Македонија
Желев:Грција води срамна политика кон Македонија
Првиот демократски избран претседател на Бугарија Жељу Желев ја оцени како срамна политиката на Грција кон соседна Македонија.
Првиот демократски избран претседател на Бугарија Жељу Желев ја оцени како срамна политиката на Грција кон соседна Македонија. „Западниот сосед треба да си остане со името Република Македонија, како што се нарекувала во југословенската федерација во континуитет половина век. Зошто тогаш, во времето на Тито, Грција не го поставила прашањето за името? Затоа што им беше страв. Тоа е срамно што сега си играат со оваа земја на неубав начин, тоа е еден начин на покажување на мускули без да има причина“, рече Желев во интервјуто за бугарската агенција Бгнес. Желев се осврна и на годините пред признавањето на Македонија од страна на Бугарија. „Решивме да се обратиме кон сите балкански земји-соседи на Југославија, а посебно на Македонија, да се откажат од секакво учество во југословенските војни. Втора работа, побаравме од сите соседи на Македонија да ја признаат како самостојна и независна држава, односно да го признаат нејзиниот државен суверенитет и територијална целост. Во принцип, сите се согласија, но не се случи тоа што го баравме“, продолжува поранешниот бугарски претседател. Желев понатаму го спомна и формирањето на Бадинтеровата комисија, која процени дека само Македонија и Словенија тогаш ги исполнија условите да бидат признаени како независни држави. „Независно од препораката на „Бадентер“, Македонија отпадна како кандидат за самостојна држава, бидејќи Грците, користејќи задолжителен консензус во такви случаи, рекоа дека не се согласни со нејзиното признавање. Тоа беше неправедно кон Македонија…Тогаш решивме Бугарија да биде првата земја што ќе ја признае Македонија, заедно со Босна и Херцеговина, Словенија и Хрватска“, изјави Желев. Тој додава дека 15 дена подоцна на економскиот форум во Давос го убедил и турскиот премиер Сулејман Демирел Турција да ја признае Македонија. „Демирел ги ислуша внимателно моите аргументи, се загледа во аголот на собата во која се водеше разговорот и рече: За една недела турската влада ќе ја признае Македонија“, подвлекува Желев. Според него, во неколку наврати го убедувал и рускиот претседател Борис Елцин Русија да ја признае Македонија. „Во еден момент му реков на рускиот претседател дека уште не го гледам указот за признавање на Македонија…Елцин се сепна за време на прошетките во резиденцијата „Бојана“ и го повика шефот на дипломатијата Козирев и му нареди да го напише указот. Се сеќавам дека во тој момент Козирев почна да ги крши прстите, појаснувајќи дека Грците многу ќе им се лутат за тој акт. Елцин пресече – ’мене Грците не ме интересираат, бугарската позиција е исправна и напиши го указот’. Козирев речиси беспомошно рече дека тоа е невозможно од технички причини, бидејќи печатот останал во авионот на аеродромот. Елцин од своја страна изјави дека на прес конференција ќе соопшти дека Руската Федерација ќе ја признае независноста на Македонија, а 10 минути по летнувањето од Софија, Елцин преку радио соопшти дека Русија ја признала Македонија“, додава Желев во интервјуто за Бгнес. Поранешниот бугарски претседател во петок ќе биде одликуван од македонскиот претседател Ѓорге Иванов со орденот „8 Септември“ – највисокото македонско државно одликување. /крај/бгнес/ст
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Ѓорѓиевски: За два дена од Скопје се исчисти над четири и пол илјади тони отпад, скопјани имаат човек на кој може да се потпрат
Над четири и пол илјади тони отпад или четири до пет пати повеќе од секој вообичаен викенд што се собирало во Скопје се собрани во акцијата за чистење што ја почна новиот градононачалник на Скопје, Орце Ѓорѓиевски веднаш по преземањето на градоначалничката функција.
Во изјава дадена вечерва на плоштадот „Македонија“ по изминувањето на 72 часа, Ѓорѓиевски рече дека акцијата е успешно реализирана и дека во неа биле вклучени над две и пол илјади работници.
– Успешно ја завршивме оваа акивност на која се обврзавме дека ќе ја реализираме во 72 часа, иако состојбата на почетокот беше нереално да ја изведеме и сработиме како задача што самите си ја поставивме бидејќи беа десеткувани структурите во јавните претпријатија од аспект на организацијата и механизацијата со која располагаат. Кога ја презедов функцијата известив дека Комунална Хигиена имаше 16 камиони, денеска имаме повеќе од 40 камиони, но нашата тенденција е до петок да бидат околу 60 функционални камиони што значи дека ќе бидеме целосно самостојно оперативни. Изминатиот период тоа го бајпасиравме и со општествено одговорни компании кои сериозно ни помогнаа, како и градоначалниците на Тетово, Кавадарци, Штип, Велес и останатите, изјави Ѓорѓиевски.
