Регион
Обама бара 'целосно и искрено' признавање на 'масакрот' врз Ерменците од Турција
Американскиот претседател Барак Обама повика во четвртокот на „целосно , искрено и чесно” признавање на масакрот врз Ерменците извршен во текот на Првата светска војна, откако во средата турскиот премиер Реџеп Таип Ердоган во името на Турција им се извини на нивните потомци.
„Целосно, искрено и чесно признавање на фактот во интересот на сите”, се наведува во соопштението на американскиот претседател Барак Обама што го објави Белата куќа по повод 99-годишнината од одбележувањето на геноцидот врз Ерменците за време на Османлиското царство.
Обама, како што забележуваат агенциите, во ниту еден термин не го споменал терминот „геноцид”. Покрај тоа, не ја споменал директно Турција, којашто е сојузничка на САД во НАТО.
Во средата, пред одржувањето на комеморацијата, турскиот премиер Реџеп Тајип Ердоган, во потегот што е без преседан во турската историја изрази сочувство со потомците на Ерменците убиени во периодот од 1915 до 1917 година.
Шефот на турската влада првпат отворено проговори за човечката драма која се одигрувал во периодот меѓу 1915 и 1917 година, последните денови од Отоманската империја. Многу држави во светот ова го сметаат за геноцид врз Ерменците, што Турција досега го нема прифатено.
„Човечки е да се направи обид да се сфати и со Ерменците да се сподели желбата да се сетат на патењата на своите сонародници во тој период”, се наведува во соопштените на турскиот премиер Реџеп Тајип Ердоган.
„Сакаме Ерменците кои ги загубиле животите во таквите околности да почиваат во мир и изразуваме сочувство до нивните внуци”, беше наведено во изјавата на Ердоган.
Ерменскиот претседател Серж Саргсјан изјави во четвртокот дека Турција треба да го признае ерменскиот геноцид од 1915 година во Османлиската империја, бидејќи само на овој начин ќе може да спречи повторување на слични настани
„Ерменскиот геноцид не смее да се смета за завршен сé додека наследникот на Османлиската империја продолжи да негира очигледни факти. Убедени сме дека негирањето на делото е негово директно продолжение. Само преку признавањето и осудата можат да се спречат ваквите злосторства”, се вели во обраќањето на ерменскиот претседател по повод Денот на сеќавањето за ерменскиот геноцид, кој се одбележува на 24-ти април.
Ерменската заедница била изложена на систематско елиминирање во периодот од Првата светска војна што го спроведувало Османлиското царство и, според историографијата, од 24-ти април 1915 до 1917 година во турската империја таа била жртва на масакри и масовни прогони, а имотите на нејзините припадници биле одземени, што се смета за прв геноцид во XX век.
Ерменија, многу историчари и парламентите на земји во светот оценуваат дека тогаш биле убиени 1,5 милиони Ерменци и тие настани ги нарекуваат геноцид, додека турските историографи се задржуваат на бројката до најмногу половина милион Ерменци кои ги загубиле животите. Иако зазема попомирлив став по оваа проблематика од своите претходници, исламско-конзервативната влада којашто до 2002 година е на власт во Турција и натаму е решителна во одбивањето тие случувања да бидат карактеризирани како геноцид.
Турција и Ерменија во 2009 година потпишаа договор за помирување, но нивниот обид за приближување, со посредување на САД, пропадна за само половина година, откако страните се обвинуваа меѓусебно дека сакаат да го менуваат текстот на договорот и да поставуваат нови услови. Парламентите на двете држави, така, не го потврдија тој договор.
Анкара и Ереван се спорат и околу иднината на Нагорно Карабах, енклава во центарот на Азербејџан со мнозинско ерменско население. Анкара го поддржува Баку во тој територијален спорт кој беше повод за крвавата војна меѓу двете држави на почетокот од 1990-те и во 1993 година ја затвори границата со Ерменија./крај/мф/сн
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Регион
Дачиќ: Вонредна состојба во осум општини, по временските проблеми, ситуацијата се стабилизира
Министерот за внатрешни работи на Србија, Ивица Дачиќ денес изјави дека вонредната состојба е на сила во осум општини и изјави дека ситуацијата во Србија е релативно нормализирана по временските проблеми, како и дека снабдувањето со електрична енергија е стабилизирано.
Дачиќ изјави дека вонредната состојба е сè уште на сила во Ваљево, Осечина, Мали Зворник, Крупње, Мајданпек, Сјеница, Ивањица и на дел од територијата на општина Лучани, и најави дека во петок повторно ќе се одржи состанок на Републичкиот штаб за вонредни состојби, на кој ќе се дискутира моменталната метеоролошка и хидролошка состојба во земјата.
Кога станува збор за снабдувањето со електрична енергија, Дачиќ изјави дека четири локални заедници се без електрична енергија во Мајданпек, дека 141 потрошувач немаат електрична енергија во Прибој, 325 во Ариље, 22 во Чајетина и 12 потрошувачи во Куршумлија.
