Македонија
Кривични пријави за седум малолетници поради учество во протестите во Ѓорче Петров
Врз основа на претходно обезбедените снимки од разни извори, Министерството за внатрешни работи во координација со надлежниот Јавен обвинител, продолжи со расчистување и документирање на инцидентите и нарушувањата на јавниот ред и мир при протестите во Ѓорче Петров на 20 мај.
По извршената идентификација, Единицата за насилен криминал-Одделение за насилен криминал при СВР Скопје, поднесе кривична пријава до ОЈО-Скопје против малолетните лица В.М.(17), Љ.Ј.(15), М.В.(15), М.Д.(17), Е.Ј.(16), Д.С.(17) и С.М.(15), поради постоење основано сомнение дека сториле кривично дело „Учество во толпа што ќе спречи службено лице во вршење службено дејствије” предвидено и казниво по член 384 од КЗ на РМ.
Пријавените, околу 20 часот, на ненајавен протестен собир на улица „Ѓорче Петров” во близина на болницата „Св.Лазар” во населба Ѓорче Петров, а потоа и кај старото кино „Ѓорче Петров”, учествувајќи во толпа со заедничко дејствување спречиле полициски службени лица во вршење на службено дејствије-воспоставување на јавен ред и мир и при тоа со фрлање на тврди предмети-камења, како и други дејствија, телесно повредиле 10 полициските службени лица, со што сториле кривично дело „Учество во толпа што ќе спречи службено лице во вршење службено дејствије”.
Имено, пријавените на 20 мај околу 18 часот се собрале пред болницата „Св.Лазар” во населба Ѓорче Петров да изразат револт во врска со убиство извршено на 19 мај пред болницата „Св.Лазар” – Скопје.
На протестот присуствувале околу 500 граѓани а за воспоставување на ЈРМ, од страна на МВР – СВР-Скопје биле ангажирани полициски службеници од редовниот полициски состав и од Единицата за брзо распоредување.
При тоа, горепријавените, учествувајќи во толпа се обиделе да ги спречат полициските службеници во вршење на службени дејствија за одржување на ЈРМ односно се обиделе да го пробијат кордонот што бил поставен за спречување на премин на насобраната маса граѓани, по што пријавените со метални палки и камења почнале да фрлаат кон полициските службеници од кордонот, обидуваќи се истиот да го разбијат и да преминат на другата страна со цел да се упатат кон центар Скопје, при тоа ги повредиле горенаведените полициските службеници.
На јасно издадените наредби од УПС да престанат со нарушувањето на ЈРМ, пријавените се оглушиле и продолжиле со зедничко дејствување во спречувањето на вршењето на службените дејствија.
По превземените мерки и активности како и од извршениот преглед во снимениот видео запис, утврден е идентитетот на пријавените и со истите се извршени разговори.
Од страна на ЕНК – Одделение за насилен криминал и понатаму се работи на прибирање сознанија и за други учесници, сторители на кривично правни настани./крај/мф/бс
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Граѓанската иницијатива „Стоп за Усје“ ги објави заедничките усогласени барања
Граѓанската иницијатива „Стоп за Усје“ ги објави заедничките усогласени барања, кои, како што велат оттаму, се направени во отворена координација со сите граѓани кои се вклучија во иницијативата. Барањата ќе бидат официјално доставени до сите надлежни институции за понатамошно постапување.
Барањата ги пренесуваме во целост:
1. Мерната станица кај Усје, поставена од Општина Кисела Вода во 2023 г., да започне со континуирано 24/7 мерење и јавно прикажување на податоците во реално време. Истата да биде интегрирана со сите јавни апликации за квалитет на воздухот (пр. AirCare), наместо досегашното парцијално објавување резултати преку ПДФ документи на веб-страницата на општината. Дополнително, да се постават повеќе мерни станици во поширокиот простор околу Усје, со цел јавноста транспарентно и во реално време да го следи нивото на загадување.
2.Усје да инсталира автоматски CEMS (Continuous Emissions Monitoring System), директно поврзан со МЖСПП, кој ќе обезбедува континуирано следење и автоматски аларм ако мерната станица поставена во oџаците на УСЈЕ покаже загадување над дозволеното. При секое прекршување, веднаш да се изрекува казна по принципот „Safe city“, како и времена забрана за работа. Податоците од CEMS мерењата да бидат јавно и транспарентно достапни 24/7 за сите граѓани.
3.Да се ревидираат постојните мерки за прогласување вонредна еко-состојба, така што при температурна инверзија и надминување на граничните вредности на загадување, автоматски да стапува на сила мерка за целосен стоп на работата на Усје, вклучително и рудниците. Истата мерка да важи за сите иматели на интегрирана А-дозвола.
4.Важечките гранични вредности за ПМ10, ПМ2.5, NO₂ и други загадувачи да се усогласат со препораките на СЗО (Светска здравствена организација), односно да се намалат и заострат во однос на сегашните стандарди.
5.Целосно елиминирање на употребата на високо-загадувачки горива во производниот процес на Усје и премин кон почисти енергенси, како природен гас или водород.
6.Акредитација на државната лабораторија за мерење на аерозагадувањето.
7.Запирање на активностите на рудникот за лапорец.
8.Најстрого и целосно почитување на сите мерки предвидени во интегрираната А-дозвола за спречување на фугитивната прашина.
9.Поништување на одредбата за „деловна тајна“ од Законот за контрола на индустриски емисии, со цел целосна транспарентност кон јавноста
Македонија
Таткото на загинатата Надица во „Пулс“: До последен здив ќе се борам за правда за моето дете
Александар Наунов, татко на Надица која го загуби животот во трагичниот настан во дискотеката „Пулс“ во Кочани, денеска се обрати пред јавноста, испраќајќи емотивна порака за загубата на својата ќерка и барањето одговорност за, како што рече, системските пропусти што довеле до трагедијата.
Наунов истакна дека маршот е посветен на „ангелите“ кои ги загубија животите, а неговото обраќање дојде еден ден пред 28 декември, датумот кога неговата ќерка Надица требаше да го прослави својот 18-ти роденден.