Како што информираше, исчистени се сите микролокации во населените места, плоштадот „Македонија, Градскиот парк, Жена парк, речното корито на Вардар, депонијата кај Градските гробишта Бутел, а почнато е чистењето и на депонијата Вардариште.
– Освен микродепониите, исчистено е и речното корито на Вардар и после 10-тина години вештачки создадените островчиња од земја и разни наноси се исчистени. Плоштадот не беше испран долго време, третирано е и целото партерно уредување, мостот, Градскиот парк, Жена парк, односно сите места кои во минатото беа срам за Скопје. Нема да дозволам да се повтори грдата слика што ја гледавме во Скопје, нагласи Ѓорѓиевски.
Најави дека се прави оперативен план за дејствување и во следниот период и оти фокусот во зимскиот период ќе биде на решавање на овие состојби, а веќе напролет ќе почнат градежните активности.
– Скопјани да бидат спокојни, имаат човек на кој може да се потпрат во секое време и човек кој апсолутно ќе даде се од себе заедно со својот тим во наредниот период да не поминуваат низ голгота каква што имавме изминатите четири години, рече Ѓорѓиевски.
Македонија
Ѓорѓиевски со предупредување до граѓаните, ќе се казнува секој што ќе фрла отпад
Градоначалникот на Град Скопје, Орце Ѓорѓиевски, објави дека акцијата за чистење „72 часа“ се одвива одлично, со цел градот да изгледа „чисто, како што му доликува“.
Ѓорѓиевски рече дека во акцијата вклучени се повеќе од 2.500 луѓе и над 100 возила.
Градоначалникот упати апел до граѓаните за одговорно однесување, предупредувајќи дека несовесното одложување на отпад нема да се толерира.
„Досега напишани се десетици казни на неколку правни субјекти, а оваа пракса ќе продолжи за секој оној кој го загрозува нашето здравје. Да го чуваме Скопје,“ порача Ѓорѓиевски.
Македонија
Почнува откупот на тутунот
Привршуваат подготовките за стартот на откупот на тутунот, кој законски почнува од 15 ноември и трае до 28 февруари наредната година.
Според Кире Ристески, претседател на Сојузот на земјоделските здруженија, останува 10-те откупувачи кои треба да преземат околу 22 000 тони тутун да ги верификуваат мострите, да ги истакнат на 17 ноември, и од 18 ноември да ги отворат вратите на откупните пунктови во земјава.
„Од понеделник почнуваат да се верификуваат мосттрите тутун во Институтот за тутун во Прилеп. Тоа ќе трае до петок, 14 ноември. Од понеделник, 17 ноември, откупните компании ќе може да ги подигнат и на 18 ноември може да ги отворат пунктовите. Ние како Сојуз сме подготвени да почне откупот на тутунот. Имаме капацитет, односно повереници, за да ги покриеме сите ваги, а годинава во земјава се 337 откупни ваги што е најмногу досега, така што се очекува тутунот да се купи што побрзо и со добар квалитет“, изјави Ристески.
Сојузот сѐ уште преговара за повисоки цени, но Ристески смета дека тутунот ќе биде подобро платен од лани.
„Со компаниите преговараме, но може да тврдам дека поради високиот квалитет на тутунот ќе биде подобро платен од ланската реколта“, смета Ристески.
Поради сушата родот е намален. Откупувачите очекуваа 26 000 тони, но реколтата може да тежи најмногу до 22 000 тони, сметаат од Сојузот.
Јусуф Ибраими, тутунопроизводител од долненското село Житоше со нетрпение чека да почне откупот на тутунот. Има околу 3,5 тони квалитетен род кој, се надева, ќе постигне повисока цена, иако сушата ги намали приносите.
„Иако ги зголемивме површините годинава, сушата во летото го зеде данокот. Малку се подобри ситуацијата, за 10-ина проценти, со дождовите во септември и родот ми е околу 3,5 тони. Очекувам да постигнам повисока цена од ланската“, рече Ибраими.
Со неодамнешните измени во Законот за тутун, се забранува увоз на тутун во текот на откупната кампања, од 15 ноември до 28 февруари.

