Македонија
Ноќеска не се препорачува патување

Поради интензивни врнежи од снег и големи остатоци на коловозот, патниот правец Маврово-Дебар-Струга-Ќафасан е затворен за сите видови на возила
Поради интензивни врнежи од снег и големи остатоци на коловозот, патниот правец Маврово-Дебар-Струга-Ќафасан е затворен за сите видови на возила, соопшти АМСМ.
Очекувано е во текот на вечерните часови условите за сообраќај да се влошуваат и поради тоа не се препорачува патување во доцните вечерни часови.
Сојузот соопшти дека забрана за движење на тешки товарни возила има на патниот правец Гостивар-Кичево, преку планинскиот превој Стража. На овој патен правец за патничките возила задолжителна е употребата на зимска опрема.
Сообраќајот на патниот правец Росоман-Прилеп преку планинскиот превој Плетвар се одвива отежнато и со подолготрајни застои.
На патните правци Битола-Ресен преку Ѓавато и Ресен-Охрид преку Буково задолжителна е употреба на зимската опрема за сите видови на возила.
На патниот правец Тетово-Попова Шапка задолжителна е употреба на зимска опрема за сите видови на возила.
Отежнато одвивање на сообраќај имаме на патните правци Крива Паланка – г.п. Деве Баир и Берово-Кочани, но засега без забрани за возилата.
Поради ваквите отежнати зимски услови за сообраќај, на сите возачи им препорачуваме исклучително внимателно да ги управуваат своите возила и да ја прилагодат брзината на движење на ваквите забавени услови/крај/с/ил
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
Гаши со европратениците: Локалните избори ќе ја потврдат демократската зрелост на земјата

Претседателот на Собранието, Африм Гаши, се сретна со делегација на пратеници кои во име на Европскиот парламент ќе ги набљудуваат локалните избори.
Членовите на Делегацијата доаѓаат од четири политички партии застапени во Европскиот парламент и тоа: Марта Темидо од Групата на социјалисти и демократи, Португалија; Карло Реслер од Европските народни партии, Хрватска, воедно и ко-претседавач на Мешовитиот парламентарен комитет ЕУ – Северна Македонија; Пјер Пимпи од Патриоти за Европа, Франција и Николас Фарантурис од Левица, Грција.
Претседателот Гаши изрази уверување дека претстојните локални избори ќе бидат спроведени во целосна согласност со највисоките демократски стандарди и ќе ја покажат демократската зрелост на земјата. Тој ја поздрави долгата и успешна соработка како и редовната комуникација со Европскиот парламент која најдиректно се одвива преку Мешовитиот парламентарен комитет ЕУ- Северна Македонија. Нагласи дека и после 20 години од кандидатскиот статус, реформи, компромиси и тешки и болни одлуки, граѓаните на Северна Македонија остануваат верни на европските вредности.
Европратениците информираа дека како Делегација се дел од меѓународната набљудувачка мисија предводена од ОБСЕ-ОДИХР и дека иако досега учествувале во набљудувањето на избори во земјата многу пати, за првпат ќе следат локални избори. Нивната цел е да придонесат кон непристрасно и објективно мониторирање на процесот, но и да ја потврдат силната поддршка на Северна Македонија на нејзиниот пат кон ЕУ.
Соговорниците разменија мислења и за подготовката на институциите за локалните избори, како и за текот на кампањата. Европратениците изразија надеж дека граѓаните на Северна Македонија на 19 октомври ќе го остварат своето гласачко право во мирна и демократска атмосфера, а претседателот Гаши посакувајќи им успех во набљудувачката мисија, нагласи дека со големо внимание ќе ги очекува нивните проценки, за кои изрази уверување дека ќе бидат позитивни и дополнително ќе го зајакнат кредибилитетот и транспарентноста на изборниот процес.
Македонија
Костовски до oџата од Бутел 2: Треба да проповедаш за тоа што учи Исламот, а не да кажуваш да не се гласа за мене само затоа што сум Македонец

Кандидатот за втор мандат за градоначалник на Општина Бутел, Дарко Костовски, остро реагираше на денешната петочна проповед во џамијата во Бутел 2, обвинувајќи го оџата дека повикал верниците Албанци да не гласаат за него затоа што е Македонец. Во објава на „Фејсбук“, Костовски порача дека народот сака развој и проекти.
„Сакам лично да го поздравам оџата од џамијата во Бутел 2.
Да му кажам јавно неколку реченици. Оџа на денешната петочна Џума требало да проповедаш тоа што го учи исламот како вера, а не да кажуваш дека Aлбанците не треба да гласаат за Дарко Костовски затоа што е Mакедонец. Па најдобро било да гласаат за ДУИ. (Тие што шајка немаат ставено во Бутел)
Што ти пречи оџа ?
Тоа што во Бутел 2 се гради нова градинка за нашите деца ?
Тоа што во училиштето Панајот Гиновски Бутел 2, се направи нова фасада ?
Тоа што Љуботен после 30 години добива чиста вода ?
Тоа што Визбегово доби ново училиште ?
Тоа што во Скопје Север се вложуваат повеќе од еден милион евра ?
Тоа што пред Нова година ќе удриме камен темелник на нова поликлиника ?
И за крај, дали и јас по твојот памет требаше да не градам кај Aлбанците само затоа што се Албанци ?
Еден куп Aлбанци ми се јавија згрозени од твојот денешен повик.
Да знаеш дека во недела, целиот народ меѓу кои и Албанци, многу жестоко ќе го поразат ова ваше мизерно однесување.
Народот сака развој и проекти, сака иднина за нивните деца“, се вели во објавата на Костовски.
Македонија
Друштвото на писатели бара што поскора санација на спомен куќата на Владо Малески

Од Друштвото на писателите на Македонија велат дека будно и со длабока загриженост го следат случајот со спомен куќата на Владо Малески во Струга, која претрпе сериозни оштетувања поради небрежност при градежни работи во нејзина непосредна близина.
Куќата на Владо Малески, еден од деветмината основачи на Друштвото на писателите на Македонија, има статус на поединечно заштитено добро, а за неговата добробит се одговорни Заводот и музеј на Охрид, Управата за заштита на културно наследство и Комисијата за управување со Охридскиот регион.
„Со оглед на тоа што една од основните заложби на Друштвото на писателите на Македонија е грижата за книжевното и културното наследство што ја негува колективната културна меморија и го афирмира ликот и делото на неговите основачи, воедно и втемелувачи на современата македонска државност и култура, Управниот одбор на Друштвото на писателите на Македонија бара од надлежните институции координирано да овозможат да се преземат сите неопходни мерки за што поскора санација на настанатата штета и враќање на спомен куќата на Владо Малески во Струга во нејзината првобитна состојба“, се наведува во соопштението.
Од таму велат дека советниците, директорите, градоначалниците и функционерите се менуваат, но Друштвото на писателите на Македонија останува тука, и ќе продолжи да го следи текот на развојот на овој нестан, и во никој случај нема да дозволи оваа небрежност и предмет да залута по бирократски лавитинти и ќорсокаци, туку ќе продолжи да инсистира на преземање на сите неопходни мерки сè додека не се дојде до конечна позитивна разрешница.