Македонија
Пет седници на собраниски комисии

Во Собранието на Република Македонија денеска седници ќе одржат Комисиите за финансирање и буџет, за одбрана и безбедност, за труд и социјална политика, Законодавно-правната комисија и Комисијата за економски прашања.
Предлог-законот за задолжување на Република Македонија кај Меѓународната банка за обнова и развој-Светската банка по Договорот за заем за Вториот програмски заем за развојни политики за конкурентност, по скратена постапка, како и за Статутарната одлука за изменување и дополнување на Статутот на Комисијата за хартии од вредност на Република Македонија се на дневен ред на Комисијата за финансирање и буџет.
Пред членовите на Комисијата за одбрана и безбедност на дневниот ред е Предлог-законот за дополнување на Законот за служба во Армијата на Република Македонија, по скратена постапка, во второ читање.
Комисијата за труд и социјална политика треба да се изјасни по предлог-измените на Законот за социјалната заштита и на Законот за агенциите за привремени вработувања, двата во второ читање.
Законодавно-правната комисија во рамки на 153. седница ќе расправа за Предлог-законот за изменување и дополнување на Законот за вработување и работа на странци, Предлог-законот за изменување и дополнување на Законот за вработувањето и осигурување во случај на невработеност, Предлог-законот за изменување и дополнување на Законот за социјалната заштита, Предлог-законот за изменување и дополнување на Законот за агенциите за привремени вработувања, сите во второ читање.
По завршување на 153 та седница Законодавно-правната комисија ќе ја започне 154 та на чиј дневен ред се Предлог-законот за дополнување на Законот за служба во Армијата на Република Македонија, по скратена постапка; Предлог-законот за изменување и дополнување на Законот за стечај, по скратена постапка; Предлог-законот за задолжување на Република Македонија кај Меѓународната банка за обнова и развој – Светската банка по Договорот за заем за Вториот програмски заем за развојни политики за конкурентност, по скратена постапка; Предлог-законот за изменување и дополнување на Законот за учебници за основно и средно образование, по скратена постапка; како и Утврдување за Пречистен текст на изборен законик.
Членовите на Комисијата за економски прашања треба да се произнесат за Предлог-законот за изменување и дополнување на Законот за стечај, по скратена постапка./крај/мф/ап
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
Сиљановска-Давкова по средбата со Пелегрини: Словачка е една од нашите најверни и најпосветени поддржувачи

Словачка е една од нашите најверни и најпосветени поддржувачи, изјави претседателката Гордана Сиљановска-Давкова на заедничката прес-конференција со словачкиот претседател Петер Пелегрини, кој е во посета на Македонија.
„Како што знаеме со Словачка нѐ врзуваат заедничкото наследство на Светите браќа Кирил и Методиј, блиски културни односи, сестрано и долготрајно пријателство. Денеска реков, ако сум јас еден од основачите на Европското движење во моментот на распаѓањето на Југославија, Словачка е државата којашто финансиски сѐ уште ја поддржува Европската конвенција на која се најдоа најважните прашања врзани за реформите“, рече таа.
Претседателката кажа дека политичките односи со Словачка се исклучително добри и дека таа посакува економска подобра соработка.
„Најважното за нас: Словачка е еден од нашите најверни и најпосветени долгогодишни поддржувачи на европската интеграција, со кристално јасна заложба за потребата од проширување на ЕУ. Тоа не го прави само во рамките на Вишеградската група, туку и со активното учество во Групата пријатели на Западен Балкан, меѓутоа еве и на денешната средба. Нема подобро чувство од тоа да видите како претседател на земја – членка на Европската Унија ви изразува јасна поддршка на европскиот пат. Многу ме радува што обајцата делиме став дека проширувањето мора да се темели на Копенхагенските критериуми од кои не треба да бегаме. Значи да е засновано на заслуги и да е засновано на резултати. Да не зависи од дополнителни, ирационални политички условувања, коишто на некој начин го узурпираат процесот на евроинтеграцијата“, рече Сиљановска – Давкова.
Таа се осврна и на геополитичка и безбедносна состојба на ризик на Европа.
„Јас сум многу свесна за актуелната геополитичка и безбедносна состојба на ризик на Европа, ризикот од создавање на политички вакуум којшто може да биде искористен од трети страни и токму тоа му го предочив на претседателот дека – кога се укажува со право на опасноста од политички влијанија однадвор, од трети страни, мора да се знае дека не постои никогаш празен политички вакуум. Вакуумот секогаш некој ќе се обиде да го пополни, но најдоброто решение за оневозможување на било каков вакуум и политичко влијание од трети страни е да се реинтегрираме во Европската Унија, да имаме јасни гаранции дека таму ни е местото. Така фактот дека ние географски, историски, културно, отсекогаш сме биле дел од Европа ќе се заокружи природно и политички. Така ние ќе се вратиме таму каде што сме биле, во Европа“, рече претседателката.
Македонија
„Пренеси им поздрав и порака на нашите ангели“ – родителите од Кочани сочувствуваат со смртта на Панчо

