Македонија
Груевски на средби со челниците на влијателни катарски компании
Македонскиот премиер Никола Груевски придружуван од министрите Ставрески, Павлески и Мизо, во неделата во Катар ги презентираше потенцијалите за инвестирање во Македонија во енергетскиот сектор и во туризмот, како и можност за квалитетна реализација на бизниси
Владината делегација, предводена од премиерот Никола Груевски, а во чиј состав се и вицепремиерот и минзитер за финансии Зоран Ставрески, министерот без ресор задолжен за привлекување странски инвестиции , Бил Павлески и Виктор Мизо, директор на Дирекцијата за технолошко-индустриски развојни зони во неделата промовирајќи ги економските потенцијали на Македонија за привлекување странски инвестиции и промоција на македонските производи, посетија неколку катарски владини компании, агенции и фондови, каде што имаше и средби со менаџерските тимови на истите.
Македонската владина делегација, го посети „Катар Холдинг“, катарски владин инвестициски фонд, чиј делокруг на работа е инвестиција во јавни и приватни компании во секторите енергетика, индустрија и инфраструктура, телекомуникации и технологија, недвижности, трговија, земјоделство и стоки. Овој фонд е втор најголем на светот, а неговата капитализација изнесува 400 милијарди долари.
Премеирот Груевски, притоа, оствари средбата со менаџерскиот тим на фондот предводен од Хусеи Ал Абдул, претседавач на Бордот на Фондот, и Ахмед Ал Суед. главен извршен директор, на која се разговараше за посебните видови на проекти кои опфаќаат инвестиција на капитал.
На средбата посебен акцент бше ставен на енергетскиот сектор, односно опциите за инвестиции во рамките на придружните дејности од проектот Вардарска долина, инвестициите во хидро и термо електрични централи, и инвестициите во областа на производството и транспортот на електрична енергија. Беа презентирани и можностите за инвестиција во транспортните коридори и во рударството, како и во гасификацијата на Република Македонија.
Менаџерскиот тим на „Катар Холдинг“ ја оцени презентацијата како многу квалитетна и целисходна,а бордот на холдингот изрази сериозен интерес за голем дел од понудените проекти, и сериозна интенција за истражување на можностите за инвестиција во енергетскиот сектор, за што во идниот период ќе се направат дополнителни длабински анализи на сите аспекти и детали на понудените проекти.
Делегацијата на Владата на Република Македонија ја посети и катарската агенција за развој „ Катар Диар“,, чиј делокруг на работа опфаќа градежништво, транспорт и реализација на развојни проекти, чија капитализација изнесува 4 милијарди долари, а вредноста на проектите кои ги реализира во овој момент изнесува 36 милијарди долари.
При посетата и средбата со управниот тим на агенцијата предводен од Мохамед Бин Али Хатфа, главен извршен директор на „Катар Диар“, двете страни разговараа за можностите за инвестиции кои опфаќаат реализација на проекти поврзани со туризмот.
Апостроф беше даден на проектот за туристичко-угостителски развојни зони на бреговите на македонските езера и специјалните поволности кои се нудат за реализација на инвестиција во рамките на овој проект. Притоа беа презентирани осум туристички зони, четири на брегот на Охридското, и по двет на Преспанското и Дојранското Езеро, поволностите на зоните со даночни ослободувања, уредување на градежно земјиште и изградба на инфраструктура, како и опциите за инвестиции во други туристички центри како ски-центарите Кожув и Попова Шапка.
„Македонија нуди можности за квалитетна реализација на бизниси, таа е најконкурентна дестинација за инвестиции, која нуди ниски даноци, даночни ослободувања, соодветна работна сила и останати поволности. Резултат на оваа владина политика се двата брана на инвестиции, од кои едниот кон крајот на минатата година, и еден на почетокот на оваа, како и неколкуте најави за нови инвестиции во текот на годината“, истакна премиерот Груевски на средбите.
„Доколку се одлучите за инвестиција во областа на туризмот во Република Македонија можете да ја искористите владината мерка за откуп на земјиште за изградба на капацитетот по почетна цена од само 1 евро за метар квадратен, и да добиете даночно ослободување во зоните во траење од 10 години и ниски даноци“, изјави вицепремиерот Ставрески на средбата.
Во рамките на посетите, владиниот економски тим вршеше и специјални презентации за определени области од пакетот инвестициски поволности, даночната регулатива и ниските и рамни даноци, макроекономската стабилност и добриот кредитен рејтинг, и деталите и аспектите на областите во кои може да се инвестира со прилог на специјални разработени проекти.
