Економија
Драстично намален прометот на Берзата

Прометот при денешното тргување на македонската берза за хартии од вредност изнесуваше 11.929.259,62 денари
Прометот при денешното тргување на македонската берза за хартии од вредност изнесуваше 11.929.259,62 денари што претставува драстично намалување во однос на претходните три трговски денови.
Официјалниот пазар оствари промет од 7.942.650,62 денари, а беше реализиран преку 114 трансакции. Прометот на редовниот пазар изнесуваше 3.986.609,00 денари при реализирани 40 трансакции.
МБИ10 порасна за 0,36%, а неговата вредност изнесуваше 3.101,88 индексни поени. МБИД оствари раст од 3,25% при вредност од 3.080,83 индексни поени. ОМБ загуби незначителни 0,07% и го спушти нивото на 105,48 индексни поени.
На официјалниот пазар најмногу се тргуваше со Макпетрол Скопје. Вкупниот промет со оваа акција изнесуваше 1.997.100,00 денари.
Просечната цена изнесуваше 42.491,49 денари при незначителен пад од 0,14%. Истргувани беа вкупно 47 акции преку 17 трансакции.
Втора по ликвидност од официјалниот пазар беше Макстил Скопје со промет од 1.120.549,00 денари. Со остварената просечна цена од 283,18 денари беше постигнат дневен пораст од 3,25%. Вкупно се истргуваа 3.957 акции кои се реализираа преку 26 трансакции.
Комерцијална Банка Скопје оствари промет од 1.027.800,00 денари. Просечната цена изнесуваше 3.014,08 денари, што претставуваше дневно намалување од 0,74%. Вкупно се истргуваа 341.
Од редовниот пазар најтргувана беше ФЗЦ 11 Октомври Куманово со промет од 990.855,00 денари. Просечната цена изнесуваше 1.455,00 денари, додека дневниот пораст беше 1,04%. Вкупно се истргуваа 681 акции кои се реализираа преку 10 трансакции. Промет од 880.000 денари оствари акцијата на КОМПАНИ БОЕМ Штип. Просечната цена од 320,00 денари значеше раст од 1,59%. Истргувани беа 2.750 акции преку една трансакција. Пет најтргувани хартии од вредност 1. Макпетрол Скопје 2. Макстил Скопје3. Комерцијална Банка Скопје 4. ФЗЦ 11 Октомври Куманово5. КОМПАНИ БОЕМ Штип Хартии од вредност со најголем пораст 1. Арцелормиттал (ЦРМ) Скопје 19,87%2. Бетон Скопје 10,00%3. Стопанска Банка Скопје – Приоритетни 9,09%4. Макошпед Скопје 8,71%5. Стопанска Банка Скопје 7,47% Хартии од вредност со најголем пад1. Напредок Пехчево 38,50%2. Македонијатурист Скопје 2,61%3. Топлификација Скопје 1,49%4. Попова Кула Демир Капија 1,19%5. Алкалоид Скопје 0,84%
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Економија
Инвертер-клими за ранливите семејства – Министерството за енергетика објави оглас

Министерството за енергетика, рударство и минерални суровини објави мерка која ги таргетира ранливите категории население.
Преку јавен оглас, што стапи во сила, Министерството, како што информираат од таму, почнува со распределба на енергетски ефикасни инвертер клима-уреди за 2025 година, со што ќе се подобри квалитетот на живеење и ќе се намалат трошоците за енергија во илјадници македонски домови.
„Мерката се реализира во согласност со Програмата за изменување и дополнување на Програмата за заштита на ранливите потрошувачи на енергија за 2025 година (‘Службен весник на РСМ’ бр. 161/25). Во согласност со јавниот оглас за поддршка на домаќинства што спаѓаат во категоријата ранливи потрошувачи на енергија, со цел унапредување на енергетската ефикасност и подобрување на квалитетот на живеење, домаќинствата што ги исполнуваат условите ќе стекнат право на купен и вграден инвертер клима-уред со моќност од 3,5 kW и енергетска класа од најмалку А+. Овие уреди не само што штедат електрична енергија туку обезбедуваат и висока ефикасност за греење и ладење – токму онаму каде што е најпотребно“.
Како што појаснуваат, рокот за пријавување е 60 дена од денот на објавувањето на огласот во дневен весник.
Повеќе информации, како и потребните обрасци за пријавување, се објавени на веб-страницата на Министерството: www.energy.gov.mk.
Економија
Народната банка со нова иницијатива: проширување на услугите што ќе може да се користат преку платежната сметка со основни функции

