Македонија
Се формираат бази за докторски, магистерски и специјалистички трудови
Министерството за образование и наука ќе формира две нови бази – за доктроски студии и база за проверка на плагијати на магистерски, специјалистички стручни трудови и семинарски работи, соопшти во неделата минситерот Панче Кралев.
Создавањето на ваквата база е овозможено со последните измени на Законот за научно-истражувачка дејност усвоени јуни оваа година. Покрај ова, се обезбедува и широка достапност на научните области во кои се истражува во Република Македонија, споредливост на научно-истражувачката работа на меѓународно ниво. Овие бази исто така ќе придонесат и за планирање на развој на научните области во Република Македонија и нивно насочување за општиот стопански и демократски развој. Покрај ова се обезбедува и развој на етичноста во научното истражување.
Како што појаснија министерот за образование Панче Кралев и со ректорот на Универзитетот за информатички технологии и науки „Свети Апостол Павле“ во Охрид, проф д-р Нинослав Марина, првата база ќе се води на интернет порталот nauka.mon.gov.mk, а втората на порталот plagijati.mon.gov.mk, на кои ќе се содржат податоци за авторот на трудот, установата на која е запишан и за темата на трудот.
„Целта е да се обезбеди јавност во научната работа на научните и стручните кадри, како и квалитетни и научно докажани изворни докторски и магистерски трудови. Се обезбедува и широка достапност на научните области во кои се истражува во Република Македонија, споредливост на научно-истражувачката работа на меѓународно ниво. Овие бази ќе придонесат и за планирање на развој на научните области и нивно насочување за општиот стопански и демократски развој. Покрај ова, се обезбедува и развој на етичноста во научното истражување“, рече министерот Панче Кралев на прес-конференцијата во Министерството за образование и наука.
Двата портала веќе се ставени во функција, па на порталот nauka.mon.gov.mk се внесени 57 биографии со комплетни податоци за научници, 44 истражувачки и инженерски проекти и 114 библиографски единици, додека на рlagijati.mon.gov.mk, има 549 регистрирани корисници и таму се пријавени 226 документи од корисници.
Ректорот Марина, рече дека во институцијата што ја раководи ќе има многу истражувачка работа, а особено ќе се заложи да нема појава на плагијати и оти ќе биде нетолерантен во таков случај.
Идејата на Системот за евиденција на достигнувањата на академскиот кадар во високото образование (nauka.mon.gov.mk) е да се создаде веб апликација кој ќе претставува јавен регистар на научници во Република Македонија. Главните функционалности кои ги има системот овозможуваат соработка со истражувачите од високообразовните и научните установи кои имаат можност да ги презентираат резултатите од научно-истражувачката работа на научниците во Република Македонија, кои воедно ќе бидат достапни на домашната и на меѓународната научна јавност, но и на пошироката јавност.
Додека, електронскиот „Систем за анализа и пронаоѓање на плагијати во трудови“ овозможува лесно и ефикасно откривање на трудови кои во целост или во некој свој интегрален дел може претставуваат плагијати на веќе објавени, оценувани или презентирани трудови.
Во измените на Законот се предвидува рамка за објавување на наведените трудови во таа насока што Докторскиот труд задолжително мора да го внесe во базата за докторски трудов и менторот на докторскиот труд, најмалку 30 дена пред одбраната на докторскиот труд. Магистерскиот труд, односно специјалистичкиот стручен труд задолжително мора да го внесе во базата за проверка на плагијати менторот на магистерскиот, односно специјалистичкиот стручен труд, најмалку 30 дена пред одбраната на магистерскиот, односно специјалистичкиот стручен труд. Семинарската работа на студентот задолжително ја внесува во базата за проверка на плагијати наставникот по соодветниот наставен предмет, најмалку десет дена пред оценувањето на семинарската работа.
Начинот и формата на пополнување на овие дополнителни бази на податоци се предвидени со последната измена на Правилникот за начинот и постапката на водење бази на податоци за научно-истражувачката дејност.
Базата за докторски студии се води на порталот nauka.mon.gov.mk и содржи податоци за: податоци за авторот на докторскиот труд и каде работи, установата на која е запишан авторот на докторскиот труд и темата на докторскиот труд и научното подрачје.
Базата за проверка на плагијати на магистерски трудови, специјалистички стручни трудови и семинарски работи се води електронски на веб порталот plagijati.mon.gov.mk и се предвидува да содржи податоци за: податоци за авторот на трудот, односно семинарската работа, установата на која е запишан авторот на трудот, односно семинарската работа и темата на трудот, односно семинарската работа.
Воедно, со Меморандумот за соработка меѓу Министерство за образование и наука и Факултетот за информатички науки и компјутерско инжинерство е утврдена рамката во која се реализира соработката меѓу МОН и ФИНКИ за работи од заеднички интерес базирани на искористувањето на научно-стручните и професионалните услови насочени кон унапредувањето на едукативните, истражувачките и апликативните активности од областа на информатичките науки и компјутерското инжeнерство и како една од активностите се дефинира и изработката на отворен софтверски систем за пријавување на плагијати од страна на сите заинтересирани лица кои сметаат дека одредени трудови кои во целост или во некој свој интегрален дел може претставуваат плагијати на веќе објавени, оценувани или презентирани трудови да ги пријават во овој систем./крај/со/мф
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Општина Бутел обезбеди еднократна финансиска помош за ранливи категории граѓани
Општина Бутел и оваа година обезбеди средства за исплата на еднократна финансиска помош за најранливите категории на граѓани.
