Свет
Иран и шесторката ги завршија преговорите без напредок
Интензивните дводневни преговори меѓу Иран и шесте светски сили, покажаа дека двете страни сакаат придвижување околу прашањето за спорната нуклеарна програма на Техеран, и дека постојат одредени допирни точки.
Ова го соопшти шефицата на европската дипломатија Кетрин Ештон по завршувањето на преговорите во Багдад додавајќи меѓутоа дека сѐ уште има „значителни разидувања“, па затоа ќе се одржи нова средба во руската престолнина Москва.
„Јасно е дека двете страни сакаат да направат придвижување. Постојат одредени допирни точки, но сѐ уште има значително разидувања“, изјавила Ештон, пренесува Reuters.
Истакнала дека Иран е подготвен да го разгледа предлогот за збогатувањето на ураниумот до 20 проценти. Според нејзините зборови, сите страни се согласни дека е неопходно да се продолжат преговорите и така да се направи обид дека ќе се појават што повеќе заеднички допирни точки.
„Ќе се вратиме во своите престолнини на консултаци. Ќе го задржиме интензивниот контакт со иранската страна за да го подготвиме следниот состанок во Москва за 18-ти и 19-ти јуни“, рекла Ештон додавајќи дека преговорите ќе се темелат на принципот чекор по чекор и реципроцитет. Изразила решителност за решавањео на овој проблем преку преговори.
Главниот ирански преговарач Саид Џалил во четвртокот навечер повтори дека Иран располага со „апсолутнно право“ да збогатува ураниум.
Преговорите меѓу Иран и шесторката (САД, Русија, Кина, Велика Бртианија, Франција и Германија) за иранската нуклеарна програма се одржуваа во средата и четвртокот во ирачката престолнина Багдад.
Главната причина за несогласувањата е во тоа што Иран сака да издејствува ублажување на економските санкции додека шесте земји бараат претходно Иран да се откаже од збогатувањето на ураниумот. Западните сили сакаат гаранција дека Техеран не работи на производство на нуклеарно вооружување, што го негираат иранските власти кои тврдат дека збогатениот ураниум му е потребен во мирнодопски цели, пред сѐ за добивање електрична енергија и во медицински цели.
Ова беше втор состанок откако кон средината на април во турската метропола Истанбул по 15 месеци на јакнењето на тензиите беа продолжени дипломатските контакти меѓу Техеран и меѓународната заедница./крај/ро/мф/сн
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Свет
Пилотите и кабинскиот персонал на „Луфтханза“ најавија целодневен штрајк
Пилотите и кабинскиот персонал на германскиот авиопревозник „Луфтханза“ во четврток ќе почнат целодневен штрајк поради спор околу платите и условите за работа.
Синдикатот „Vereinigung Cockpit“ бара повисоки пензии за пилотите, додека синдикатот на кабинскиот персонал „UFO“ сака да го принуди работодавачот на преговори за различни колективни договори.
На патниците им е порачано да се подготват за откажувања и доцнења на летовите, а се очекува штрајкот да ги погоди сите поаѓања од Германија. Ќе бидат засегнати и товарните летови.
Засега не е познато колку летови ќе бидат откажани. Портпаролот на компанијата изјави дека очекуваат подетални информации од синдикатите.
Пилотите минатата година со мнозинство гласови одлучиле да преземат индустриска акција поради барањата за повисоки придонеси од страна на работодавачот за пензии.
Синдикатот „UFO“ со штрајкот, кој е свикан без гласање, сака да го натера работодавачот на преговори за колективните договори во матичната компанија Луфтханза и во регионалната подружница „CityLine“. Само во „CityLine“, наводно, околу 800 работни места се загрозени поради овој потег.
Според билтенот на синдикатот, управата одбива преговори. Во матичната компанија досега безуспешно се чекало отворање на разговори за колективен договор.
Свет
ЕУ воведува апликација за пријавување сајбер-насилство кај младите
Младите во Европската Унија наскоро ќе можат преку посебна апликација да пријавуваат сајбер-насилство, најави еврокомесарката за технолошки суверенитет, безбедност и демократија, Хена Виркунен, во Стразбур.
Апликацијата е дел од Акцискиот план за борба против кибернетичкото злоставување, претставен на Меѓународниот ден за побезбеден интернет. Виркунен изјави дека „сите жртви и сведоци на злоставување мора да знаат каде можат да се обратат за помош“, поради што ќе се воведе алатка на ниво на ЕУ.
Таа повика земјите-членки да изработат национални планови и да воспостават заедничка дефиниција за сајбер-насилство, со цел подобра споредба на податоци и поефикасна заштита на младите.
Европската комисија потсети дека со Актот за дигитални услуги од платформите се бара повисоко ниво на приватност и заштита на малолетниците, додека со Актот за вештачка интелигенција се забранува манипулација и измама на корисниците.
Европратениците повикаа на поголема одговорност на социјалните мрежи.
Свет
Витакер: Трамп и Зеленски ќе го потпишат мировниот договор кога ќе дојде време
Американскиот амбасадор при НАТО, Метју Витакер, изјави дека мирот во Украина е поблиску од кога било досега, иако сè уште не е утврдено кога украинскиот и американскиот претседател ќе го потпишат мировниот договор за ставање крај на руската агресија.
Витакер рече дека договорот ќе биде потпишан „кога ќе дојде време“ и дека верува оти завојуваните страни се блиску до постигнување мир.
„Постојано го повторувам тоа, не само затоа што верувам во тоа, туку и затоа што внимателно ги следам преговорите. Мислам дека сме поблиску до мир во Украина од кога било“, изјави тој.
Додаде дека документите за мировниот договор ќе ги потпишат Доналд Трамп и Володимир Зеленски „кога тоа ќе биде соодветно и кога ќе дојде време“.
„Сметам дека треба да продолжиме да се молиме за мир, но истовремено да обезбедиме Украина и натаму да има, преку програмата ПУРЛ (програма преку која европските членки на НАТО од САД купуваат оружје за Украина) и други иницијативи, сè што ѝ е потребно за да се брани“, рече Витакер.
САД очекуваат земјите-членки на НАТО во наредните два дена да објават нови обврски за купување американско оружје за Украина.
Витакер посочи дека трите земји кои досега купиле најмногу американско оружје за Украина преку програмата ПУРЛ се Германија, Холандија и Норвешка.
Генералниот секретар на НАТО, Марк Руте, за време на посетата на Украина вети дека ќе обезбеди повеќе од 15 милијарди долари за купување вооружување за украинските вооружени сили во рамки на истиот програм.

