Македонија
Сервер: Самитот во Чикаго можност да се исправи неправдата кон Македонија од Букурешт
Престојниот самит на НАТО во Чикаго е можност да се исправи неправдата што и беше нанесена на Македонија на самитот на Алијансата во Букурешт,
Престојниот самит на НАТО во Чикаго е можност да се исправи неправдата што и беше нанесена на Македонија на самитот на Алијансата во Букурешт, оценува угледниот професор и член на Советот за трансатлантски односи Даниел Сервер во коментарот објавен на неговиот блог peacefare.net, пренесува ТВ Сител.Као што пишува Сервер, грчко-македонскиот спор за името е еден од најнеинтересните проблеми што произлегоа од распадот на поранешна Југославија. Тој во коментарот дава осврт на историјатот со проблемот по осамостојувањето на земјата во 1991 година.„Атина и Скопје потпишаа Времена спогодба во 1995 година, која требаше да помогне за регулирање на прашањето. Грција тврдеше дека Македонија ја прекршила спогодбата, наспроти одлуката на Меѓународниот суд на правдата од минатиот декември дека грчката страна е таа која дефинитивно ја прекршила со блокирањето на членството на ПЈРМ во НАТО на Самитот во Букурешт во 2008 година. Можност да се исправи оваа неправда дава самитот на НАТО што треба да се одржи во месец мај, во Чикаго“, пишува натаму Сервер. Тој укажува на напорите за решавање на прашањето кои се одвиваат од почетокот на 1990-те години преку разговори под покровителство на Светската организација водени од медијаторот Метју Нимиц, адвокат од Њујорк. Според него, Македонија веќе постигна многу на планот за името, но спорот и натаму останува отворен и пречка за напредокот на земјата во евроатланстките интеграции. „Речиси сите и се обраќаат на земјата под името кое Скопје го преферира, а многу земји вклучувајќи ги и САД формално ја признаа земјата под името „Република Македонија“. Грција не го стори тоа, но зошто некој би се грижел за тоа? Несреќниот одговор е дека Атина може да го блокира членството на Скопје во НАТО како и секој прогрес кон членство во ЕУ. Македонија веќе е кандидат за членство во ЕУ, но нема добиено датум за почеток на преговорите, што е важен чекор кој Атина го држи во заложништво. Членството во НАТО е исто така важно за Македонија, која се смета за дел од Западот и има распоредено свои трупи во Авганистан под команда на Алијансата“, вели Сервер. Според него, проблем за Македонија е ветото, а не името. Се додека постои волја за продолжување на напорите за решавање на проблемот со името, тој порачува оти би било мудро од Скопје да престане да тропа на вратата на Нимиц оваа пролет за решавање на проблемот што го има Атина, а не Скопје, туку директно да ми се обрати на Атина и да вложи сериозни напори да ги убеди властите во таа земја да и дозволат прием во НАТО под референцата ПЈРМ согласно Времената спогодба. Тоа е она што се бара и со одлуката на МСП, оценува Сервер. Тој сугерира и дека власта во Скопје, исто така, треба да открие што е тоа што на Атина и’ е потребно, а што Македонија може да го обезбеди.„Ако Владата не сака да зборува за прашањето за членство во НАТО, тогаш Македонија би требало да најде ’тинтенк’ организации и академици во Грција кои би го сториле тоа“, посочува угледниот американски аналитичар кој сугерира и обезбедување поддршка од заедниците на Македонците и Албанците во САД.„Грција е ранлива во моментов поради нејзината тешка финансиска ситуација, но никој во Брисел, ниту во Вашингтон не сака да „клоца“ по земјата кога е понижена. Заедницата на грчките американци е добро организирана и претставува значајно гласачко тело. Македонија поседува средство кое не може да го употреби, но треба да изнајде некој друг начин за да изврши притисок, кој е доволно атрактивен за Атина да ги отвори вратите на НАТО. Потоа можат да се вратат на нерешавање на спорот за името во ОН во следните 15 или повеќе години, време во кое сите ќе заборат зошто спорот бил важен“, вели Сервер во коментарот за блогот peacefare.net. кој се фокусира на анализи, политики, институции и искуства кои треба да помогнат за одржување на светскиот мир, односно за превенција и решавање на насилни меѓународни конфликти, пренесува телевизијата Сител./крај/сител.мф
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Акција за чистење и уредување на трим-патеката во Кисела Вода
Во рамките на континуираните активности за одржување на јавните површини и унапредување на животната средина, Општина Кисела Вода од утрово спроведува обемна интервенција за чистење, кастрење, косење и подигнување на кабаст отпад долж трим-патеката, на потегот од објектот на Институтот за јавно здравје до спојката со булевар Србија.
За реализација на овие активности се ангажирани 30 сезонски работници. Со цел ефективно и квалитетно извршување на работите, се користи и целокупната опрема на општината: камиони, тримери и телескопски пили.
Со овие интервенции, Општина Кисела Вода продолжува да работи на одржување чиста и уредна животна средина, обезбедувајќи јавни простори кои се функционални и пријатни за рекреација и слободно време на сите граѓани.
Воедно, локалната самоуправа упатува апел до граѓаните за одговорно и совесно однесување, со правилно одлагање на отпадот, со цел заеднички да ја зачуваме чистотата и редот во нашата општина.
Македонија
Зајкова: Срамно е после 18 месеци чекање нов Кривичен законик да добиеме само козметички интервенции на постоечкиот
На вчерашната седница на Собранието, на која се дискутираше усвојувањето на новите измени на Кривичниот законик, претседателката на Либерално-демократската партија и пратеничка, Моника Зајкова, од собраниската говорница порача дека е срамно после 18 месеци замајување на јавноста и на граѓаните дека ќе добиеме целосно нов кривичен законик, денеска да имаме предлог кој што е само уште една козметичка измена.
