Македонија
Димитриев: Македонија останува на курсот кон членство во НАТО
Заменик-министерот за одбрана, Емил Димитриев и началникот на Генералштабот на АРМ, генерал-мајор Горанчо Котески, во четвртокот во Министерството за одбрана остварија средба со претставниците на високата делегација на НАТО, Директоратот за планирање на силите, предводени од Рок Косирник.
Заменик-министерот Димитриев, во текот на средбата, информираше дека Македонија е цврсто посветена кон континуираниот и долготраен придонес во меѓународните мировни операции, а беше разговарано и за процесите на трансформација, реформирање и за развој на распоредливите способности, потоа за предизвиците во опремувањето и во модернизацијата, како и за состојбата со буџетот во одбраната.
Истовремено на средбата, во контекст на понатамошното учество на АРМ во мисијата на НАТО во Авганистан пост-2014 година, Македонија ја потврди својата политичка посветеност, во согласност со потребите на Алијансата и можностите на државата.
Во линија на тоа, генералот Котески истакна дека Армијата на Република Македонија ќе продолжи да работи на сопствениот развој со исто темпо како и досега, истовремено свесни за светската финансиска и економска криза и импликациите врз домашната економија.
Од страна на НАТО-тимот беше истакнато дека Македонија дава исклучително висок придонес во меѓународните операции, додека истовремено беше поздравен и добриот напредок во имплементацијата на Партнерските цели 2012 година. Предводникот на НАТО-тимот, Рок Косирник, и додаде дека мажите и жените – дел од контингентите на АРМ во меѓународните мировни мисии се вистинските и најдобри амбасадори на Македонија, на глобалната сцена, а како особено позитивен чекор и сигнал ја посочи трансформацијата на Армијата, со акцент на целосната професионализација на истата.
На денешната средба учествуваше и државниот секретар во Министерството за одбрана, Сашо Стефаноски, како и останати високи претставници од Министерството и од АРМ.
Во средата беа водени интензивни експертски разговори поврзани со повеќе прашања од областа на одбраната, на кои учествуваа лица од Министерството за одбрана, АРМ, Воената академија, Министерството за финансии, Министерствата за внатрешни и надворешни работи, Центарот за управување со кризи, Дирекцијата за заштита и спасување како и одбранбените аташеа на земјите-членки на НАТО, акредитирани во Македонија.
Посетата на тимот од Директоратот за планирање на силите е дел од редовниот процес на периодично евалуирање на постигнатиот напредок во развојот на системот за одбрана на Македонија, активност која се одвива на секои две години. /крај/мф/ач
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Пивтијада на плоштадот во Автокоманда
Денес 19.01.2026 година (понеделник) со почеток во 13:00 часот на плоштадот во Автокоманда ќе се оддржи традиционалната манифестација Пивтијада која општина Гази Баба ја организира 16. година по повод христијанскиот празник Богојавление – Водици.
Оваа манифестација во себе соддржи музички, хуманитарен и натпреварувачки карактер. Преку купување на пивтии граѓаните ќе донираат за Клиниката за детски болести, а преку декоративно украсени пивтии ќе имаат можност да се натпреваруваат за награда.
Македонија
Министерот Минчев со честитка за христијанскиот празник Богојавление – Водици
Министерот за јавна администрација, Горан Минчев, испрати честитка по повод христијанскиот празник Богојавление – Водици.
„Во мое лично име и во име на Министерството за јавна администрација, Ви го честитам големиот христијански празник Богојавление – Водици.
Нека овој празник донесе мир, здравје и благосостојба во Вашите домови и биде поттик за заедништво, солидарност и меѓусебно почитување.
Во духот на празникот, со заедничка посветеност, да продолжиме да придонесуваме кон унапредување на јавната администрација, во интерес на сите граѓани“, пишува во честитката.
Македонија
Сиљановска-Давкова: Празникот да ни донесе радост во срцето, светлина во душата и мир во умот
Претседателката Гордана Сиљановска-Давкова, по повод големиот христијански празник Богојавление – Водици, упати честитка до поглаварот на Македонската православна црква – Охридска архиепископија, Архиепископ охридски и македонски, г.г. Стефан, членовите на Светиот архијерејски синод, на преподобното монаштво и свештенство и до православните верници.
„Почитуван г. г. Стефан, Чест и задоволство ми е Вам, лично, и на членовите на Светиот архијерејски синод, на преподобното монаштво и свештенство, како и на сите православни верници, да Ви го честитам големиот христијански празник Богојавление – Водици.
Посакувам празникот да ни донесе радост во срцето, светлина во душата и мир во умот.
Верувам дека осветувањето на македонските води ќе ни помогне да ги надраснеме малодушноста и летаргијата, и ќе нè инспирира на добродетелство и на грижа за блиските и за заедницата.
Само со благост, внимание, солидарност и емпатија можеме да го разбудиме божественото во себе, покажувајќи ја вистинската човекова природа.
Свесни дека човештвото е соочено со длабока криза и со тешки искушенија, мора да почнеме да се менуваме себеси, ако сакаме да го промениме општеството. Само морални и мудри индивидуи создаваат силни заедници чии напредок и благосостојба никогаш не се на сметка на туѓата болка и страдање.
Да се радуваме што постоиме, да го цениме и да го почитуваме она што го имаме, материјалните и духовните богатства да ги споделиме со другите. Сплотени да се обидеме да придонесеме за среќна и пристојна сегашност, и благословена и просперитетна иднина.
Бог се јави!“, пишува во честитката на Гордана Сиљановска-Давкова.

