Свет
Клинтон го обвинува FBI за изборниот пораз

Кандидатката на штотуку завршените избори за претседател на САД од Демократската партија, Хилари Клинтон, го обвини во саботата директорот на Федералното биро за истраги (FBI) Џејмс Коми, за поразот на изборите кој не го очекуваше, во телефонски разговор со најголемите донатори, објавија во неделата двајца учесници на разговорите.
Најголемиот број од анкетите предвидуваа победа на Хилари Клинтон на 8-ми ноември. Меѓутоа, нов претседател на САД стана кандидатот на Републиканската партија, Доналд Трамп, што претставуваше шок за многу Американци кои покренаа протести против неговиот избор.
Клинтон не се појавуваше во јавноста по говорот во средата утрото во кој го призна изборниот пораз. Поранешната прва дама и државна секретарка на донаторите во саботата им кажала дека нејзиниот тим ги анализирал предизборните анкети и заклучил дека пресвртница претставувало писмото на директорот на FBI, за повторно отворање на истрагата во врска со нејзината електронска пошта од приватните сервери и адреси за службена комуникација.
„Постојат многу причини поради коишто овие избори не беа успешни…Според нашето мислење, писмото на Коми (за обновување на истрагата – з.р.) предизвика сомневања, кои беа неосновани и ги попречија напите активности“, рекла Клинтон во саботата на прошталната средба со некои од донаторите, дознава весникот The Washington Post.
Според агенцијата Reuters, Клинтон во некои телефонски разговори истакнала дека писмото на Коми за покренување нова истрага за користењето на нејзината електронска пошта, предизвикало пад на поддршката на средниот запад на САД, рекле изворите.
Коми десет дена пред изборите го извести Конгресот дека повторно ја отвора истрагата за тоа како во тоа време според повеќето анкети водечката кандидатка за Белата куќа ја користела приватната електронска пошта додека била државна секретарка, по откривањето на нови преписки кои изгледале важни.
Потоа на два дена пред изборите објави писмо до пратениците во кое вели дека проверката на новооткриената електронска пошта на Клинтон не го променила заклучокот на FBI дека не постои причина за кривично гонење на Клинтон поради употребата на приватниот сервер.
Клинтон на донаторите им рекла дека Трамп ги искористил двете писма на Коми за напади врз неа. Иако ѝ е мило што второто писмо ја ослободило од вина, Клинтон смета дека тоа го зајакнало уверувањето на гласачите на Трамп дека системот е наместен во нејзина полза и ги мотивирало да излезат на избори.
„Тие пресвртни настани на крајот од кампањата биле премногу за нас“, било наведено во анализата изборните анкети и на поразот од страна на тимот на Клинтон.
Портпаролот на FBI не бил достапен за коментар.
Денис Чанг, финансиски директор на кампањата на Хилари Клинтон, изјавил дека Демократската партија и изборниот тим собрале повеќе од 900 милиони долари од околу три милиони донатори, рекле учесниците во споменатите разговори./крај/мф/сн
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Свет
Шпанија со закон го забранува извозот на оружје во Израел: „Сакаме да се стави крај на геноцидот во Газа“

Шпанските пратеници денес гласаа за закон со кој се воведува ембарго за извоз на оружје во Израел, мерка што долго време ја заговараше социјалистичкиот премиер Педро Санчез за „запирање на геноцидот“ во Газа.
„За“ гласаа 178 пратеници, а 169 беа против. Малцинската влада на социјалистичкиот премиер конечно ја доби поддршката од четири пратеници од крајно левичарската партија Подемос, која не откри како ќе гласа до денеска наутро.
Шпанското ембарго е на сила од октомври 2023 година, но социјалистичката влада сакаше да ја „зацврсти правно“ одлуката.
Санчез го објави тоа на 8 септември, по што израелската влада реагираше жестоко, но Израел го повлече својот амбасадор од Шпанија во 2024 година, откако Мадрид ја призна Палестина.
Регион
Вучиќ: Турција сонува повторно да ја обнови Отоманската Империја

По пристигнувањето на турските беспилотни летала во Приштина, имаше остра реакција од српскиот претседател Александар Вучиќ, кој ја обвини Турција дека сонува за обнова на Отоманската Империја. Со овој потег, Србија премина од „златно доба“ во односите со Турција и пријателството со Ердоган на отворени политички тензии за само една година, пишува N1.
Косовскиот премиер Албин Курти претходно објави на Фејсбук дека пристигнале беспилотните летала, додавајќи дека десетици безбедносни сили веќе се обучени да ги користат.
Курти објасни дека договорот со турската компанија Бајкар бил потпишан во декември минатата година, а дроновите биле испорачани три месеци пред предвидениот рок. Тој нагласи дека Косово „продолжува да ја зајакнува ударната моќ на својата армија“ со модерна технологија.
Реагирајќи на веста, Вучиќ остро го осуди потегот на Турција, велејќи дека е „ужасен“ и дека тоа „јасно покажува дека Турција не сака стабилност на Западен Балкан“.
„Згрозен сум од однесувањето на Турција и грубото кршење на Повелбата на ОН и Резолуцијата 1244 на Советот за безбедност на ОН, како и од континуираното вооружување на властите во Приштина. Сега е сосема јасно дека Турција не сака стабилност на Западен Балкан и дека сонува за оживување на Отоманската империја. Србија е мала земја, но ние добро ја разбравме пораката“, рече Александар Вучиќ.
Реагираше и владината Канцеларија за Косово и Метохија, а нејзиниот директор Петар Петковиќ ја повтори оценката на Вучиќ дека Србија „ја разбрала пораката“ и дека „не е случајно“ што беспилотните летала биле доставени во Косово три месеци пред предвиденото.
Турција го направи ова, смета Петковиќ, „само неколку дена пред локалните избори“, со цел да му ја обезбеди на премиерот на Приштина „потребната поддршка пред изборите на 12 октомври, за да може да продолжи да го тероризира српскиот народ“.
Петковиќ рече дека Белград „ќе продолжи одговорно да го зачувува мирот и стабилноста, и покрај вооружените сојузи што се создаваат на штета на мирот и претставуваат директна закана“.
Фото: ЕПА
Свет
Белорусија испраќа рекордни количини бензин во Русија

Белорускиот железнички извоз на бензин во Русија се зголеми за четири пати во септември во однос на претходниот месец, бидејќи Москва се справува со недостиг на гориво предизвикан од украинските напади врз нејзината енергетска инфраструктура, објавија извори од индустријата синоќа, објави „Ројтерс“.
Неколку руски региони беа принудени да воведат мерки за штедење и привремено да ги замрзнат цените на горивата во последните недели. Причината е недостигот на популарни видови бензин предизвикан од напади со беспилотни летала насочени кон рафинерии и други енергетски објекти.
Како одговор, Москва, исто така, го ограничи извозот на бензин и дизел. Ова не е првпат Русија да се потпира на соседна Белорусија, таа, исто така, го зголеми увозот на гориво минатата година за да го покрие недостигот на пазарот.
Според извори, пратките на бензин со железница од белоруските рафинерии до рускиот домашен пазар минатиот месец достигнаа 49.000 метрички тони, што е еквивалентно на 14.500 барели дневно. Заедно со бензинот, испораките на дизел во септември изнесуваа 33.000 тони.