Македонија
Презентирани измените во законите за медиуми и аудиовизуелни медиумски услуги
Министерството за информатичко општество и администрација ги прифатило забелешките и препораките на Советот на Европа, ОБСЕ и Здружението на новинари во однос на Законот за медиуми и Законот за аудивизуелните медиумски услуги.
Според Ивановски, со законот за медиуми како исти ќе бидат третирани сите средства за јавно информирање односно весници, магазини, програми на радио и телевизијата, електронски публикации, телетекст и други средства за дневно или периодично објавување на уреднички обликувани содржини во пишана форма, звук или слика.
Под медиуми. пак, не спаѓаат билтените, каталозите, другите форми на публикации наменети за огласување, образовниот систем или за деловна комуникација, а исто така нити весниците или билтените на образованите институции, потоа Службениот весник на Република Македонија, и летоците, плакатите, проспектите и транспарентите.
Под електронски публикации се подразбираат електронските верзии на весниците и магазините кои се достапни преку веб адреса, а не се опфаќаат блоговите, приватните веб портали, социјалните мрежи и форумите.
„Сите дефиниции за кои имавме забелешка од ОБСЕ или Советот на Европа се допрецизирани по нивните препораки. Регистрацијата на медиумите ќе се врши во Централниот регистар или кое и да е трговско друштво, а не во новата Агенција за медиуми, што беше и една од забелешките на ОБСЕ и СЕ.“, изјави Ивановски.
Во однос на членот за саморегулација, Ивановски вели дека истиот е избришан по препорака на ОБСЕ, а останува на медиумите сами да посветат внимание на оваа тема.
Аудиовизуелните медиумски услуги. пак, ќе бидат подложни на регулација, додава Ивановски, а истата ќе биде извршена од Агенцијата за медиуми и аудиомедиумски услуги, односно од постоечкиот Совет за радиодифузија кој ќе биде преименуван во оваа агенција.
ОБСЕ препорачал и да се донесе административен надзор над медиумите, а од обврските кои им се наметнуваат на радиодуферзите се и емитувањето на најмалку 30 проценти изворно создадена програма на македонски јазик или на јазиците на малцинствата. Во 2015 година оваа обврска ќе зе зголеми на 40 проценти, а година подоцина и на 50 проценти.
Телевизиите се обврзуваат, исто така, кои било четири дена во неделата, најмалку два часа во денот да емитуваат македонска вокална и вокално-инструментална музика, потоа емитување на најмалку 10 часа домашна документарна програма во периодот од 7 до 19 часот,
Ивановски додава дека законите се доставени до Владата, а потоа ќе бидат и наскоро ставени на второ читање во Собранието./крај/мф/бс
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Евакуација во Кичево и поплавени подруми во Охрид по обилните дождови
Во Кичево се евидентирани поплави на повеќе стамбени објекти на улицата „Прилепска“, поради што е започната евакуација на жители. На терен интервенираат екипи на Општина Кичево, Дирекцијата за заштита и спасување, Црвениот крст, ЈКП „Комуналец“ и други надлежни служби.
Во Охрид, пак, пријавени се поплавени подруми, гаражи и дворови на повеќе локации. За состојбата се известени локалната самоуправа и Кризниот штаб на Општина Охрид, кои постапуваат по пристигнатите пријави.
Според информациите на Центар за управување со кризи, до 17:00 часот состојбата на поголемиот дел од територијата на Република Северна Македонија е стабилна, без нарушување на редовната состојба.
Во Куманово, Липково, Старо Нагоричане, Крива Паланка, Ранковце и Кратово не е евидентирано излевање на реки ниту последици од врнежите, а надлежните општински служби ја следат состојбата. И во Скопје, Струмица, Велес, Кавадарци, Неготино, Свети Николе и Штип не се пријавени поплави или одрони, а состојбата е под контрола.
Во Струга, по пријава преку бројот за итни повици 112, евидентиран е поголем одрон на патниот правец меѓу селата Татеши и Мислодежда. За состојбата е известено ЈП „Македонија пат“, при што се преземаат активности за санација.
Во Тетово и Гостивар регистрирани се одрони на патните правци Гостивар–Стража и Тетово–Бањиче, поради што сообраќајот се одвива со повремени отежнувања. По пријави преку 112, евидентирани се и излевања на реката Вардар во селото Балин Дол, Лукавичка Река во селото Мало Турчане и Сушичка Река во селото Горно Бањице, при што е поплавено земјоделско земјиште и дел од дворови. За состојбата се известени надлежните институции, а во ХЕЦ Маврово е преземено намалување на производството на електрична енергија.
Во Општина Боговиње, поради излевање на вода надвор од постоечките канали, поплавено е обработливо земјиште, а директорот на ЈКП „Шари“ е на терен и ги координира активностите со институциите.
