Македонија
Милошоски на Министерска конференција на Алијансата на цивилизации за земјите од ЈИЕ

Министерот за надворешни работи Антонио Милошоски утре во Сараево ќе учествува на првата Министерска конференција на Алијансата на цивилизации за земјите од Југоисточна Европа
Шефовите на дипломатиите на земјите од ЈИЕ треба да усвојат министерска декларација и регионална стратегија со цел да се зацврсти меѓукултурниот дијалог и меѓуграничната соработка на земјите од ЈИЕ во четирите области на кои е фокусирана Алијансата – образованието, младите, медиумите и миграцијата.Регионалната стратегија ќе биде рамка за дефинирање заеднички иницијативи, активности и проекти, кои ќе придонесат за унапредување на соработката, комуникациите и меѓусебното разбирање. Покрај министрите за надворешни работи, на конференцијата ќе учествуваат и претставници на меѓународни организации, фондации и од граѓанскиот сектор во ЈИЕ. Алијансата на цивилизациите е основана под покровителство на Обединетите нации во 2005 година, на иницијатива на Шпанија и поддржана најпрво од Турција како ко-спонзор, а потоа и од другите членки на ОН. Алијансата на цивилизациите се смета за најзначајна интернационална иницијатива чија цел е создавање глобален политички простор за промоција на дијалогот меѓу народите и културите. За кратко време таа стана корисен инструмент за корекција на негативните перцепции за односите меѓу западниот и исламскиот свет. Првиот годишен форум на Алијансата на цивилизации на ОН се одржа во Мадрид во 2008, а вториот во Истанбул оваа година.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
На Табановце за излез од државата се чека околу 30 минути

Сообраќајот на државните патишта се одвива непречено, по суви коловози. Интензитетот на сообраќајот на патиштата надвор од градските средини е зголемен, извести АМСМ.
Поради летните одмори, се бележи зголемена фреквенција на возила, на ГП Табановце времето на чекање за излез е околу 30 минути. На останатите гранични премини од македонска страна нема подолги задржувања при влез или излез од државата.
Македонија
Дел од Аеродром денеска без струја

Регионалниот центар за управување со кризи на Град Скопје, по добиеното известување од ЕВН Македонија АД, информира дека: поради технички зафати во електродистрибутивната мрежа денеска, без електрична енергија ќе останат:
· од 08:30 до 15:30 часот, корисниците на улица Филип Богдански, општина Аеродром;
· од 09.00 до 13.00 часот, корисниците од дел од улицата Црноризец Храбар, од бр. 2 до бр. 20., општина Аеродром.
Македонија
Сончево со мала до умерена локална облачност, температурата до 32 степени

Времето денеска ќе биде сончево со мала до умерена локална облачност. Ќе дува слаб до умерен ветер претежно од југозападен правец. Попладне во планинските региони ќе има услови за локален слаб дожд.
Минималната температура ќе биде во интервал од 8 до 17, а максималната ќе достигне од 25 до 32 степена.
Во Скопје, сончево со мала до умерена облачност. Ќе дува слаб до умерен југозападен ветер. Минималната температура ќе се спушти до 14, а максималната ќе достигне до 31 степен.
Времео во наредните денови
Во вторник претежно во планинските региони ќе има услови за локален слаб дожд. Дневните температури ќе бидат малку под просекот за овој период од годината. Од средината на следната седмица времето ќе биде сончево и потопло со пораст на дневната температура.