Македонија
Мендух Тачи учесник во сообраќајка- не е повреден
Претседателот на ДПА, Мендух Тачи попладнево околу 16 часот направил сообраќајка на автопатот Гостивар – Тетово, на 100 метри пред наплатната рампа Тетово, соопшти СВР Тетово.
Претседателот на ДПА, Мендух Тачи попладнево околу 16 часот направил сообраќајка на автопатот Гостивар – Тетово, на 100 метри пред наплатната рампа Тетово, соопшти СВР Тетово.Во сообраќајката нема повредени, причинета е само материјална штета.
Според информациите од полицијата Тачи со својот автомобил „aуди“ со тетовски регистерски таблици удрил во автобус марка „мерцедес“ со скопски регистерски таблици, сопственост на туристичка агенција.
Според првичните информации, „aудито“ удрило во задниот лев дел на автобусот. Како првична причина за судирот се наведува недржење на прописно растојание.
Полицијата изврши увид на лице место и работи на целосно расветлување на сообраќајката.
При сообраќајката била направена материјална штета од околу 80.000 денари, а повеќе оштетен бил автомобилот на Тачи./крај/фф
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Средба на министерот Муцунски со претставници на „Македонија 2025“
Во рамки на активностите во областа на надворешната трговија и економската дипломатија, министерот за надворешни работи и надворешна трговија на Република Северна Македонија, Тимчо Муцунски, денеска, придружуван од директорот на Дирекцијата за технолошко-индустриски развојни зони, Гоце Димовски, оствари посета на организацијата „Македонија 2025“ и одржа средба со нејзиното раководство.
Посетата е дел од серијата работни средби што министерот Муцунски ќе ги реализира во текот на неделата со раководствата на стопанските комори и сродни организации.
На средбата беа отворени повеќе прашања поврзани со можностите за организирање заеднички активности во делот на извозната и инвестиционата промоција на бизнис-компаниите кои се членки на „Македонија 2025“.
Фокусот на разговорите беше ставен на можностите за организирање бизнис-форуми во рамки на официјални посети на владини делегации во странство, со посебен акцент на улогата на дијаспората. Воедно, беа разгледани и начините на кои дипломатско-конзуларните претставништва можат да дадат поддршка во организирање деловни средби за заинтересираните компании кои сакаат да ги истражат странските пазари и да отпочнат извозни активности.
Претставниците на „Македонија 2025“ ја поздравија иницијативата за интензивирање на соработката и комуникацијата со стопанските комори, истакнувајќи дека на тој начин дополнително се зајакнува улогата на државата како поврзувач меѓу домашните компании, странските пазари и македонската дијаспора.
Македонија
Муцунски со осуда откако некој ја оштети вратата на бугарската амбасада во Скопје: „Се работи за изолиран случај“
Министерот за надворешни работи, Тимчо Муцунски, го осуди инцидентот во кој беше оштетена влезната врата на Амбасадата на Бугарија во Скопје, оценувајќи дека станува збор за изолиран случај и дека институциите реагирале брзо и ефикасно.
Муцунски изјави дека, според првичните информации, нанесената материјална штета не е голема, но дека инцидентот се осудува максимално. Тој посочи дека Министерството за внатрешни работи е надлежно за истрагата и дека таму треба да се побараат подетални информации.
Инцидентот се случил во неделата, кога, според информациите, непознат човек ја искршил влезната врата на амбасадата во центарот на Скопје. Настанот беше потврден со фотографии и видео објавени од бугарското Министерство за надворешни работи, кое реагираше остро, оценувајќи го како напад врз дипломатската мисија.
„Изразуваме длабока загриженост дека ваквото дрско дело е резултат на системскиот недостиг на реакција од страна на надлежните институции во Република Северна Македонија при претходни напади и вандалски чинови врз објекти поврзани со Бугарија и бугарската заедница“, се вели во соопштението од Софија.
Од Министерство за внатрешни работи информираа дека кај нив било пријавено оштетување на стаклото на влезната врата од Амбасадата на Република Бугарија. Како што соопштуваат од МВР, офицерот за безбедност на амбасадата преку системот за видео надзор забележал оштетување на стаклото на влезната врата од објектот. Според досега утврденото, оштетувањето го извршило засега непознато лице, кое со удар со рака го оштетило стаклото и се оддалечило од местото.
На местото на настанот биле преземени соодветни полициски мерки, а надлежните служби работат на целосно расчистување на случајот и утврдување на сите околности поврзани со настанот, информираа од Министерството за внатрешни работи.
Македонија
Темелно се реконструира месната заедница во Драчево
Започнати се градежните работи за темелна реконструкција на објектот на месната заедница во населба Драчево. Реконструкцијата опфаќа целосна санација на кровот и обнова на фасадата, што ќе придонесе за унапредување на енергетската ефикасност.
Предвидена е комплетна замена на електричната инсталација, водоводната и канализационата мрежа, а греењето и ладењето во новиот објект ќе се одвива со инвертер сплит системи.
Покрај надворешната обнова, објектот ќе добие и целосно нова функционална внатрешност, прилагодена на современите потреби на граѓаните.
„Со реконструкцијата се подобруваат и конструктивните и функционалните својства на објектот, кој подолг период беше во лоша состојба. Новата месна заедница ќе обезбеди модерен, безбеден и квалитетен простор за одржување на состаноци, активности и услуги за жителите на Драчево“, велат од Општина Кисела Вода.
Проектот се реализира со средства од Владината програма за капитални инвестиции, финансирана преку унгарскиот кредит, и претставува дел од пошироката стратегија за рамномерен развој на сите населени места во Општина Кисела Вода.