Гувернерот Трајко Славески истакна дека иницијативата на Народната банка за намалување на надоместоците за користење на платежните услуги веќе ги даде првите резултати и изрази задоволство од одлуките на банките за намалување на трошоците.
Славески, на денешната конференција за печатот, најави дека Народната банка ќе покрене иницијатива и за измени на сегашното законско решение за платежната сметка со основни функции, со кои ќе се овозможи нејзино помасовно користење од страна на граѓаните за извршување на плаќањата кај сите банки. Со измените на Законот за платежни услуги и платни системи, се предлага отстранување на дел од постојните ограничувања и значително проширување на услугите што граѓаните ќе можат да ги користат преку платежната сметка со основни функции.
Најзначајните новини се: можност за дозволено пречекорување, можност да се поседува платежна сметка со основни функции дури и ако потрошувачот има други сметки, како и проширен сет бесплатни или евтини услуги, којшто покрај интерните, ќе ги вклучи и меѓубанкарските електронски трансфери, издавањето дебитна картичка и до четири подигнувања готовина месечно од банкоматите на други банки во износ до 2.000 денари по трансакција. Во овој сет влегуваат и други услуги коишто и досега можеа да ги користат граѓаните, односно уплатите и подигнувањата готовина на банкоматите и шалтерите на банката, користењето на електронското и мобилното банкарство, како и плаќањата со платежна картичка на физичките продажни места и во интернет-трговијата.
„Предлагаме цената на услугите коишто ќе може да се користат преку платежната сметка со основни функции да биде поврзана со износот на минималната бруто-плата во земјава и да биде утврдена најмногу на 0,1% од неа, па согласно важечката минимална бруто-плата за 2025 година, таа би изнесувала 36 денари на месечно ниво. За граѓаните коишто ѝ припаѓаат на групата законски корисници на права, односно т.н. ранливи категории граѓани, овие услуги ќе бидат целосно бесплатни“, истакна Славески.
Народната банка ќе работи со банките и на воспоставување национална мрежа на банкомати за подобар пристап до готовина низ целата земја. Оваа идеја би се остварила најдоцна до крајот на наредната 2026 година.
Покрај ова, Народната банка ќе предложи и приспособен пакет за микротрговци – најчесто семејни бизниси коишто имаат ограничени ресурси, со цел да се поттикне финансиската вклученост и дигитализацијата на плаќањата. Се очекува дека поповолните услови за користење на платежните услуги ќе бидат достапни за граѓаните и за микротрговците по донесувањето на законските измени, односно дека ќе бидат во примена од почетокот на 2026 година.
Економија
Затворени четири субјекти: триесет отсто од контролираните се со неправилности за фискализација, објави УЈП

Во периодот од 28 јули до 3 август 2025 година Управата за јавни приходи (УЈП) спроведе вкупно 214 теренски контроли за фискализација, насочени кон различни типови деловни субјекти, меѓу кои: ресторани, кафе-барови, шанкови на плажа, слаткарници, колонијали, продавници за облека и накит, хотел, автопревозници, паркинзи и други трговски објекти за продажба на мало.
Контролите беа реализирани во државата во повеќе градови, меѓу кои и туристичките места, каде што во летниот период има зголемена фреквенција на туристи. Од 214 контролирани субјекти, кај 30,8 %, односно кај 66 од контролираните се утврдени неправилности во согласност со Законот за регистрирање на готовинскиот промет.
За утврдените неправилности донесени се 66 прекршочни санкции – глоби, кои ќе бидат одмерени во согласност со големината на субјектот.
За четири, односно три субјекти од Охрид и еден од Струга, поради повторено неиздавање фискални сметки во рок од две години, изречена е мерка за привремена забрана за вршење дејност (запечатување).
„Анализата на спроведените контроли и утврдените неправилности по градови е следна: • Во Скопје извршени се 14 контроли и при истите утврдени се 4 неправилности; • Во Струга, Охрид и Битола извршени се 126 контроли, а утврдени се 29 неправилности од кои 11 неправилности во Струга и 18 во Охрид • Во Прилеп извршени се 7 контроли, a утврдени се 3 неправилности; • Во Тетово, Гостивар извршени се 32 контроли, а утврдени се 14 неправилности од кој 13 во Тетово и една во Гостивар • Во Штип, Неготино, Демир Капија, Кавадарци Велес и Куманово извршени се 35 контроли, а утврдени се 16 неправилности, по една неправилност во Неготино и Кавадарци, 2 во Демир Капија, 3 во Штип, 4 во Велес и 5 неправилности во Куманово“.
УЈП апелира до сите даночни обврзници да постапуваат совесно и согласно законските прописи, со цел да придонесат кон зајакнување на даночната усогласеност и унапредување на даночната дисциплина во државата.
„Управата за јавни приходи врз основа на извршените контроли согласно Закон за регистрирање на готовински плаќања, ќе врши вкрстени проверки со цел да ја провери веродостојноста на искажаните приходи кај даночните обврзници. Издавањето фискални сметки и користењето мобилни фискални апарати не претставуваат само законска обврска – туку и клучен чекор кон правично, транспарентно и одговорно деловно опкружување. Управата за јавни приходи останува цврсто посветена на доследна примена на законите и обезбедување еднаков третман за сите даночни обврзници“.