Македонија
МО е насочено кон транспарентност и отвореност во комуникациите со јавноста
Македонското министерство за одбрана со својата Стратегија за стратешки комуникации има јасно дефинирани цели – отворена и ефективна комуникација со граѓаните, почитувајќи ги принципите на веродостојност, разбирање, дијалог и единство, истакна министерот Талат Џафери, на отворањето отворање на Конференцијата за стратешки комуникации која се одржува од понеделник до вторник во Домот на АРМ во Скопје.
Пред присутните претставници на министерствата за одбрана и јавните сервиси од регионот, министерот Талат Џафери ги посочи и основните насоки коишто ги дефинираат односите со јавноста во рамки на Министерството за одбрана.
„Ние сме насочени кон ефикасното практикување на транспарентноста и навременоста, како наш патоказ во пренесувањето на суштинските пораки кон јавноста, на интер-институционално, национално и меѓународно ниво“, рече Џафери.
Директорот на RACVIAC – Центарот за безбедносна соработка, Бранимир Мандиќ, во своето обраќање посочи на фактот дека токму првиот чекор кон реализација на потенцијалот на стратешката комуникација за придонес кон националната безбедносна стратегија е да разбереме што таа значи и каков е нејзиниот однос кон целосната безбедносна стратегија. Како што додаде Мандиќ, земјите членки на НАТО и земјите кандидати за членство во Алијансата, имаат потреба од размена на знаење, искуство и научени лекции на полето на стратешките комуникации.
Портпаролката и раководител на односите со јавноста во ОБСЕ, Кети Бартон, пак, од своја страна посвети внимание на клучните елементи кои се своевидна база на комуницирањето, како начин за креирање на меѓусебна доверба со јавноста.
„Комуникацијата е дел од демократијата, а светот денес прерасна во еден комуникациски автопат“, истакна портпаролката на ОБСЕ, посочувајќи дека стратешките комуникации се базираат врз пронаоѓањето и пренесувањето на вистинската, клучната порака.
Истовремено Бартон, се осврна и на местото и влијанието на социјалните медиуми (мрежи) во современото општество, упатувајќи на фактот дека тие не смеат да бидат занемарени, односно дека тие се еден од најефикасните алатки за повеќенасочна комуникација со јавноста.
Конференцијата за стратешки комуникации, која се одржува во коорганизација на Министерството за одбрана и RACVIAC – Центарот за безбедносна соработка цели кон креирање на слика за значењето и предизвиците поврзани со стратешките комуникации, како и развивање на принципите за нивно практикување. Таа е трета активност посветена на унапредувањето на соработката и комуникацијата помеѓу институциите, јавните сервиси, меѓународните организации и тоа преку дијалог, размена на информации, гледишта и идеи./крај/мф/сн
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
ДПМНЕ да не бега од сопственото ветување за една изборна единица, бара Левица
„Левица е за укинување на т.н. Пржинска влада и непотребните дополнителни заменици-министри со право на вето, сметајќи дека истата нема смисла и се претвори во алатка за меѓупартиско пазарење. Техничката влада функционира како фасада и привид на фер, демократски избори и плурализам, зад кој продолжува суштинската политичка нееднаквост, селективноста и цензура. Затоа, укинувањето на техничката влада за нас е прифатливо само доколку оди рака под рака со вистински, а не декларативни демократски реформи“, велат од партијата Левица.
„За почеток, воведување на една изборна единица, како единствен начин за секој глас да вреди подеднакво. Вториот услов е укинување на политичката цензура и обезбедување еднаков пристап до медиумско претставување за политичките субјекти. Потсетуваме дека на последните избори, токму Левица, како парламентарна партија, беше единствената на која, поради „правна празнина“, ѝ беше оневозможено било какво политичко рекламирање. По завршувањето на изборите, Левица во Собранието предложи законски измени за надминување на оваа дискриминација, но истите не беа прифатени од владејачкото мнозинство.
Прецизираме дека не сметаме дека институциите се созреани, ниту пак дека постојната пракса на „технички влади“ донесе фер, демократски и избори без институционални злоупотреби. Напротив, техничката влада се покажа како механизам за дополнителни злоупотреби и параван зад кој се задоволуваат апетитите на владејачките и коалициските структури на естаблишмент партиите.
Во периоди кога техничката влада формално треба да служи исклучиво за организација и спроведување на изборите, јавноста беше сведок како се носат системски закони по скратена постапка, се шверцаат законски измени и се штитат интереси на моќни бизнис и урбанистички лобија како што беше случајот и со последната Пржинска влада.
Демократијата не се мери со бројот на договори меѓу партиските елити, туку со тоа дали гласот на секој граѓанин вреди еднакво и дали секоја политичка опција има право да биде слушната.
Левица нема да учествува во шминкање на системот без да се испорачаат нужни реформи. За крај, потсетуваме дека ʼедна изборна единицаʼ е и ветување на ДПМНЕ за овој мандат. Оттука, ги повикуваме да не бегаат од сопственото ветување и предизборни заложби“, се наведува во соопштението на партијата Левица.
Македонија
(Фото) Кисела Вода: Компјутери, принтери и телевизори за училиштата „Рајко Жинзифов“ и „Кирил Пејчиновиќ“
Набавени се компјутери, принтери и телевизори за основните училишта „Рајко Жинзифов“ и „Кирил Пејчиновиќ“ во Кисела Вода, како дел од континуираните активности за унапредување и модернизација на наставниот процес, извести Општината.