Во Битола и Ресен, одронот кај селото Сирхан е саниран, додека во селото Дрмени се поплавени два двора, за што се известени Општина Ресен и надлежните служби.
Од Центарот за управување со кризи информираат дека врнежите продолжуваат и дека состојбата на теренот и водостоите на реките се следат континуирано.
Македонија
Мицкоски за бугарската формулација „достапен јазик“ наместо македонски: Не е во прашање само Уставот, туку редефинирање на македонскиот идентитет
Премиерот Христијан Мицкоски, одговарајќи на новинарско прашање, ја коментираше формулацијата „достапен јазик“, наместо македонски јазик, што ја употреби Министерството за надворешни работи на Бугарија.
„Не ме чуди, ги потврдуваат тезите дека Бугари во Устав не е единствено барање, туку комплетно редефинирање на македонскиот идентитет. Но, ова се денови кога треба да простуваме, да се сплотуваме како нација. Како народ ќе сфатиме дека без оглед дали сме власт или опозиција, за некои прашања мора да бидеме заедно“, изјави Мицкоски по посетата на Соборниот храм по повод христијанскиот празник, Божик.
Тој изрази жалење што, како што рече, претходната влада влегла во една авантура и го заглавила евроинтегративниот процес, прифаќајќи капитулација, односно ултиматум од Бугарија.
„Апелирам до опозицијата – подадена е раката – да ги напуштат нивните тези и да застанат во одбрана на националните интереси. Ова е таков ден, немам што повеќе да додадам“, рече премиерот.
Говорејќи за доставувањето на Акцискиот план за правата на заедниците, претходно деновиве Мицкоски наведе дека македонската страна била советувана од Брисел документот да ѝ биде доставен на Софија еден ден порано, како гест на добра волја.
„Така направивме – го дадовме ден однапред. И сега им сметало што е на македонски јазик. Во меѓународна употреба, согласно Уставот, официјален јазик е македонскиот јазик. Јас не можам, како претседател на Владата, ниту пак министерот, да го кршиме Уставот. Ако мислат дека ќе го испратиме на друг јазик – ние немаме друг јазик“, изјави Мицкоски.
Премиерот додаде дека Бугарија повторно ја пропуштила шансата да покаже добрососедство, а на прашањето дали имало и други забелешки од Софија, одговори дека немало.
Бугарското Министерство за надворешни работи соопшти дека „Република Бугарија со загриженост ги забележува последователните тези на властите во Скопје, кои остро се разминуваат со есенцијата на Европскиот консензус од 2022 година“. Во соопштението не се спомнува македонскиот јазик, туку се користи формулацијата „јазик достапен за граѓаните“.
Во Преговарачката рамка, во став 35, се наведува дека Северна Македонија преку инклузивен процес треба да усвои Акциски план за заштита на правата на малцинствата и заедниците, кој ќе биде предмет на постојано следење во текот на пристапниот процес. Во став 37 се посочува дека напредокот во поглавјата за владеење на правото ќе биде тесно поврзан со спроведувањето на Акцискиот план, што значи дека без негова имплементација не може да се затвори ниту едно преговарачко поглавје.
Македонија
(Видео) Филипче за Божиќ: Имплементиравме политики што им донесоа подобар живот на граѓаните
Претседателот на опозициската СДСМ, Венко Филипче, по повод големиот христијански празник Божиќ упати порака за мир, заедништво и градење праведно, толерантно и слободно општество, во кое младите ќе ја гледаат својата иднина.
„Го честитам најрадосниот празник во христијанството со традиционалната честитка – мир Божји, Христос се роди“, порача Филипче, заблагодарувајќи им се на присутните и упатувајќи желби за мирни и весели празници до сите верници кои го празнуваат Божиќ.
Тој истакна дека Божиќ е традиционален повод за собирање на семејството и најблиските, како и за покажување почит и грижа, нагласувајќи дека мирот е особено важен во турбулентни времиња.
„Мирот во овие турбулентни времиња ни е и тоа како потребен за да можеме да продолжиме општеството да го градиме – да биде праведно, да биде толерантно, да биде слободно“, рече Филипче.
Осврнувајќи се на политиките што СДСМ ги спроведувала во минатото, тој нагласи дека тие биле насочени кон подобар, побезбеден и побогат живот за граѓаните.
„Ние во минатото имплементиравме политики коишто граѓаните вистински можеа да ги осетат да живеат подобро, побезбедно, побогато. Младите тука да ја гледаат иднината. Имплементиравме политики коишто доликуваа на развиени општества, општество во кој никој нема да се чувствува помалку вреден, без разлика дали станува збор за етничка, дали станува збор за национална, верска, некаква културна, родова, полова или сексуална ориентација. Посакувам да сите заедно градиме општество во коешто никој нема да биде дискриминиран“, порача Филипче.