Владината делегација оствари средба и со раководството на „Хасад Компани“, катарска владина агенција задолжена за постапување во областа на земјоделството и агро-бизнисот. На средбата со управниот менаџмент од македонска страна беа презентирани можностите за инвестиции во областа на земјоделството во нашата земја и беше претставена земјоделската политика на Република Македонија. Владината делегација ги акцентираше широкиот асортиман на земјоделски производи, со осврт на можноста за извоз на македонско јагне и вода за консумирање, нивната еколошката и фитосанитарна исправност, како и квалитативната препознатливост.
„Задоволни сме од одвивањето на посетата, и од интересот кој го покажуваат нашите домаќини. Наша интенција е со постојаните посети и презентации да отвораме нови можности за Македонија, да бараме нови инвестиции, и отворање на нови капацитети, нови работни места каде што ќе може да се вработуваат лица и да остваруваат приходи“, истакна вицепремиерот Ставрески.
Доцна попладне во недела се очекува премиерот Груевски да оствари средба со н Шеик Хамад бин Џасмин бин Џабор Ал-Тани, премиер и министер за надворешни работи во Емирскиот Диван на Државата Катар./крај/со/вл/мф
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Од ВМРО-ДПМНЕ велат дека планот за управување со квалитетот на воздухот во Скопје ќе го спремаат докажани експерти
Имплементацијата на мерки кои ќе бидат предвидени во План за управување со квалитетот на воздухот во Скопје ќе го спремаат експерти со докажано искуство и успешни проекти позади нив, а не ПР кампањџии, се вели во соопштението од Советничка група на ВМРО-ДПМНЕ и Коалицијата на Град Скопје.
Мерките од овој план ќе бидат поддржани од градските власти и ќе се бара мерливост на резултатите и отчетност во реализацијата.
За дел од мерките ќе бараме помош при финансирањето, а дел од мерките од овој план ќе се финансираат од пари на граѓаните и тие не смее веќе да се трошат како до сега, во проекти со сомнителен квалитет, без мерливи резултати и подготвувани од аматери.
Прашањето на чистиот воздух е прашање на нашето здравје. А нашето здравје и здравјето на нашите деца нема да им го довериме на оние кои својот успех го мерат само во бројот на лајкови кои ловат во матното поле на паниката која ја создаваат кај граѓаните, туку во мерливи резултати.
Прашањата поврзани со квалитетот на воздухот ќе ги решаваме со вклученост на вистински стручњаци, затоа што се работи за здравјето на нашите деца, а не на кариерата на некој опозициски советник.
Светските примери на градови кои влегле во борбата со аерозагадувањето и успешно се борат, покажуваат дека посветената борба трае долги години и не започнува со ПР акции на денот кога воздухот е најзагаден, туку со систематски поставен План за управување со квалитетот на воздухот и имплементација на неговите мерки.
Македонија
Сиљановска Давкова: Турската заедница има значаен придонес во сите сфери на општествениот развој на државата
Уште од формирањето на македонската држава е не само гарантирано, туку и практично овозможено правото на образование на турски јазик, како неразделно од етничкиот и културниот идентитет на Турците, рече претседателката Гордана Сиљановска-Давкова денеска во обраќање на приемот, којшто по повод 21 Декември, Денот на наставата на турски јазик, го организираше Сојузот на турски невладини организации во Македонија – МАТУСИТЕБ, со поддршка на Турската агенција за соработка и координација – ТИКА.
Сиљановска Давкова истакна дека македонската држава отсекогаш ги препознавала различните идентитети, вклучително и турскиот, како вредност, сила и предност.
– Со обезбедување не само индивидуални, туку и колективни права коишто, денес, ги надминуваат стандардите на многу високоразвиени демократии, успеавме да изградиме демократски модел на соживот! Сепак, свесна сум дека во реалната/практичната примена на уставно утврденото право на образование на турски јазик постојат недорешени прашања и потешкотии, но и решеност и подготвеност за нивно надминување преку координирана, одговорна и ефикасна соработка меѓу локалната самоуправа и централните институции, рече претседателката Сиљановска Давкова.

Нашите сограѓани од турско потекло овде, како и лицата од македонско потекло коишто живеат во Република Турција, наведе претседателката, се најцврстата човечка врска меѓу нас и пријателската Република Турција.
– Вие сте најсилната алка на македонско-турските односи. Верувам дека во периодот што следи, заедно со претседателот на Република Турција, господинот Реџеп Таип Ердоган, ќе продолжиме да ги продлабочуваме овие односи во духот на пријателството и на меѓусебната почит, подвлече претседелката Сиљановска Давкова.
Таа посочи дека празниците како овој не се само повод за радост и свеченост, туку и моменти кога повторно се потсетуваме на нашите обврски кон општеството и државата во којашто живееме.

