Македонија
Македонија, Србија и Црна Гора ќе соработуваат во областа на ИК технологиите

Спогодбата за соработка во областа на информациско-комуникациските технологии потпишаа во четврток Македонија, Србија и Црна Гора.
Спогодбата ја потпишаа министерот за информатичко општество и администрација, Иво Ивановски, потпретседателот на Владата на Црна Гора и министер за информатичко општество и телекомуникации, Вујица Лазовиќ и потпретседателот на Владата на Република Србија и министер за надворешна и внатрешна трговија и телекомуникации, Расим Љајиќ.
Владите на трите земји со спогодбата се залагаат да ја унапредуваат трилатералната соработка во областа на информатичките и комуникациските технологии, како и за создавање услови за инвестиции и заеднички вложувања во проекти од взаемен интерес.
„Како земји напредуваме во развојот на интернетот и компјутерската писменост, а во Македонија настојуваме со преземање на многу активности широкопојасниот интернет да биде достапен до сите граѓани. Во наредниот период со Црна Гора и со Србија ќе споделуваме заеднички искуства и идеи, со цел да напредуваме и да ги достигнеме западните развиени земји. За време на денешните разговори произлезе и една иницијатива да упатиме апел до регулаторните тела за електронски комуникации на Црна Гора, Србија и на Македонија, да ја разгледаат можноста граѓаните на трите земји да користат изедначени роаминг услуги“, рече Ивановски по потпишувањето на спогодбата.
Исто така, министерот Ивановски имаше обраќање на министерската сесија во рамките на Меѓународниот форум за информатички достигнувања „ИнфоФест“, кој се одржува во Будва, на тема „Регионална соработка за изградба на информатичко општество“. /крај/со/мф
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
Меџити: Буџетот на Чаир, Бујар би го потрошил за една недела, државниот ревизор му ги извади валканите алишта на виделина

Кандидатот за градоначалник на Чаир од коалицијата „Вреди“, Изет Меџити, денеска реагираше на начинот на кој поранешниот министер Бујар Османи ги менаџирал јавните пари, предупредувајќи дека злоупотребите и вештачки надуените цени во тендерите се директна опасност за секоја институција и за буџетот на граѓаните.
„Ако само замислиме дека со вакви цени, со вакви рекетирања, Бујар ќе ја косеше тревата во Чаир исто како во салата ‘Борис Трајковски’, тогаш е јасно дека буџетот на општината ќе се проголта за една недела. Со таков начин на лошо менаџирање, наставниците ќе останеа без плати, а граѓаните без основни услуги“, изјави Меџити.
Тој се повика на последниот извештај на Државниот завод за ревизија, кој како што оцени, констатирал сериозни злоупотреби при организацијата на дводневен самит, за кој биле потрошени околу два милиони евра државни пари.
„Овде не станува збор за мои зборови или политички обвинувања. Овде зборуваат фактите, документите и официјалните извештаи. А кога еден министер троши два милиони евра за дводневен самит, додека граѓаните се мачат со инфраструктура, образование и основни услови, тоа е непростливо“, нагласи Меџити.
Тој потсети и на времето кога Османи беше министер за здравство, споменувајќи дека во Гинеколошката болница во Чаир тогаш добил прекар „пациентот“ – што според него е симболичен показател за неуспешното раководење со институциите.
Меџити кој денес оствари посета на ОУ “Васил Главинов” порача дека Чаир заслужува транспарентно управување, реални инвестиции и грижа за граѓаните, а не злоупотреби и тендери со рекетирање.
„Граѓаните имаат право да знаат каде завршуваат нивните пари. Моја обврска како иден градоначалник е да ја вратам довербата и да го заштитам буџетот на Чаир од вакви злоупотреби“, заклучи тој.
Македонија
На Табановце се чека околу 30 минути

Сообраќајот на државните патишта се одвива непречено, по суви коловози.
Интензитетот на сообраќај на патните правци надвор од градските средини е зголемен, поради летните одмори се бележи зголемена фрекфенција на возила, на ГП Табановце времето на чекање за излез од државата е околу 30 минути, додека на останатите граничните премини од македонска страна нема подолги задржувања за влез и излез од државата.
АМСМ препорачува прилагодена брзина на движење, почитување на поставената сообраќајна сигнализација и внимателно управување со возилата, особено на патиштата низ котлините, речните долини и клисурите, каде има можност од појава на одрони. Ова посебно се однесува за делниците Катланово – Велес, Маврово – Дебар – Струга, Виница – Берово и Кочани – Делчево.
Македонија
Утре ќе се прска против комарци во Скопје

Од Градот Скопје известуваат дека утре (петок), во раните утрински часови ќе се изврши авионска дезинсекција на подрачјето на градот Скопје против ларви од комарци.
Доколку временските услови не го дозволуваат вршењето на дезинсекцијата, ќе се прска првиот нареден ден, кога ќе бидат поволни временските услови, во истиот термин.
Се известуваат пчеларите навреме да ги преземат потребните мерки за заштита на пчелите.