Здружението на граѓани „16 март“, формирано од некои од родителите и семејствата на загинатите деца во пожарот во дискотеката „Пулс“ во Кочани, изрази длабоко сочувство до семејството на пејачот Владимир Блажев-Панчо, кој почина денес, седум месеци по трагедијата.
„Со длабока тага и солзи во очите ја примивме веста за загубата на уште еден млад живот – Владимир Блажев-Панчо, талентиран пејач од групата ДНК, 63. жртва од пожарот во ‘Пулс’. Млад човек со сонувања и енергија што допираше срца, сега замина предвреме оставајќи празнина, која не може да се пополни“, стои во пораката.
„Вашата болка е и наша болка. Вашата загуба е и наша загуба. Ги чувствуваме секоја солза и секој празен момент што го остава оваа трагедија“, додаваат од здружението.
Во пораката стои и: „Пренеси им поздрав и порака на нашите ангели дека засекогаш ќе останат во нашите срца. А ние нема да молчиме – правдата мора да дојде!“
Од здружението порачаа дека „ова не е само број – ова е живот што носеше радост и надеж“ и дека „правдата мора да се извојува – за Панчо, за секоја жртва, за секој млад живот што беше одземен“.
Македонија
Сообраќајна револуција во Гази Баба и три нови кружни тека, ветува Митовски

Влатко Митовски, кандидат за градоначалник на Гази Баба од СДСМ, во неговата изборна програма предвидува три нови кружни текови.
„Сообраќајниот хаос кој владее во нашата општина мора конечно да запре. Гази Баба денес се наоѓа на најниско сообраќајно ниво од нејзиното постоење. Наместо да се развива плански и рамномерно, се гради без визија и без стратегија. Затоа, еден од моите први приоритети ќе биде решавањето на сообраќајните тесни грла. Токму овде — на крстосницата на улицата „Киро Глигоров“ со „Индустриска“ — ќе се изгради кружен тек кој значително ќе го намали метежот во ударните часови. Оваа точка претставува клучна сообраќајна артерија која ја поврзува општината со Аеродром, а дополнително, во овој дел се изградени бројни нови висококатници во кои се вселија многу жители“, вели Митовски.
Истовремено, додаде тој, на сегашната раскрсница што ги поврзува улицата „Благоја Стефковски“ со улицата „Маџари“, ќе биде изграден втор кружен тек — затоа што токму тука секојдневно се создава најголем сообраќаен метеж и нервоза кај возачите.
Како трет клучен проект за намалување на сообраќајниот метеж, рече Митовски, е и изградба на клучка или кружен тек на влезот од Скопје на бул. Александар Македонски, решение кое ѓи ги поврзе Хиподром и Инџиково со автопат и значително ќе го растерети сообраќајот по ул. Благоја стефковски и Методија Андонов Ченто.