Македонија
Бесими ќе потпише Протокол за пристапување на Молдавија во ЕЕЗ
Министерот за економија Фатмир Бесими денеска во Виена, во функција на актуелен претседавач со Енергетската заедница ќе потпише Протоколот за пристапување на Република Молдавија во Енергетската заедница со молдавскиот вицепремиер и министерот за економија Валериу Лазар
На потпишувањето, како што најави Министерството за економија, ќе присуствува и заменик генералниот директор за енергетика во Европската комисија Фабрицио Барбасо.Со проширувањето на Енергетската заедница по пристапувањето на Молдавија и со нејзиното добивање на рамноправна положба во однос на останатите земји – потписнички на Договорот за основање на Енергетската заедница, се очекува уште повеќе да зајакне регионалната димензија на Енергетската заедница, во насока на создавање на регионален пазар на енергија и заедничка соработка на земјите од регионот. „Во овој контекст очекувам и останатите земји – набљудувачи на Енергетската заедница да го следат примерот на Молдавија и да ги забрзаат преговорите за полноправно членство, со што ќе ја формализираат нивната апликација за членство“, вели министерот за економија Фатмир Бесими. Пристапувањето на Молдавија беше одобрено од Министерскиот совет на Енергетската Заедница во декември 2009, но предмет на потпишување на Протоколот за пристапување беше усвојувањето на Законот за гас, во согласност со релевантните правила на ЕУ. Денешното потпишување следи по донесувањето на новиот закон за гас на Молдавија и неговото објавување на 12 февруари. Молдавија сега треба да ја следи нејзината уставна процедура да го ратификува Договорот за формирање на Енергетската Заедница со цел да стане нејзина членка. „Енергетската заедница е еден од успешните примери за регионална соработка која се темели на заедничка цел, а тоа е влез на енергетските пазари во единствениот пазар на енергија на Европската унија. Во годината што претстои, Република Македонија како земја – претседавач ги прифати приоритетите на Енергетската заедница, меѓу кои и преземање на интензивни активности и заедничка соработка на регионалните иницијативи, како и создавање на услови за зголемување на интересот на инвеститорите и степенот на политичка доверба од значење за регионот и пошироко, а пристапувањето на Молдавија во енергетското семејство е уште еден успешен пример за тоа“, смета Бесими.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Левица: Синот на газдата на „Пулс“ поднел тужба против осум лица за кршење на кафулето „Класик“ – системот е изопачен
Михаил Јованов, синот на Дејан Јованов – Деко, газдата на дискотеката „Пулс“ во Кочани поднел приватна кривична тужба против осум лица и други непознати лица од Кочани за оштетување на туѓи предмети, велат од Левица утрово преку соопштение.
Во тужбата, како што се наведува, станува збор за оштетувањата на кафе барот „Класик“, исто така сопственост на Јованов, што настанаа на протестите на 17 март лани, еден ден по трагичниот настан со пожарот во дискошталата „Пулс“ во која животот го загубија 62 лица, а повеќе од двеста се со тешки повреди и до ден денес се лекуваат.
„Фактот дека синот на газда Деко поднел приватна кривична тужба против осум лица и непознати сторители за оштетување на имот, која сама по себе повлекува и обештетување доколку се утврди вина, претставува врв на безобразието и цинизмот во оваа трагедија.
Да потсетиме, Левица на лидерската средба минатата недела побара државата да ги обештети семејствата на починатите во пожарот во „Пулс“, но државата експресно се прогласи за ненадлежна со образложение дека трагедијата се случила во приватен објект. Во истата таа држава, денес газдата на истиот објект што изгоре, кој е осомничен и против кого се води кривична постапка, бара кривичен прогон на млади луѓе и сопствено обештетување за настани кои се директна последица на неговото криминално и неодговорно работење, потпомогнато од системот на државата која е ненадлежна да ги обештети жртвите од пожарот затоа што бил на приватен имот.
Ова е слика на изопачен систем во кој жртвите се оставени без правда и поддршка, а осомничените добиваат простор да ги тужат граѓаните, па дури и деца, за да наплатат штета. И, не е случајно што сето ова се случува токму сега, кога победи партијата која со години го толерираше безредието, криминалот и клиентелизмот. Таа победа очигледно беше „ветер во грб“ за криминалните структури да се чувствуваат недопирливи и охрабрени да удираат по народот кој бара правда.
Порачуваме дека нема да дозволиме трагедијата во Кочани да се претвори во фарса каде виновните ќе се прикажуваат како жртви, а жртвите како виновници. Одговорност мора да има и кривична, и институционална и политичка. Секој обид за заплашување на граѓаните и лицата кои протестираа и протестираат ќе го сметаме како директен напад врз правото на правда и достоинство.
Правдата за Кочани не смее и нема да се задуши со уцени, закани, тужби и молк“, се вели во соопштението на политичката партија.
Македонија
Храна со истечен рок, лоши хигиенски услови, недостиг на санитарни книшки затекнаа инспекторите во маркетите низ државата
Приближно четириесет илјади евра во денарска противвредност е вкупната вредност на 22 казни кои ги изрекоа инспекциските служби на Агенција за храна и ветеринарство (АХВ) на оператори со храна, во рамки на спроведените вонредни надзори во маркети и хипермаркети на целата територија на државава. Со акцијата која се спроведе од 13 до 16 јануари годинава, контролирани беа 188 оператори со храна од оваа категорија.
Кај 10 оператори, со контролите утврдени се полесни повреди од областа на безбедноста на храната (неселектираност на разладни уреди, нејасни и нечитки декларации на производите и слично), за што се изречени мерки опомена, а во 2 маркета констатирано е дека вработените лица немаат санитарни книшки.
Кај 6 од контролираните меркети утврдено е дека немаат имплементирано процедури за примена на правилата на Добра призводствена и Добра хигиенска пракса, а кај 14 маркети затекната била храна со изминат рок на траење.
Како небезбедени во рамки на оваа акција на Агенцијата, од операторите одземени и нештетно уништени се над 253 килограми храна (месо и преработки од месо, млечни, кондиторски и други видови производи).
Македонија
Променливо облачно време со врнежи од дожд и снег
Времето денеска ќе биде променливо облачно со слаби локални врнежи од дожд и снег, а на повисоките места и на планините од слаб снег. Ќе дува слаб до умерен ветер претежно од североисточен правец.
Максималната температура ќе биде во интервал од 1 до 7 степени, јавува УХМР.
Во Скопје, променливо облачно со слаб ветер од североисточен правец. Максималната температура ќе достигне до 6 степени.