„Во периодот кога учениците се на зимски распуст, во училиштата се врши опремување со нова информатичка опрема, со цел второто полугодие учениците да го започнат со поквалитетна настава и полесен пристап до дигитални содржини.

Со оваа инвестиција, општина Кисела Вода уште еднаш ја потврдува својата определба за дигитализација на образованието и создавање современи услови за учење, во чекор со новите образовни стандарди и потребите на учениците“, соопштуваат од Општината.

– Нашата цел е децата да учат во современи и опремени училишта, каде што ќе имаат можност да стекнуваат знаења и дигитални вештини неопходни за нивниот понатамошен развој. Компјутерите, принтерите и телевизорите кои ги обезбедивме во училиштата „Рајко Жинзифов“ и „Кирил Пејчиновиќ“ се уште еден конкретен чекор во таа насока, а учениците по зимскиот распуст ќе бидат пречекани со значително подобри услови за настава, изјави градоначалничката на општина Кисела Вода, Бети Стаменкоска Трајкоска.



Македонија
ЦУК со нови информации: Излеани реки, поплавени подрумски простории, земјоделски површини и дворови, пријавени свлечишта на патишта
Во Општина Кочани е забележан значително зголемен водостој на реките и каналите во полскиот дел. Кочанска река има локално излевање кај село Горни Подлог, каде интервенира КЈП „Водовод“ Кочани со механизација. Зрновска река се излеа пред вливот во реката Брегалница.
Оризарска река се излеа кај село Грдовци, каде состојбата е најкритична. Поплавени се неколку подрумски простории на куќи во близина на реката. Водостопанство „Брегалница“ интервенира со тешка механизација, а МВР го има забрането сообраќајот за моторни возила на северниот влез во селото, извести Центарот за управување со кризи.
Злетовска река и река Брегалница имаат зголемен водостој, но засега нема излевање. Водостоите во горните текови се стабилизираат и имаат тенденција на опаѓање, додека во средните и долните текови состојбата останува критична.
На патниот правец Македонска Каменица – рудник САСА, поради одрон, сообраќајот се одвива по една коловозна лента во должина од околу 200 метри.
Во Пробиштип, поради излевање на реката Киселица на патниот правец село Неокази – село Петришино, сообраќајот е отежнат. За настанот е информиран ЦИК при СВР Штип.
На подрачјето на Скопскиот регион нема нарушување на редовната состојба поврзано со врнежите од дожд.
Во Охрид, одржан е состанок на Кризниот штаб на Општина Охрид, со одлука да се стават на располагање сите човечки и материјални ресурси.
Населбата Далјан е поплавена поради излевање на реката Далја. Екипи со тешка механизација ја пренасочуваат водата кон езерото, а со пумпи се врши испумпување од подруми, дворови и деловни простории. Преку бројот 112 се примени поголем број пријави од оваа локација.
Проблеми се евидентирани и на Коселска река кај село Ливоишта, каде надојдената вода го подјадува патот кај мостот кон село Вапила. Надлежните институции се известени.
Во Кичево, водостојот на реките се намалува, но на одредени локации состојбата сè уште е критична. Околу 120 лица од ул. „Прилепска“ и натаму се евакуирани и сместени во спортската сала „Христо Узунов“. Во текот на утрешниот ден ќе се изврши увид на оштетените објекти, информираше ЦУК.
Во Битолско, градското подрачје е нормализирано, освен во населбата Стрчин, каде има наноси од земја и чакал. Во селата Кравари, Жабени и Породин поплавени се земјоделски површини, но нема опасност по станбени објекти.
Регионалните и магистралните патишта се проодни, со повремени наноси кои се расчистуваат. Сите јавни претпријатија и надлежни служби интервенираат со механизација и човечки ресурси.
Во Ресен, како последица на врнежите, поплавени се земјоделски површини, дворови и помошни објекти во повеќе села. Ангажирани се екипи со пумпи и механизација, а водостоите постепено се намалуваат.
Во Крушево и Демир Хисар има локални излевања на реката Црна и на реката Обедничица, со поплавени дворови, земјоделски површини и локални патишта. Дел од патната инфраструктура е оштетена, а општинските штабови се во постојана координација и интервенираат на критичните точки.
Во Куманово, Липково и Старо Нагоричане засега нема излевање на реките. Забележани се подмрзнати коловози на одделни патни правци, каде надлежните служби интервенираат.
На подрачјето на Крива Паланка, Ранковце и Кратово нема нарушување на редовната состојба, сите патни правци се проодни, а снабдувањето со електрична енергија е стабилно.
Полошки регион
Во Тетовско се пријавени свлечишта на локалните патишта кон село Ѓермо и месноста Бањиче, кои моментално се непроодни. Општината интервенира со механизација.
Во Мала Речица е пријавено уривање на потпорен ѕид, при што е предизвикана материјална штета. Случајот го обработуваат надлежните служби.
Во општина Желино, пријавено е излевање на реката Вардар во село Стримница, каде е испратена механизација од ЈКП, се наведува во соопштението на ЦУК.

