Свет
Избори за руската Дума
Во цела Русија во недела се отворени избирачките места на коишто избирачите ќе се гласаат на парламентарните избори, на коишто повторно се очекува уверлива победа на владејачката Единствена Русија.
Во цела Русија во недела се отворени избирачките места на коишто избирачите ќе се гласаат на парламентарните избори, на коишто повторно се очекува уверлива победа на владејачката Единствена Русија.Први на изборите гласаа жителите на рускито далечен исток, уште во саботата навечер по македонско време, а до неделата рано наутро се отворени избирачките места во сите делови од најголемата земја по светот која е поделена во девет временски зони. Во Русија се регистрирани малку помалку од 110 милиони гласачи коишто гласаат на околу 95 илјади избирачки места. Во недела се избираат 450 пратеници во Државната дума, долниот дом од рускиот парламент, а гласачите можат да гласаат за партиските изборни листи на седум регистрирани партии. На изборите се кандидирани Единствена Русија, на која повторни и’ се предвидува надмоќна победа но не и двотретинско мнозинство во Думата, Комунистичката партија, ултранационалистичката Либерално демократска партија (ЛДПР), Праведна Русија, како и кандидатите на партиите Вистинска Работа, Јаблоко и Патриотите на Русија. Се очекува дека во новиот состав на Думата ќе влезат четири партии коишто беа и во претходниот петти состав – Единствена Русија, Комунистичката партија, ЛДПР и Праведна Русија. Аналитичарите сметаат дека партиите Вистинска Работа, Јаблоко и Патриотите на Русија нема да го достигнат изборниот лимит од седум отсто за влез во думата. Претходните состави на рускиот парламент имаа четиригодишен мандат, но пратениците од последниот го продолжија на пет години „во интерес на стабилноста“.Водечките агенции за истражување на јавното мнение оценуваат дека Единствена Русија на актуелниот премиер, претходен а многу изгледно и иден претседател на Русија, Владимир Путин, иако и натаму ќе го има стабилното мнозинство во парламентот, нема да ги повтори изборите од 2007 година кога освои дури 64,3 отсто од гласовите. Исто така, се наведува дека оваа партија ќе освои малку повеќе од 50 проценти од гласовите, што би значело дека ќе го загуби двотретинското мнозинство во Думата, што е потребно за уставни измени.Странските аналитичари, пак, сметаат дека резултатот до овие избори ќе влијаат врз авторитетот на Путин и неговата можност и натаму да го диктира политиката на земјата. Путин треба да се врати на должноста претседател на државата на претседателските избори идната година, а доколку биде избран, што е многу веројатно, ќе има мандат од шест години и теоретски може да остане на чело на Русија до 2014 година, со два последователни претседателски мандата колку што дозволува уставот. Изборите во Русија ги следат 697 странски набљудувачи, од коишто речиси половина се од Организацијата за безбедност и соработка (ОБСЕ) и од Советот на Европа, и повеќе до 500 домашни набљудувачи, соопшти во неделата претседателот на Централната изборна комисија, Владимир Чуров. За одржување на безбедноста и мирното одвивање на гласањето ангажирани се 331 илјада припадници на министерството за внатрешни работи. Само во главниот град Москва пред и за време на изборите редот ќе го одржуваат 51.500 полицајци и припадниците на внатрешните војски на министерството за внатрешни работи, додека за споредба на изборите за Думата во 2007 година беа ангажирани 20.000 полицајци. Заменикот на началникот на московската полиција, Вјачеслав Козлов изјави дека пред изборите е спроведена превентивна истрага на 159.000 станови, меѓу коишто осум биле на странци и 17.000 на луѓе кои нелегално живеат во Москва. Припадници на полицијата дежураат на сите избирачки места, и тоа не само поради одржувањето на редот и мирот за изборниот процес, туку и поради можното кршење на изборните закони, меѓу кои се недозволеното агитирање или поткупувањето на гласачите, соопшти руската полиција. По изборите, полицајците ќе го обезбедуваат транспортот на избирачкиот материјал.Министерството за внатрешни работи на Русија ги предупреди сите партии и движења, за коишто постојат информации дека планираат да одржат манифестации на денот на изборите, дека тоа не е дозволено доколку претходно не добијат согласност од властите. /крај/мф/сн
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Свет
Истражителите ја пронајдоа клучната причина за несреќата во Шпанија
Истражителите на местото на несреќата пронајдоа оштетен спој на шината за кој се верува дека е клучната причина за излетувањето на возот од шините, објави „Ројтерс“, повикувајќи се на извор запознаен со првичните наоди од истрагата.
