во Брегалница, а состојбата ја следи Регионалниот центар за управување со кризи. Злетовска река и Брегалница имаат зголемен водостој, но без излевање. На патниот правец Македонска Каменица – рудник Саса се интервенира поради одрон.
Во Охрид, најкритична е состојбата во населбата Далјан по излевање на реката Далја. ЈП „Водовод“, „Нискоградба“ и „Комуналец“ интервенираат со механизација, додека Територијалната противпожарна единица и Дирекцијата за заштита и спасување со пумпи вршат испумпување на водата од поплавените објекти. Регионалниот центар за управување со кризи Охрид ги координира пријавите преку бројот 112. Кај Коселска река, во правец на селата Ливоишта и Вапила, се преземаат мерки за заштита на патниот правец.
Во Кичево, поради претходните врнежи, дел од површините се заезерени, а состојбата со поплавените објекти на улицата „Прилепска“ е непроменета. ТППЕ, ДЗС и ЈП „Комуналец“ вршат испумпување и обезбедување на теренот, додека Општина Кичево и Црвениот крст се грижат за евакуираните лица.
Во Битолскиот регион, во Општина Битола се вршат теренски контроли од страна на РЦУК и општинските служби. ЈКП „Комуналец“ интервенира во населбата Стрчин, „Македонија пат“ расчистува на регионалниот пат Р-2333, а Водостопанство ја следи состојбата на реките Шемница и Црна. Во Ресен и Демир Хисар се врши испумпување и заштита на загрозените површини.
Во Куманово, Липково и Крива Паланка состојбата се следи од РЦУК, општините и Водостопанство, а „Македонија пат“ и комуналните претпријатија вршат превентивно расчистување и посолување на ризични патни делници.
Во Тетово се интервенира со механизација на патиштата кон селото Ѓермо и месноста Бањиче. Во Мала Речица полицијата и инспекциските служби постапуваат по уривање на потпорен ѕид, а во Желино се интервенира по излевање кај реките Стримница и Палатица. На Попова Шапка, по координација со РЦУК Тетово, патот се расчистува со механизација. Во Гостивар, ЈП „Комуналец“ и Водостопанство преземаат мерки по пријавени излевања.
Македонија
ЗНАМ: Одбивањето лидерска средба е признание за политичка слабост
Движење ЗНАМ за Наша Македонија ја поздрави иницијативата на претседателот на Владата за одржување лидерска средба, оценувајќи ја како одговорен и државнички чекор насочен кон стабилност, дијалог и политичка зрелост во, како што наведуваат, клучен момент за државата.
Од ЗНАМ реагираат дека денешната прес-конференција на претседателот на СДСМ, Филипче, покажала отсуство на капацитет и волја за конструктивен политички дијалог, при што, според нив, наместо аргументи се нудат поделби, навреди и неосновани обвинувања.
„Кога се нема аргументи и резултати, се посегнува по стари сценарија – плашење на јавноста, теории на заговор и етикетирање на политичките противници“, се наведува во реакцијата, додавајќи дека, наместо соочување со сопственото минато, СДСМ повторно бега од разговор и се крие зад техничката влада.
Од Движење ЗНАМ за Наша Македонија нагласуваат дека се залагаат за целосно и непречено функционирање на институциите, одговорно носење одлуки и изнаоѓање конкретни решенија во интерес на граѓаните и државата. Според нив, на Македонија ѝ е потребна политичка храброст и зрелост, а не блокади, уцени и калкулации.
Во соопштението се посочува дека иницијативата за лидерска средба претставува можност релевантните политички чинители да покажат одговорност кон државата и граѓаните, при што одбивањето на дијалог, како што наведуваат, е признание за слабост.
ЗНАМ порачува дека останува определено за транспарентност, почитување на демократските процеси и враќање на довербата во институциите, како предуслови за стабилна држава и јасен, одговорен пат на Македонија кон полноправно членство во Европската Унија.
Македонија
Променливо облачно утре, дожд и снег најавени за северозападните делови
Времето утре ќе биде променливо облачно со сончеви периоди. Кон крајот на денот и во текот на ноќта, во северозападните делови од земјата ќе има повремени врнежи од дожд, додека на планините се очекува снег. Ќе дува слаб до умерен ветер од јужен правец. Минималните температури ќе се движат од -9 до -2 степени, а максималните од 3 до 9 степени.
Во Скопје се очекува променливо облачно време со сончеви периоди и слаб променлив ветер. Утринската температура ќе се спушти до -6 степени, а дневната ќе достигне околу 4 степени.
Во наредните денови следува нестабилен период. Во сабота ќе има локални врнежи, на планините и повисоките места од снег, а во пониските предели од дожд и снег. Врнежите ќе бидат пообилни во западните делови, каде што се очекува и дополнително зголемување на снежната покривка.
Во недела и понеделник ќе дува умерен до засилен северен ветер со брзина над 60 километри на час, а ќе има и повремени локални врнежи од снег. Температурите ќе бидат во опаѓање, при што на одредени места дневните температури ќе останат под нула степени.
Од вторник се најавува период на стабилно и суво време.

