Свет
Аеродромот во Варшава останува затворен, пилотот прима честитки од цел свет
Меѓународниот аеродром во Варшава останува затворен за сообраќај до утре, заради вчерашното драматично слетување на боингот 767 на полската авиокомпанија ЛОТ.
Меѓународниот аеродром во Варшава останува затворен за сообраќај до утре, заради вчерашното драматично слетување на боингот 767 на полската авиокомпанија ЛОТ.
Благодарејќи на присебноста на пилотот Тадеуш Врона, авионот успешно слета без тркала, а сите 231 патници минаа без повреди.
Врона заради бравурозното слетување му пристигаат честитки од Полска, но и од целиот свет, меѓу другото и од пилотот на американски боинг кој пред две години успешно слета на реката Хадсон.
На Фејсбук се појави изреката „летај како орел, слетај како варана“, бидејќи пилотот го носи презимето според таа птица.
Тадеуш Врона е еден од најискусните пилоти на ЛОТ, а на авионите од типот боинг лета веќе 20 години.
Експертите се согласни дека покрај ладнокрвноста и присебноста, големо влијание за мекото и прецизно слетување одигра и фактот дека Врона веќе неколку децении е вљубеник во едрилиците.
Експертите сметаат дека токму прецизноста им ги спаси животите на патниците и екипажот, бидејќи доколку боингот се настранеше надвор од линијата на летот и удреше во пистата со крилото или странично, ќе се превртеше, ќе се искршеше и сигурно ќе имаше жртви.
Аеродромот во Варшава останува затворен подолго отколку што првично беше планирано, бидејќи боингот запре на таква позиција што не може да се користи ниту една од двете писти. /крај/б/ст
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Свет
Судир меѓу полицијата и пропалестинските демонстранти во Лос Анџелес: полицајците фрлија шок бомби, упаднаа во камп пред универзитетот
Полицијата ги отстрани барикадите и почна да го демонтира кампот на пропалестински демонстранти во кампусот на Универзитетот во Калифорнија, Лос Анџелес (UCLA), откако стотици не ги послушаа наредбите да си заминат.
Полициската акција следеше 24 часа по конфликтот во кампусот кој започна со напад на група про-израелски демонстранти врз пропалестинскиот камп, пренесе Гласот на Америка. Полицијата денеска приведе мала група демонстранти во кампусот. Акцијата дојде откако полицајците со часови се закануваа со апсење преку звучници доколку луѓето не се разотидат.
Додека полициските хеликоптери лебдеа над нив, звукот на шок-бомбите, кои произведуваат силни светла и гласни звуци за да ги дезориентираат и зашеметуваат луѓето, пробиваше низ воздухот. Демонстрантите скандираа „каде бевте синоќа?“ додека се приближуваа полицајците.
Полицајците носеа шлемови, заштитни елеци и палки, а дел од демонстрантите носеа гас-маски, додека други извикуваа „сакате мир, ние сакаме правда“. Полицијата ги отстрани барикадите на кампот од иверица, пелети, метални огради и корпи за отпадоци за да стигне до десетиците шатори на демонстрантите. Полицијата почна да урива и настрешниците и шаторите.
Демонстрантите држеа чадори како штит додека се соочија со десетици полицајци. Протестот во UCLA е еден од многуте пропалестински демонстрации во колеџските кампуси низ целата земја што резултираа со стотици апсења. Полицијата во Њу Хемпшир ги уапси демонстрантите и ги отстрани шаторите доцна синоќа и рано утринава во колеџот Дартмут.
На Универзитетот во Тексас во Далас, полицијата расчисти пропалестински камп откако уапси најмалку 17 лица.
Вчера во Њујорк, полицијата уапси најмалку 15 лица на Универзитетот Фордам додека ги растера учесниците во пропалестинскиот протестен камп. На Универзитетот во Минесота, организаторите на протестот доцна синоќа рекоа дека нивното седење ќе продолжи откако претходно во текот на денот разговараа со в.д. од претседателот на универзитетот Џеф Етингер.
Универзитетот Колумбија вчера објави дека сите преостанати академски активности за претстојниот семестар ќе се одржат од далечина по протестите кои вклучија окупација на зграда на кампусот. Во вторникот вечерта полицијата ги растера демонстрантите и уапси речиси 300 луѓе.
Свет
(Видео) Ново невреме во Дубаи: патиштата се поплавени, жителите исплашени
Обединетите Арапски Емирати повторно се под удар на големо количество дожд, кој од 3 часот утринава паѓа во Дубаи.
Иако засега ситуацијата е под контрола и нема индиции дека ситуацијата од пред неколку дена ќе се повтори, жителите се исплашени.
#Watch | Early on Thursday, the United Arab Emirates, still recovering from severe flooding in April, was struck by heavy rain and thunderstorms in Abu Dhabi and Dubai, leading to disrupted travel. #DubaiRains #Rains #UAE #Thunderstorms #Weather #WorldNews #News pic.twitter.com/1Pmdhj7NAn
— Mid Day (@mid_day) May 2, 2024
Невремето се очекува да трае до петок. Учениците не одат на училиште, а и на компаниите им се препорачува да работат од дома.
Неколку летови беа пренасочени од аеродромот, а во четвртокот поради невремето повторно беа поплавени многу патишта во градот.
Just Days After Record-Breaking Rains, UAE & Dubai Another Flood#Dubai #RainInDubai #FloodInDubai #UAE #HeavyRainfallInDubai pic.twitter.com/aGHM8DbILB
— Business Today (@business_today) May 2, 2024
На видео од социјалната мрежа Икс, поранешен Твитер, може да се види дека дождот постојано врне, но со многу помал интензитет отколку што беше претходно.
Европа
Макрон не ја исклучува можноста за испраќање војници во Украина доколку Русија „ја пробие линијата на фронтот“
Францускиот претседател Емануел Макрон во интервју за Економист изјави дека не ја исклучува можноста за испраќање војници во Украина доколку Русија „ја пробие линијата на фронтот“ и ако Киев тоа го побара од Париз, пренесува BFMTV.
„Доколку Русите ги пробија првите линии на фронтот и ако има украинско барање – што не е случај денес – би било легитимно да се постави тоа прашање“, рече Макрон.
Веќе во февруари, Макрон ја покрена можноста за испраќање западни трупи на украинска територија, потсетува БФМ.
„Како што кажав, не исклучувам ништо бидејќи има некој од другата страна кој не исклучува ништо. Без сомнение, бевме премногу сомнителни кога ги дефиниравме границите на нашата акција”, рече францускиот претседател.
Макрон рече дека „априори отфрлањето“ на можноста за испраќање војници би значело дека „не се научени лекциите од последните две години“, бидејќи во летото 2022 година биле против испраќање тенкови, ракети со долг дострел и авиони. и сега сето ова го испорачуваат во Украина.
„Имам јасна стратешка задача: Русија не смее да победи во Украина. Ако Русија победи во Украина, нема да има безбедност во Европа“, додаде тој.
„Кој може да тврди дека Русија ќе застане таму? Каква безбедност има за другите соседни земји, Молдавија, Романија, Полска, Литванија и толку многу други? И тогаш, каков кредибилитет има за Европејците кои би потрошиле милијарди, велејќи дека тоа е опстанокот на континентот и не би обезбедиле средства за запирање на Русија. Така да, не треба ништо да исклучуваме“, истакна Макрон.