Според агенцијата, експертите што ги истражуваат причините за несреќата од синоќа откриле скршен спој на шината.
Техничарите пронајдоа абење на спојот помеѓу деловите од шината, познат како рибја плоча, и рекоа дека ова укажува дека дефектот постоел веќе некое време.
Претседателот на шпанската државна железничка компанија „Ренфе“, Алваро Фернандез Хередија, претходно изјави дека „човечката грешка“ е практично исклучена како причина за несреќата.
Како што претходно беше објавено, засегнатиот дел од пругата беше целосно обновен дури во мај минатата година, но проблемите продолжија да се појавуваат на него.
фото/епа
Свет
Унгарија: Иднината на Гренланд не е прашање за Европската Унија
Иднината на Гренланд не е прашање за Европската Унија, изјави унгарскиот министер за надворешни работи Петер Сијарто за време на посетата на Прага, додека Унгарија сигнализираше дека нема да поддржи заедничка изјава на ЕУ за ова прашање.
„Сметаме дека ова е билатерално прашање кое може да се реши преку разговори меѓу двете страни… Не мислам дека е прашање на ЕУ“, рече Сијарто откако американскиот претседател Доналд Трамп ги засили напорите да го преземе суверенитетот над Гренланд од членката на НАТО Данска.
Претходно, Трамп рече дека безбедносните причини се клучни за неговата желба да ја преземе контролата врз Гренланд, сугерирајќи дека Русија и Кина би можеле да ја преземат контролата врз Арктикот ако Вашингтон не го стори тоа.
Заканата на Трамп да воведе царини за осум европски земји доколку не го поддржат неговиот план за купување на Гренланд предизвика шокови.
Тој објави дека ќе воведе царина од 10 проценти за увоз во Соединетите Држави на 1 февруари, која ќе се зголеми на 25 проценти од летото доколку не се постигне договор. Не е јасно дали царините ќе бидат дополнителни на постојните давачки.
Франција и Германија, кои се дел од група од осум земји во која се и Обединетото Кралство, Данска, Норвешка, Шведска, Холандија и Финска, изјавија дека ЕУ треба да биде подготвена да одговори доколку Трамп ги спроведе најавените мерки.
фото/ Depositphotos
Регион
Бугарскиот претседател поднесе оставка
Претседателот на Бугарија, Румен Радев, ја објави својата оставка, бидејќи се приближуваат предвремените парламентарни избори закажани за пролет, нов елемент во политичката криза што ја дестабилизира земјата пет години.
„Утре ќе поднесам оставка од моите должности како претседател на Република Бугарија“, рече Радев (62) во официјално соопштение.
Радев изјави во петокот дека земјата ќе одржи предвремени избори откако водечките партии го отфрлија мандатот за формирање влада, откако претходната администрација поднесе оставка минатиот месец поради широко распространети протести.
Неговата оставка дополнително ќе ги поттикне широко распространетите шпекулации дека ќе формира своја политичка партија. Во петокот, Радев ѝ понуди на Алијансата за права и слободи последна шанса да се обиде да формира влада, но партијата го отфрли барањето, трета што го стори тоа оваа недела.
„Одиме на избори“, рече Радев во петокот.
фото/епа

