Македонија
Е – документ – редуцирање на административните бариери

Нов проект Е – документи, чија што цел е редуцирање на административните бариери, започнува македонската Влада.Ова в сабота на прес конференција во Скопје го соопшти министерот за информатичко општество, Иво Ивановски.
Нов проект Е – документи, чија што цел е редуцирање на административните бариери, започнува македонската Влада.
Ова в сабота на прес конференција во Скопје го соопшти министерот за информатичко општество, Иво Ивановски. Тој рече дека, иницијативата подразбира воведување нов систем, со кој што, кога граѓанинот се обраќа за некаква услуга до одредена институција, самата институција електронски ќе ги побара сите потребни документи за граѓанинот од другите институции.
Тоа значи дека граѓаните треба да пополнат само еден формулар од одредена институција и нема да бидат враќани доколку не им е комплетна документацијата, рече Ивановски.
Претходно, за реализација на проектот потребно е да се идентификуваат сите постапки за барањата кои доаѓаат од граѓаните, што е првата активност која започна да се спроведува оваа година.
Меѓу институциите кои што ќе разменуваат електронски документи се УЈП, Централен регистар, Фонд за пензиско и инвалидско осигурување, Основен Суд 1, Основен Суд 2, Централен депозитар, како и Министерството за внатрешни работи и Агенција за катастар на недвижности, кои се најобемни и имаат најголем контакт со граѓаните.
Според Ивановски, во периодот што следи, ќе се подготвува детална анализа од која што ќе произлезе дизајнот и опсегот на проектот, што се очекува да биде комплетиран во текот на 2010 година.
Проектот Е – документи зависи и е во блиска корелација со проектот за меѓусебно поврзување на регистри и бази на податоци меѓу државните органи и институциите кој е планиран и се спроведува од страна на Министерството за информатичко општество./крај/амп
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
Коњановски потрошил милиони без ниту еден капитален проект, рече Куновски од СДСМ

Кандидатот за градоначалник на Битола од редовите на СДСМ, Методија Куновски, на денешната прес-конференција изјави дека доаѓа крајот на, како што ја нарече, „четиригодишната ера на разочарувања и промашувања на актуелниот градоначалник Тони Коњановски“.
„Битола заслужува градоначалник кој нема да работи за тебе, за мене, за мала група луѓе или за партијата, туку за сите граѓани. Човекот мора да биде пред сè“, рече Куновски.
Тој го обвини Коњановски за недомаќинско и хаотично работење, со бројни раскопани и нефункционални улици, долгови на јавните претпријатија и нереализирани капитални проекти.
„Јавните претпријатија се во долг од над 3 милиони евра, а ниту една нова машина не е набавена. Укинати се бесплатните 15 минути паркинг, а нови паркинг-места нема. Наместо спортски комплекс, нови кружни текови или училишта, добивме импровизиран кружен тек кај Стрелиште и сообраќаен хаос“, нагласи Куновски.
Кандидатот од СДСМ истакна и дека сметките на училиштата должат скоро 50 милиони денари, а некои објекти се затворени поради прокиснување на крововите.
„Жителите на повисоките делови од Битола секој втор ден немаат вода, а цената за водоснабдување е зголемена. Градинки нема за Бистрица и околните села, а градот е преполн со бездомни кучиња“, додаде тој.
Куновски го обвини Коњановски и за расфрлање со јавни пари.
„Немаше средства за ранливите категории семејства, а потроши повеќе од 4 милиони денари за кафеани и 10 милиони денари за нови возила од фирма блиска на министерот за надворешни работи“, рече Куновски.
Во своето обраќање тој порача дека битолчани ќе стават крај на ваквото владеење.
„После четири години застој и скандали, Битола ќе избере одговорна, отчетна и транспарентна локална власт“, заклучи Куновски.
Скопје
Османи: Чаир ќе стане центар на технологија, култура и младински идеи

Кандидатот за градоначалник на Чаир, Бујар Османи, на средба со младите од општината ја претстави својата визија за „Новиот Чаир“, посветена на урбана преродба и создавање општина на иднината.
„Не можете да дизајнирате визија за Чаир без да ги вклучите младите кои сочинуваат речиси половина од населението. Тие се нашата најголема сила и највреден капитал“, истакна Османи.
Во рамки на својата програма, тој најави изградба на мултифункционален центар на плоштадот „Скендербег“, кој ќе вклучува дигитална и иновациска лабораторија, современа библиотека и културен центар за младинските уметнички и музички групи.
Според него, овој комплекс ќе биде „срцето на визијата за Новиот Чаир и симбол на урбаната преродба на општината“.
Програмата предвидува и општински стипендии за најдобрите студенти, создавање Фонд за иновации, како и Младински совет на Чаир, кој ќе управува со 5% од општинскиот буџет. Преку проектот „Таленти на Чаир“ најдобрите студенти ќе добијат можност за директно вработување во општинската администрација.
Османи вети и подобрување на јавните простори преку реновирање на парковите, воведување бесплатен интернет во јавните зони и организирање бесплатни обуки за дигитални вештини, програмирање и користење вештачка интелигенција.
„Чаир сакаме да го претвориме во центар на технологијата. Ако половина од жителите се млади, тогаш мораме да го искористиме овој капитал и да изградиме општина на иднината“, порача Османи.
Македонија
329 медиуми ќе им бидат на располагање на кандидатите за рекламирање

На претстојните локални избори, кандидатите ќе можат да се рекламираат на вкупно 329 медиуми во земјата, потврди Државната изборна комисија (ДИК).
Од пристигнатите 352 барања за упис во регистарот на радиодифузери, печатени медиуми, електронски медиуми и интернет портали, позитивен одговор добија 33 телевизии, 42 радиостаници, осум печатени медиуми и 246 интернет портали.
„Барањата на 22 правни лица, две телевизии, пет радиостаници, еден печатен медиум и 15 интернет портали, беа отфрлени како неуредни или ненавремено доставени. Дополнително, два ценовници беа доставени без соодветно барање и истите се отфрлени“, изјави членот на ДИК, Светлана Карапетрова, на 131 седница.
Во ДИК се доставени вкупно 399 ценовници за платено политичко рекламирање. Буџетот за локалните избори во 2025 година изнесува 9,76 милиони евра, од кои две третини се наменети токму за медиумите и политичките реклами.
Првиот круг на локалните избори ќе се одржи на 19 октомври, а вториот круг на 2 ноември. Граѓаните ќе избираат градоначалници и советници во 80 општини и во Град Скопје.