„Ситуацијата овде, барем според овие податоци, е стабилизирана“, изјави Дачиќ за ТВ Пинк.
Дачиќ рече дека Одделот за вонредни ситуации имал 133 интервенции од 4 јануари, во кои биле ангажирани 297 пожарникари-спасувачи со 142 возила, 25 пумпи и три чамци, и дека 42 лица се евакуирани.
„Теренот сè уште се посетува, ангажирани се пожарникари, припадници на полицијата каде што е потребно, како и армијата, Црвениот крст и цивилната заштита, и можам да кажам дека ситуацијата е релативно стабилизирана и нормализирана“, рече министерот.
Тој изјави дека Штабот за вонредни ситуации ќе се состанува еднаш неделно и додаде дека превенцијата е важна, со цел да се процени ситуацијата и да се извлечат поуки.
„Секогаш кога нешто ќе се случи, убаво го пребродуваме сето тоа и заклучуваме дека нешто не е во ред, но потоа имплементацијата на она што сме го научиле мора да почека до следната можност. Ова не треба да се повтори. Мислам дека сите министерства, јавни претпријатија, институции и деловни организации треба да ги разгледаат факторите на ризик во нивниот оддел и што треба да се направи за да се спречи ова да се повтори следната година“, рече Дачиќ.
Тој истакна дека проблемите со електричната енергија се главно предизвикани од паднати дрвја и дека е потребно да се разгледа како да се реши ова системски за да не се повтори вонредната ситуација.
Регион
(Видео) Вучиќ се појави во изборниот рекламен спот на Орбан заедно со лидерите на европската десница
Српскиот претседател Александар Вучиќ се приклучи на изборната кампања на унгарскиот премиер Виктор Орбан преку учество во промотивен спот.
Во видеото, покрај Вучиќ се појавуваат уште десет политичари, меѓу кои и премиерите на неколку земји и крајно десничарските лидери од Германија и Франција, објавува порталот Нова.рс.
Thank you for your support! @MorawieckiM, @RobSchneider, @GiorgiaMeloni, @predsednikrs, @MLP_officiel, @matteosalvinimi, @AndrejBabis, @JMilei, @Alice_Weidel, @Santi_ABASCAL, @netanyahu, @herbert_kickl pic.twitter.com/7JI021IgRq
— Orbán Viktor (@PM_ViktorOrban) January 11, 2026
Во видеото за изборите, кои беа распишани денеска за 12 април, Орбан е поддржан од премиерите на Италија, Чешка и Израел – Џорџа Мелони, Андреј Бабиш и Бенјамин Нетанјаху. Меѓу политичарите се и крајно десничарските опозициски лидери: копретседателката на Алтернатива за Германија (AfD) Алис Вајдел, лидерката на Националниот собир во францускиот парламент Марин Ле Пен, претседателот на шпанската партија Вокс, Сантијаго Абаскал Конде, и претседателот на Партијата на слободата на Австрија, Херберт Кикл.
Вучиќ во видеото вели: „Се надевам дека следните избори ќе значат многу за сите нас, што значи дека ќе бидеме сведоци на уште една победа за Фидес“.
Регион
Атина без такси 48 часа: возачите на улица против даночните мерки
Таксистите во Атина најавија 48-часовен штрајк, објави „Катимерини“. Нивното незадоволство произлегува од новите даночни политики и задолжителниот премин кон електрични возила.
Синдикатот на таксистите во Атина (SATA) наведува дека задолжителното воведување електрични автомобили го загрозува опстанокот на секторот, поради недостаток на соодветна инфраструктура за полнење, прифатливи цени на електричната енергија и реални трошоци за возилата. Таксистите оценуваат дека ваквиот потег претставува економско уништување, а не зелена транзиција.
Возачите изразија загриженост и поради недостиг од јасна регулаторна рамка која ги раздвојува такси-услугите од возилата за изнајмување со возач. Според SATA, такси-возилата обезбедуваат превоз од точка до точка, додека приватните компании за изнајмување продаваат време на патување.
Синдикатот тврди дека мултинационалните апликации за споделено возење го нарушуваат пазарот, посочувајќи дека грчките професионалци работат под строг надзор, додека странските компании функционираат без доволна контрола или локална даночна основа.
Таксистите бараат и пристап до лентите за автобуси при превоз на патници, нагласувајќи дека такси-услугите се дел од јавниот превоз и дека ограничувањата ги зголемуваат сообраќајните гужви и негативното влијание врз животната средина. Во однос на оданочувањето, SATA истакнува дека возачите се соочуваат со неправичен третман и растечки трошоци за гориво, одржување и живот, наведувајќи дека секторот повеќе не може да издржи прекумерен даночен притисок.
Фото: pexels