– Основачот на модерна Турција и син на македонската држава, големиот Мустафа Кемал Ататурк, мудро рекол: „Татковината најмногу ја сака оној што најдобро ја извршува својата должност“. Водејќи се од оваа максима, нашата заедничка должност е јасна: каде и да се наоѓаме, што и да работиме, да ја извршуваме својата задача чесно, посветено и одговорно. Само така ќе придонесеме за нејзиниот развој и за нејзиното заслужено место меѓу европските држави, порача претседателката.
Според Сиљановска Давкова, наставниците се особено заслужни за едукацијата на турски јазик на бројни генерации ученици, воспитувајќи ги во духот на соживот и одговорност за заедничкиот живот во мултикултурното македонско општество.
Претседателката во обраќањето истакна дека припадниците на турската заедница имаат значаен придонес во сите сфери на општествениот развој на државата, почнувајќи од образованието и културата, до спортот и политиката.
Ја нагласи и важноста на интензивната турско-македонска меѓудржавна соработка и се заблагодари за континуираната турска финансиска подршка, особено преку ТИКА, со чие разбирање и помош се реновираа важни верски објекти, се подобрија здравствените капацитети, се модернизираа научните и образовни инстититуции, се подржааа земјоделските иновации.
За Сиљановска Давкова, сограѓаните од турска припадност, како и турските граѓани од македонско потекло во Република Турција, се најцврстата врска меѓу нас и Република Турција, што мора да се негува и зацврстува.

На настанот се обратија и: Фатих Улусој, турски амбасадор во земјава, Мустафа Шентоп, поранешен претседател на Големото национално собрание на Република Турција, како и организаторот на настанот, Тахсин Ибрахим, претседател на МАТУСИТЕБ, на кои, вклучувајќи ја и претседателката, им беа доделени признанија за истакнатата улога во градењето и зацврстувањето на турско-македонското пријателство.
– Доделените награди на најуспешните ученици на натпреварите во поезија, проза и цртање на Денот на наставата на турски јазик ја потенцираа важноста на знаењето, креативноста, стручноста и компетентноста, без коишто нема прогрес на заедницата, ниту европеизација на државата!, информира Кабинетот на претседателката.
Македонија
Грипот се шири брзо, раст од над 31 проценти за една недела
Во периодот од 8 до 14 декември, во Република Северна Македонија се пријавени 126 случаи на грип и заболувања слични на грип, што претставува зголемување од 31,3% во споредба со претходната недела, покажуваат најновите податоци од здравствените власти.
Најмногу заболени се регистрирани во Тетово (30 случаи) и Куманово (20), а веднаш потоа следи Македонски Брод (18). Во Скопје се пријавени 15 случаи. Иако по број на пријави не е прв, Македонски Брод има највисока инциденца – 178,0 заболени на 100.000 жители.
Според старосната распределба, најзасегната е групата 15–64 години со 97 случаи. Кај лицата над 65 години регистрирани се 16 случаи, додека кај децата бројките се пониски: 7 случаи кај групата 5–14 години и 6 случаи кај 0–4 години.
Во Институтот за јавно здравје (ИЈЗ) биле тестирани 24 материјали, при што се детектирани 4 позитивни случаи на грип: три Influenza A(H3) и еден Influenza A(H1)pdm09. Дополнително, регистриран е и еден случај на RSV тип B, додека SARS-CoV-2 не е детектиран.
Кумулативно, од почетокот на сезоната 2025/2026, регистрирани се 998 случаи на грип/заболувања слични на грип, што е зголемување од 51,2% во однос на истиот период минатата сезона.
Најголем број пријави има во Гостивар (244) и Куманово (241), а Македонски Брод повторно се издвојува со највисока инциденца – 583,5 на 100.000 жители.
Вакцинацијата против грип останува најсигурна заштита, посочуваат здравствените власти. За сезоната 2025/2026 обезбедени се 80.000 бесплатни четиривалентни вакцини за ризичните групи:
-
лица над 65 години,
-
деца од 6 до 59 месеци,
-
лица со хронични болести,
-
бремени жени,
-
здравствени работници.
Според досегашните податоци, вакцинирани се 78.730 лица (со бесплатни или комерцијални вакцини).
Епидемиолошкиот надзор покажува дека грипот сè уште има спорадична активност низ земјата, а процентот на позитивност е под 10%, што укажува дека сезоната не е во полн интензитет. Сепак, бројот на пријавени случаи постојано расте, па се апелира на зголемено внимание, особено кај ризичните групи.
Министерството за здравство и ИЈЗ препорачуваат:
-
често миење раце,
-
избегнување големи гужви,
-
топло облекување, доволен одмор и внес на течности/витамини,
-
доколку се разболите: останете дома, избегнувајте блиски контакти, покривајте нос и уста при кашлање/кивање и користете заштитна маска при контакт со блиски.

