Свет
Тропската бура Ајсак по Хаити ја погоди Куба
Тропската бура Ајсак откако предизвика шест смртни случаи на Хаити, во саботата ги зафати источните делови на Куба и е на пат за Флорида, каде треба да се одржи конвенцијата на Републиканската партија на која треба да биде потврдена претседателската кандидатура на Мит Ромни.
По високите бранови долж источниот брег на Куба од крајбрежејто се евакуирани илјадници жители, додека другите се евакуирани од областите крај големите реки поради стравувања од можни поплави. На некои места наврнале и до 200 литри дожд на квадратен метар, а најавени се и нови врнежи. Бурата се движи кон северозападен правец во насока на американската сојузна држава Флорида, каде е прогласена опасност од урагани.
Се предвидува дека под влијание на топлите води во Мексиканскиот залив, бурата Ајсак ќе се претвори во ураган од втора категорија со ветрови со брзина од 160 километри на час, како и дека кон средината на седмицата брегот на САД ќе биде погоден во потегот меѓу Панхандли на Флорида и Њу Орлеанс. Нафтените компании во Мексиканскиот залив пред надоаѓањето на Ајсак ги затвораат своите нафтени и бушотини за гас во морето.
Националниот центар за урагани во Мајами извести дека центарот на бурата во моментов е на 130 километри од североисточниот брег на Куба, како и дека засега се движи со брзина од околу 30 километри на час. Најсилните ветрови се приближуваат на брзини од 100 километри на час, соопшти центарот.
Американските медиуми нагласуваат дека Ајсак ѝ се приближува на Флорида додека Републиканската партија се подготвува да ја одржи таму националната конвенција на којашто Мит Ромни ќе биде и официјално прогласен за претседателски кандидат на оваа партија на изборите што ќе се одржат на 6-ти ноември годинава. Претставници на партијата изјавија дека конвенцијата ќе биде отворена во понеделник, како што е и планирано, но дека веднаш потоа ќе биде одложена до вторникот попладне, за да се гарантира безбедноста на делегатите и другите присутни.
Гувернерот на Флорида, Рик Скот кој во понеделникот требаше да одржи говор на четиридневниот собир на републиканците во Тампа, го откажа учеството на конвенцијата за да се посвети на подготовките за надоаѓањето на бурата Ајсак, а како што најави во своето соопштение, за својата одлука телефонски го известил Мит Ромни. Скот во саботата на Флорида поради доаѓањето на бурата прогласи вонредна состојба./крај/мф/сн
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Свет
Трамп: Не треба повеќе да имаме избори; Белата куќа: Се шегува
Белата куќа соопшти дека американскиот претседател Доналд Трамп не бил сериозен кога пред неколку дена изјавил дека можеби воопшто не треба да има избори за Конгресот. Портпаролката на Трамп, Каролин Ливит, изјави дека претседателот всушност сакал да биде хумористичен со изјавата, а не да го доведе во прашање одржувањето на изборите.
„Претседателот се шегуваше“, рече Ливит, одговарајќи на прашања од новинарите. Таа додаде дека Трамп зборувал во контекст на пофалба на работата на неговата администрација, сугерирајќи дека тие „работат толку добра работа“ што, во таа смисла, треба само да продолжат.
Изјавата на Трамп доаѓа од получасовно интервју што го даде за „Ројтерс“ во Овалната соба на Белата куќа завчера. Зборувајќи за среднорочните избори, Трамп изрази фрустрација од историскиот модел во кој партијата на власт често губи места во Конгресот.
„Кога ќе победите на претседателските избори, не ги добивате среднорочните избори“, рече Трамп, а потоа додаде дека неговата администрација направила толку многу што, рече тој, „кога ќе размислите за тоа, воопшто не треба да имаме избори“.
Изјавата предизвика загриженост и критики бидејќи уставот на САД предвидува одржување избори за Конгресот на секои две години, без можност за претседателска одлука за нивно откажување.
фото/Depositphotos
Свет
Италијански министер ги исмева европските сили во Гренланд: „15 Французи, 15 Германци – звучи како почеток на виц“
Италија одби да се придружи на европската мисија во Гренланд, а министерот за одбрана на земјата, Гвидо Кросето, отворено ја исмеа иницијативата, додека тензиите меѓу Европа и САД растат поради намерата на американскиот претседател Доналд Трамп да го окупира арктичкиот остров.
„Гренланд. Се прашувам зошто. Патување?“, рече тој денес во Рим. „15 Французи, 15 Германци – звучи како почеток на виц“, рече Кросето за европската мисија.
Оваа недела, некои европски земји испратија мал број воени лица во Гренланд, покажувајќи солидарност со Данска, што италијанскиот министер за одбрана рече дека не го разбира.
Трамп сака да го преземе Гренланд затоа што вели дека го смета за клучен за безбедноста на САД поради неговата стратешка локација и големите минерални резерви.
Тој не ја исклучи ниту употребата на сила за негово заземање.
фото/Depositphotos
Свет
Трамп им се закани на сите земји кои нема да го поддржат за Гренланд
Претседателот на САД, Доналд Трамп, се закани дека ќе воведе царини на земјите кои не го поддржуваат неговиот план САД да ја преземат контролата врз Гренланд.
„Можам да ставам царини на земјите ако не се согласат за Гренланд, бидејќи ни е потребен Гренланд за национална безбедност“, рече Трамп на тркалезната маса во Белата куќа за руралното здравје.
Трамп постојано изјавува дека САД апсолутно мора да го преземат Гренланд, со што дополнително ќе го зголемат притисокот врз Данска, на која формално ѝ припаѓа островот.
Неговата изјава доаѓа по состанокот во Белата куќа во средата, на кој присуствуваа данскиот министер за надворешни работи Ларс Локе Расмусен и министерката за надворешни работи на Гренланд, Вивијан Мотцфелд, заедно со американскиот државен секретар Марко Рубио и потпретседателот на САД, Џ.Д. Венс.
Истиот ден, Врховниот суд на САД објави дека очекува во вторник да донесе долгоочекувана одлука за легалноста на царините на Трамп. Прашањето е дали претседателот може сам да воведе царини или за тоа е потребно одобрение од Конгресот.
Трамп зборуваше на состанок кој формално беше посветен на инвестиции во руралните средини, но за време на говорот, како што е неговиот обичај, тој се осврна и на други политички теми.
фото/Depositphotos

