Македонија
Наркозависноста во Македонија е криминализирана

Употребата на дрога е силен извор на стигма и дискриминација, која што многу често е повеќеслојна, а корисниците на дрога во Македонија се третираат
Употребата на дрога е силен извор на стигма и дискриминација, која што многу често е повеќеслојна, а корисниците на дрога во Македонија се третираат како криминалци.
Ова беше истакнато во рамки на денешната трибина посветена на прашањето за статусот на корисниците на дрога во Македонија, во организацијата на невладината организација ХОПС.
Стигмата и дискриминацијата на корисниците на дрога се особено истакнати доколку корисниците на дрога се ХИВ позитивни, кога се заболени од хепатитис Ц, доколку се од друга раса или имаат поинаква сексуална ориентација.
„Покрај тоа што корисниците на дрога се дискриминирани, нивната социјална и економска моќ е намалена и тие се втурнуваат во еден малцински статус и маргинализирана група“, рече правниот советник во ХОПС, Наташа Бошкова.
Според неа исклучително висок е процентот на македонски граѓани кои имаат дискриминирачки однос кон лицата кои користат дрога. Поради дискриминацијата, на лицата кои користат дрога многу често им се ускратува правото за социјална заштита и социјални услуги, а најголема нетолеранција покажале здравствените работници.
МВР го води единствениот регистар за корисниците на дрога во Македонија, и со тоа уште повеќе се потврдува предрасудата кон оние кои користат дрога.
Законот за контрола на дроги, според Бошкова, ги стигматизира лицата кои користат дрога бидејќи истите според овој закон треба да се сузбијат, како тие лица да се криминалци.
Бошкова истакна дека во македонските затвори се повеќе расте бројот на корисници на дрога, затоа што тие лица најчесто завршуваат во затвор за многу мало количество на дрога кое што им било за лична употреба, а не за препродавање.
Извршниот директор на ХОПС, Влатко Деков истакна дека е катастрофална состојбата во Македонија со центрите за лекување од наркозависности, поради тоа што наркозависниците не можат да си го остварат правото за здравствена заштита.
Според националната стратегија за дроги во Република Македонија кај нас има меѓу 6.000 и 8.000 илјади главно опијатни зависници кои што имаат сериозни здравствени и социјални проблеми.
Во овој момент на лекување има околу 1.200 луѓе кои се ставени на супституциски третман, вклучително и во затворот Идризово и некаде уште околу стотина лица кои се лекуваат во приватни клиники и во двете тераписки заедници.
Според Деков во Македонија постои голем проблем поради неможноста да се отворат нови центри поради дискриминаричкиот однос на политичката елита, општините, но и од самите граѓани.
Според пресметките на ХОПС, многу поефикасно и поевтино е лекувањето на наркозависниците кое што би чинело околу 54.700 евра за една година за сите корисници или околу 783 евра по клиент под услов установата да не плаќа кирија.
Од друга страна еден не третиран корисник на дрога државата ја чини од 2.560 до 4.021 евра каде се вклучени трошоци за суд, притвор, затвор и сл./крај/амп
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
До крајот на денот сончево и топло, со мала до умерена локална облачност, утре до 33 степени

До крајот на денот сончево и топло, со мала до умерена локална облачност, која до крајот на денот ќе се намали. Ќе дува слаб до умерен ветер од северен и северозападен правец. Во текот на ноќта ќе преовладува ведро и претежно тивко.
Утре, ќе биде сончево и топло, со мала до умерена локална облачност. Ќе дува слаб до умерен ветер претежно од југоисточен правец. Минималната температура ќе биде во интервал од 7 до 16, а максималната ќе достигне од 26 до 33 степени.
Во Скопје сончево и топло, со мала до умерена облачност. Ќе дува слаб до умерен ветер од јужен правец. Минималната температура ќе се спушти до 14, а максималната ќе достигне до 32 степена.
Под влијание на циклонска активност в недела попладне, во текот на ноќта и в понеделник претпладне времето ќе биде променливо облачно и нестабилно со локален пороен дожд и грмежи. Наместа ќе има поинтензивни процеси со пообилен пороен дожд (над 25 l/m²) и засилен ветер. В понеделник ќе дува засилен до силен северен ветер (локално над 60 km/h). Во деновите потоа ќе има стабилизирање на времето.
Македонија
ЗНАМ: Горанчо Котевски, поранешениот началник на Генералштабот на АРМ, носител на советничката листа за Скопје