Како што информираат од Општината, финансиската поддршка е дел од програмата за социјална заштита за 2026 година и произлегува од изборната програма на градоначалникот Дарко Костовски, која континуирано се спроведува веќе пет години.
Поддршката е наменета за граѓани со здравствени проблеми, како и за сите други ранливи категории граѓани. Од Општина Бутел истакнуваат дека оваа мерка претставува подадена рака и исполнување на дадените обврски кон граѓаните.
Во соопштението се наведува дека градоначалникот останува посветен на креирање политики кои обезбедуваат заштита на најранливите категории, како и создавање средина со еднакви можности за сите граѓани, при што се нагласува дека предизборните ветувања се реализираат во практика.
Македонија
(Видео) Фрчкоски од СДСМ обвинува: 51 тендер добила иста фирма по локалните избори
Антикорупцискиот тим на СДСМ денеска изнесе обвинувања за сомнителни тендери, посочувајќи дека фирма блиска до ВМРО-ДПМНЕ добила 51 тендер во вредност од околу 16 милиони евра.
На прес-конференција, членот на Извршниот одбор на СДСМ, Јон Фрчкоски, изјави дека станува збор за фирмата „Пирамид билдинг солушнс“, која, според тврдењата на СДСМ, од 2022 година, односно од периодот по локалните избори до денеска, добивала тендери во општини под контрола на ВМРО-ДПМНЕ.
Фрчкоски наведе дека само во општина Аеродром фирмата добила 22 тендери, во Гази Баба 10, како и во општините Ѓорче Петров, Прилеп, Битола и Гевгелија. Според СДСМ, дел од тендерите биле финансирани и со средства од унгарскиот кредит.
Како последен пример, од СДСМ го посочија тендерот од декември 2025 година со Град Скопје, во вредност од 320.000 евра, кој, според нив, бил доделен веднаш по преземањето на функцијата градоначалник од страна на Орце Ѓорѓиевски.
Македонија
Непознати глутници се појавија преку ноќ – пронајдени улични кучиња од Албанија во Скопје, се бара истрага и проверка на безбедносните камери
Здружението за заштита на животните Анима Мунди алармира и јавно бара итна, темелна и независна истрага поради сериозни индиции за организирано внесување и дислоцирање на кучиња во град Скопје, појава која, како што наведуваат, директно ја загрозува јавната безбедност, благосостојбата на животните и владеењето на правото.
Од здружението информираат дека во изминатите денови, на територијата на општина Карпош се појавила нова глутница кучиња кои се целосно непознати за локалното население и не се дел од постоечката улична популација. Според Анима Мунди, станува збор за нестерилизирани и необележани кучиња, што, како што наведуваат, исклучува можност за природен прираст и укажува на насилна дислокација.
Во соопштението се наведува дека јавното претпријатие ЈП Лајка нема оставено, ниту испуштено ваква бројка нестерилизирани и необележани животни на ниту една локација во Скопје, при што се посочува дека граѓаните со години ги познаваат уличните кучиња во своите маала, а овие животни не се дел од таа популација.
Анима Мунди информира дека на терен биле пронајдени и кучиња со ушни маркици од Република Албанија, што, како што наведуваат, отвора сериозни сомнежи за нелегален и можен прекуграничен транспорт и напуштање на животни.
Здружението бара целосна проверка на сите јавни и приватни безбедносни камери на локациите каде што кучињата се појавиле, како и на сите влезно-излезни правци кон Скопје. Се бара од Министерство за внатрешни работи и Јавно обвинителство да утврдат кој, како и од каде ги транспортира и истовара животните, наведувајќи дека, според нив, не станува збор за изолиран случај, туку за логистички организирана активност.
Во соопштението се наведува дека масовното напуштање и дислоцирање кучиња претставува суровост и сериозна општа опасност, поради што Анима Мунди поднела конкретни предлози за измени на Законот за заштита и благосостојба на животните, како и предлог-измени на Кривичниот законик, со кои напуштањето миленик, суровоста и предизвикувањето општа опасност би се третирале како кривични дела, по примерот на Република Хрватска.
Истовремено, од здружението упатуваат итен јавен повик до ЗЕЛС ова прашање да се отвори и дискутира на ниво на сите градоначалници, нагласувајќи дека секоја општина мора хумано и законски да ја третира проблематиката со уличните кучиња, преку масовна стерилизација, јасна евиденција и најстроги санкции каде што ќе се утврди масовно дислоцирање.
„Ова не е проблем на една општина. Ова е системска злоупотреба и мора да биде санкционирана“, се наведува во соопштението, со барање за итна истрага, одговорност и преземање мерки за сторителите да бидат најстрого санкционирани согласно закон.
Фото: илустрација (pexels)