„Осумнаесет месеци се ветува целосно нов КЗ, се зборува за реформи, за европски стандарди, за правда, а денес пред нас имаме предлог што воопшто не ја менува суштината и воопшто не е нешто поразличен од она што веќе постои. И ова не е реформа и не може да го нарекуваме реформа, ова е чиста козметичка интервенција врз закон кој што безброј пати досега беше сакатен. Не ми е јасно само на кого му одговараше статус квото сите овие месеци? Дали на оние што имаа што да изгубат ако правдата навистина проработи? Можеби им одговараше на некои поранешни или актуелни функционери, на носители на високи функции кои што со години го злоупотребуваат буџетот и јавните ресурси, но сигурно не беше од јавен интерес“, изјави Зајкова.
Според претседателката, ова статус кво им одговара само на оние кои знаат дека со вистински Кривичен законик би се соочиле со реална кривична одговорност. Секој изминат месец со скратени рокови на застареност, значи само уште еден спасен предмет. Зајкова потсети и на предлогот на ЛДП за зголемување на роковите за застареност на кривичните дела, кој што во минатиот собраниски состав беше чуван во фиока под клуч, во овој беше одбиен молчешкум, без аргументи, а во јавноста се прикажуваше дека истото е направено затоа што се чека нов кривичен законик, кој што е даден на мислење во Венецијанската комисија.
„Мене стварно не ми е јасно луѓе, од што се плашите? Ако чесно и одговорно ги вршите функциите во име на граѓаните, како што говорите, зошто се плашите сите од поголеми рокови за застареност? Со измените кои што сте ги предложиле, можеби личи нешто драстично покачена казната, меѓутоа поставувате повторно многу ниски максимални казни за клучните кривични дела, што повторно дава можност за застареност. Во институтот на застареност воопшто и не се интервенира. Повторно се бришат од одговорност службените лица во органите на државната управа, односно министрите нема да одговараат за местење и посредување на тендери. Јавните набавки иако ги има, ќе продолжат да се договараат легално преку распишан тендер со фаворизирање, бидејќи истото не е инкриминирано, а одговорноста ќе се губи низ правните лавиринти што остануваат отворени, оставајќи законски празнини. И ова не е борба против корупцијата. Ова е само менаџирање како повторно да не бидат допрени најмоќните“, посочува претседателката Зајкова.
За спроведување на вистински реформи, Зајкова понуди да го достави и предлог решението на ЛДП, за да се интегрира во новиот кривичен законик или владејачкото мнозинство да го поднесе како нивен предлог, доколку е болно или срамно да се прифати предлог од ЛДП.
„Граѓаните гледаат, паметат и знаат кому точно му служи ова одолговлекување на измените на КЗ. Тоа сигурно не е на правдата, туку веројатно на оние коишто најмногу се плашат од правдата. За волја на вистината, дел од нив и побегнаа, а тука и вас ве гледам како виновни што тоа го дозволивте, иако кога бевте опозиција со години ни ја триевте на глава кои се најголемите криминалци, истите тие што сега се во бегство“, вели Зајкова, додавајќи дека не поддржала, ниту во иднина ќе поддржи закон кој не носи системски измени, но и дека е подготвена да даде целосна поддршка доколку се донесе навистина квалитетен и системски кривичен законик.
“Знам дека тука седат чесни луѓе кои не се плашат од одговорност и дека можеме да донесеме квалитетен системски закон, наместо благи измени“, им порача Зајкова на присутните пратеници.
Македонија
На 108 години почина Рејчел Нахмијас, најстарата битолчанка која се спаси од Холокаустот
На 108-годишна возраст почина Рејчел Нахмијас, најстарата битолчанка и најстарата жива Еврејка по потекло од Битола, која го преживеа Холокаустот и до крајот на животот верно го чуваше споменот на битолските Евреи, јави битолската „Тера“.
Рејчел Нахмијас е родена во 1917 година во Битола. Во 1943 година се спасила од депортација во нацистичките концентрациони логори, откако била сокриена во багажникот од автомобилот на тогашниот албански конзул во Битола. Благодарение на овој чин, таа успеала да го спаси животот.
Во тој период имала 26 години, а нејзините спасувачи ја однеле во Албанија, каде што ја поминала Втората светска војна. Со албанското семејство кое ѝ помогнало живеела до 1950 година, по што се преселила во Бостон, Соединетите Американски Држави.
Веста за нејзината смрт ја соопшти нејзината внука, познатата пејачка Сара Ароесте, која често престојувала во Битола и со голема посветеност го негува споменот на своето семејство и на еврејската заедница која некогаш живеела на Широк сокак.
Во објава на Фејсбук, Ароесте напиша:
„Со длабока тага објавувам дека овој викенд почина мојата херојска драга роднина Рејчел, на неверојатни 108 години. Рејчел е родена во 1917 година во Битолско. Таа била сведок на толку многу работи во својот неверојатен живот. Како единствена преживеана од нејзиното семејство по Холокаустот таа беше инспирација за сите што ја познаваа. Оваа фотографија е направена пред само 3 месеци кога таа сè уште беше целосно активна и споделуваше приказни и песни со мене. Има уште многу што да се сподели за мојата Рејчел која беше вистински благослов за овој свет.“
Рејчел Нахмијас останува симбол на преживување, човечка храброст и жив сведок на трагичната судбина на битолските Евреи.

