Македонија
Аџиев: Комисијата лустрира неселективно
Комисијата не ги разликува носителите на јавни функции дали се носители на јавни функции од опозиција или од власт, или независни и согласно приложените изјави ја спроведува верификацијата на факти.
Комисијата не ги разликува носителите на јавни функции дали се носители на јавни функции од опозиција или од власт, или независни и согласно приложените изјави ја спроведува верификацијата на факти. Ова денеска го изјави претседателот на Комисијата за верификација на фактите, Томе Аџиев во неделното интервју за Радио Слободна Европа.„Не правиме редослед туку ги пуштаме сите во органите со кои соработуваме и кога ќе добијат одредени релевантни податоци за одредено лице ни доставуваат информација и ние проучуваме за тоа лице бидејќи имаме добиено сознание дека има некакви документи за него. Приоритет не правиме, сите се за нас исто битни“, вели Аџиев.Негирајќи ги критиките дека комисијата била политички мотивирана, Аџиев истакна дека први на проверка биле ставени изјавите на претседателот на државата па на пратениците, министрите, судиите, јавните обвинители и членовите на МАНУ. „Значи нема селекција тука и не се работи за селективност и не знам од каде излезе тоа во јавноста, дали некој уплашен дека ќе дојде на дневен ред, а бил соработник, па сега го поставува тоа прашање преку некој медиум, тоа не знам, меѓутоа селекција не се прави и сите што биле носители, се носители, и што се кандидати за носители влегуваат во проверката“, рече Аџиев.Во врска со најавената лустрација на новинари од приватните медиуми, Аџиев рече дека сопственикот на медиумот треба да си дали му е добро во неговиот медиум да има лице за кое Комисијата утврдила дека бил соработник со тајните служби.„Доколку се утврди дека некој уредник или новинар од приватните медиуми бил соработник со тајните служби, обврска е на сопственикот прво да ги предвиди законските обврски во нивниот акт и да ја извести Комисијата дека тој акт е изменет каде што се бара дополнителниот услов за вршење на јавна функција и трето да е негова обврска и одговорност ако тој не сака да го разреши од функцијата, а ние само ќе констатираме дека тој не го исполнува условот за вршење на таква функција“, рече Аџиев. /крај/рсе/ап/
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Николовски: Системот на злоупотреби што го создаде Владата ја уништи довербата – земјоделците повторно ќе ја плататат цената
„Колку пати алармирав и предупредував дека во Агенцијата за финансиска поддршка на земјоделството и руралниот развој се создава систем на клиентелизам, влијанија и злоупотреби?“, порача поранешниот министер за земјоделство, Љупчо Николовски, реагирајќи по апсењето на директорот на Агенцијата при земање мито.
„Јавно укажував дека ИПАРД 3 ќе крахира, дека со вакви практики се загрозува кредибилитетот на државата пред Европската комисија и се става под ризик целата програма вредна околу 100 милиони евра – пари наменети за развој на македонското земјоделство“, изјави Николовски.
Според него, денешниот скандал е директна последица на политичко поставување на луѓе без интегритет и без компетенции.
„Ова не е изолиран инцидент, туку резултат на владеење кое ги заменува вредностите и професионалноста со партиска послушност“, нагласи тој.
Николовски потсети дека за време на неговиот мандат ИПАРД 2 програмата беше 100% искористена, со 2.369 договори и реализирани инвестиции.
„Срамно е целиот тој успех и довербата што ја изградивме со Европската унија да биде уништена за само една година поради корупција и лични интереси“, додаде тој.
Тој предупреди дека постои реална опасност Европската комисија да ја стопира ИПАРД 3 програмата за Македонија, што би значело блокада на сите исплати и нови повици.
„Ако се случи тоа, земјоделците повторно ќе бидат жртви на корупцијата и неспособноста на оваа власт“, порача Николовски.
Поранешниот министер побара итна одговорност и расчистување со злоупотребите:
„Време е за целосна одговорност. Македонија не смее да си дозволи да ја изгуби довербата во европските институции поради поединци кои го претворија земјоделството во извор на мито и политички влијанија.“
Македонија
Делови од Центар и Сарај в понеделник без вода
Од ЈП Водовод и Канализација, известуваат дека зафатот кој беше најавен за денеска поради одредени технички пречки се одложува за понеделник.
Поради изведување на водоводен приклучок ф-100мм на ул. Христо Смирненски 13, од 09:00 часот до завршување на интервенцијата, прекинато водоснабдување ќе имаат корисниците од дел од истата улица, поточно потегот од Зур – Маркет до бул. Партизански Одреди, во општина Центар.
Исто така во понеделник ќе се изврши редовно чистење на резервоарот за питка вода во село Рашче. За време на активностите во периодот од 09:00 – 13:00 часот, прекинато водоснабдување ќе имаат корисниците од населените места: Рашче Копаница и Бојане, општина Сарај.
Македонија
До понеделник променливо облачно време со локални врнежи од дожд
Променливо облачно време со локални врнежи од дожд кои повремено ќе бидат пообилни. Процесите ќе бидат поинтензивни во форма на невреме со пообилен пороен дожд (над 30 l/m² за 24 часа), засилен ветер и појава на грмежи. Ќе дува умерен до засилен ветер од јужен, а долж Повардарието од југоисточен правец. Минималната температура ќе биде во интервал од 6 до 12, а максималната ќе достигне од 12 до 17 степени.
Во Скопје, променливо облачно со повремени врнежи од дожд. Ќе дува умерен до засилен југоисточен ветер. Минималната температура ќе се спушти до 10, а максималната ќе достигне до 16 степени.
Времето во наредните денови
Под влијание на влажна и нестабилна воздушна маса до понеделник ќе преовладува променливо облачно време со локални врнежи од дожд кои повремено ќе бидат пообилни. Процесите ќе бидат поинтензивни во форма на невреме со пообилен пороен дожд (над 30 l/m² за 24 часа), засилен ветер и појава на грмежи. Од вторник се очекува стабилизирање на времето.