Движењето ЗНАМ – За Наша Македонија на денешната прес-конференција ги соопшти ноителите на советничките листи за претстојните локални избори во скопските општини и во градот Скопје. Портпаролот на движењето, Никола Мемов рече дека на последната седница на Извршниот одбор била усвоена одлука на претстојните избори да настапат со свои советнички листи во 53 општини, плус Градот Скопје.
„Оваа бројка е гласот на народот. Оваа бројка е доказ дека Движењето ЗНАМ е најбрзо растечкото движење во Македонија.
Дозволете ми да ги соопштам носителите на советничките листи во скопските општини:
-за носител на листата во Аеродром, предложен е Љупчо Марковски Калц, поранешен капитен на фудбалската репрезентација на Македонија и член на златната шампионска генерација на Вардар.
-за носител во Центар е предложен м-р Крумислав Мишко Барзов магистер по спортски менаџмент, член на европскотo жири за автомобил на годината и еден од најистакнатите автомобилски ентузијасти во државата
-за носител во Карпош е предложен проф д-р Јасмин Циривири, професор на Медицинскиот факултет на Универзитетот „Гоце Делчев“ во Штип, врвен хирург ортопед во Градската општа болница „8 Септември“ во Скопје;
– за носител во Бутел е предложен Ѓорги Станко Чековски, член на кошаркарската репрезентација на Македонија и дел од тимовите на „МЗТ Скопје“ и „Работнички“;
-за носител во Гази Баба е предложен Зоран Доневски, пензиониран началник во полицијата, дипломиран економист, почитуван и познат помеѓу граѓаните на Гази Баба како чесен и професионален во неговата кариера;
– за носител во Ѓорче Петров предложен е Тони Симиќ, легендарен центар на кошаркарската репрезентација на Македонија и омилен играч на тимовите на „МЗТ Скопје“ и „Работнички“;
-за носител во Кисела Вода предложен е Сашо Петровски, дипломиран економист, истакнат приватен стопанственик;
-за носител во Чаир предложен е Николче Наумов, дипломиран правник, докажан експерт од областа на кривичното право, истакнат адвокат кој ќе биде коректор на одлуките и гарант на законитоста во работењето на Општина Чаир“, соопшти Мемов.Тој нагласи дека ова се луѓе со интегритет, со знаење и со чиста и искрена намера да работат за нивните соседи, за нивните заедници, за наша Македонија.
Тие се нашата најголема гаранција дека ветувањата ќе станат дела, дека ќе изградиме поуредени општини, поурбанизирани места за живеење, почиста животна средина и подобар квалитет на живот за сите.
Извршниот одбор донесе одлука за поддршка на натпартискиот кандидат за градоначалник на Општина Кочани – д-р Влатко Грозданов“, рече Мемов и додаде дека со оваа одлука јасно покажуваат дека нивната борба не е за партиски интереси, туку за визија, одговорност и напредок.
„Во градот Скопје ќе настапиме со силна листа, предводена од Генерал Горанчо Котески, поранешен Началник на Генералштабот на АРМ.
Дозволете ми покрај носителот на листата Генерал Горанчо Котески да ви претставам само дел од предложената градска листа: Проф. д-р Билјана Андреска Богданоска, доктор на економски науки, актуелен Ректор на Европски универзитет – Скопје;
– проф д-р Горан Ајдински, редовен професор на Филозофскиот факултет на УКИМ, декан на Факултетот во два мандати
-Мире Јанев, скопска урбана легенда, сопственик на култниот локал „Плеј кафе“ на улица „Македонија“, познат како Миро Плеј;
Дополнително, на последните места од градската листа ќе препознаете актуелни носители на јавни функции од Движењето ЗНАМ, луѓе кои немаат ниту една дамка во своето работење.
На листата се предложени:
– д-р Лилјана Којиќ, директор на Здравствен дом „Железара“
– Виктор Јовановски, Член на УО и директор на секторот за комерција во
ЕСМ;
-д-р Злате Мехмедовиќ, директор на Универзитетската Клиника за физикална медицина и рехабилитација;
– Марин Докузовски, истакнат спортски работник, селектор на кошаркарската репрезентација на Македонија и тренер на „Работнички“;
– Игор Трајановски, доктор на општествени науки, Генерален директор на АД „Аеродроми на Македонија“, рече Мемов.
„Тоа е најсилниот доказ за нашата суштина и пристап во политиката – во ЗНАМ нема привилегии, нема затворени кругови, нема политика за фотелји и за лични интереси“, рече Мемов.
Македонија
Aлиу: Дигитализацијата е еден од клучните столбови за унапредување на здравствениот систем

Министерот за здравство Азир Алиу се обрати на свеченото отворање на 21. конгрес на лекарите на Македонија, кој традиционално го организира Македонското лекарско друштво и важи за најголем медицински собир во земјата со речиси 600 учесници и многу еминентни предавачи од нашата држава и од странство.
Во своето обраќање министерот Алиу особено се осврна на дигиталното здравство и на дигитализацијата како еден од клучните столбови за унапредување на здравствената заштита и на системот во целост.
„Во рамките на севкупната стратегија за дигитализација и оптимизација на здравствениот систем веќе најавивме и ново софтверско решение како апликација, кое ќе ги олесни комуникацијата и движењето на пациентот во здравствениот систем. Целта е апликацијата да овозможи пациентот во секое време да внесе здравствени индикатори врз основа на кои матичниот лекар или специјалистот ќе може веднаш да реагира – со менување на терапијата или давање препораки за натамошно лекување, односно ако системот детектира вредности надвор од нормалата, автоматски ќе алармира“, истакна Алиу.
Посочи дека ваквите конгреси претставуваат извонредна можност за размена на знаења и искуства меѓу многубројните експерти, а со својата стручна експертиза придонесуваат кон подигнување на нивото на медицинската наука и практика.
На 21. конгрес на лекарите на Македонија свое обраќање имаше и претседателот на Македонското лекарско друштво, Горан Димитров.
Македонското лекарско друштво оваа година го прославува 80-годишниот јубилеј и е најстарo професионалнo здружениe во земјава, кoe ги обединува сите лекари. Особено значаен сегмент во нашата работа е континуираната медицинска едукација со организирање стручни предавања, како и придонесот во создавањето и модифицирањето на медицинските протоколи во разни специјалности, истакна Димитров.