Тој се присети на последните моменти поминати со своето дете, кога семејството заедно ручало и зборувало за подготовките за роденденската прослава – музиката, гостите, фустанот и соништата што Надица ги имала за иднината.
„Тоа не беа само планови, тоа беше живот што го очекувавме. Но на 16 март сè згасна“, рече Наунов, додавајќи дека со загубата на ќерката, нивниот дом бил исполнет со тишина која, како што рече, боли повеќе од секој крик.
Во своето обраќање, таткото на Надица директно ја посочи корупцијата, немарот и институционалните пропусти како причини за трагедијата, нагласувајќи дека неговата ќерка „не заминала по Божја волја“, туку, како што рече, била „земена од систем што требало да штити, а не да убива“.
Наунов истакна дека од денот на трагедијата неговиот живот е борба за правда и дека нема да престане да зборува и да се бори додека одговорните не сносат последици.
„Сакам правдата да биде гласна, колку што беше тивка нивната совест“, порача тој, додавајќи дека единствената негова молба е да има сила да го дочека денот кога ќе може да каже дека правдата е задоволена – не само за неговото дете, туку и за сите деца кои ги загубија животите.
Маршот за правда продолжува како симбол на барањето одговорност и вистина за трагедијата во Кочани, а семејствата на загинатите најавуваат дека нема да се откажат од својата борба сè додека, како што велат, љубовта кон нивните деца не се претвори во праведна разрешница.
Македонија
Претседателката упати порака за мир, а Дедо Мраз со хеликоптер стигна пред дечињата на припадниците на АРМ
Со видеоконференциска врска која ги премости километрите меѓу татковината и меѓународните мисии, денеска во касарната „Страшо Пинџур“ во Петровец, традиционално беше одбележан претстојниот почеток на новата година. Додека децата на македонските мировници во странство ги примаа своите новогодишни пакетчиња, државниот и воениот врв упати пораки на благодарност до припадниците на Армијата во Косово, Босна, Либан, Латвија, Романија, Бугарија и Германија.
Претседателката и врховен командант на Армијата, Гордана Сиљановска-Давкова, им посака успешна работа на мировниците во странство.
– Се чини дека никогаш на светот, мирот не му бил потребен повеќе, а вредноста на нашите мировници и македонската Aрмија никогаш не била повидлива. Ви посакувам успешно да продолжите гордо да ја претставувате Армијата, затоа што имате што да претставите, рече таа.

Министерот за одбрана Владо Мисајловски додаде дека ова средба има особена тежина и значење бидејќи, како што рече, „нѐ обединува како семејство“.
– Како денеска сме физички оддалечени, оваа средба има особена тежина и значење бидејќи нѐ обединува како семејство. Ви благодарам за вашата служба во името на мирот, безбедноста и сигурноста на секој еден од нас, нагласи министерот.
Началникот на Генералштабот, генерал-мајор Сашко Лафчиски е уверен дека секој од мировниците ја извршува задачата крајно професионално и се заблагодари на поддршката од претседателката Сиљаноска-Давкова и Министерството за одбрана.
– Уверен сум дека ја извршувате вашата задача крајно професионално и стојам зад секој од вас. Со вашата енергија давате посебна суштина. Знам дека некои од континентите веќе се подготвуваат да се вратат и верувам дека на самиот праг на старата година ќе имаат можност да се спојат со нивните најблиски, порача тој.
Контингентите од мисиите, исто така, во добро здравје упатија честитки и пораки за новата година.

Традиционално, и оваа година, дечињата го пречекаа Дедо Мраз со хеликоптер, на тренинг центарот за пилоти во касарната „Страшо Пинџур“ во Петровец.

