Македонија
НБРМ: Економијата и натаму засилено закрепнува
Домашната економија и натаму засилено закрепнува, во услови на ниска инфлација и зголемена кредитна поддршка од страна на банкарскиот сектор, констатира Советот на Народната банка, кој во четвртокот го разгледа најновиот Квартален извештај.
Во текот на вториот квартал на 2014 година, Народната банка ја задржа основната каматна стапка на нивото од 3,25%.
Ваквата одлука беше заснована врз најновите макроекономски проекции од април и последните остварувања кај клучните макроекономски и финансиски показатели.
Анализите покажаа дека во услови на задржување на соодветното ниво на девизни резерви, намалени инфлациски притисоци и зајакната кредитна поддршка од страна на банкарскиот сектор, веќе се создадени предуслови за одржливо закрепнување на приватниот сектор и без дополнителен монетарен стимул.
Клучните макроекономски параметри во домашната економија главно се движеа во согласност со проекциите од априлскиот циклус. Бруто домашниот производ оствари годишен раст од 3,9%, што е повисока стапка на раст од очекуваната за првиот квартал. Главен двигател на растот и натаму е извозниот сектор, како ефект од зголемената активност на новите производствени капацитети во технолошко-индустриските развојни зони и постепеното засилување на надворешната побарувачка.
Во текот на вториот квартал, домашните цени се намалија за 0,9%, во просек, на годишна основа. Ваквите остварувања укажуваа на значително пониски инфлациски притисоци во однос на очекувањата, главно како резултат на фактори на страната на понудата, односно на надолните отстапувања во динамиката на светските цени на храната и на нафтата и нивните ефекти пренесени врз домашните цени. Забавување беше забележано и кај базичната инфлација, којашто во вториот квартал изнесува 0,7%, во просек. Цените на недвижностите на домашниот пазар забележаа зголемување, по негативните поместувања во претходните два квартала. Имајќи ги предвид остварените движења и најновите ревизии на влезните надворешни претпоставки, ризиците околу проекцијата на инфлацијата од 1% за 2014 година се оценуваат како претежно надолни.
И во текот на вториот квартал, банките ја обезбедуваа поддршката на економското закрепнување преку натамошен раст на кредитирањето на приватниот сектор. Новото кредитирање во овој период во поголем дел беше насочено кон домаќинствата, при натамошна кредитна поддршка и кон корпоративниот сектор.
Движењата на девизниот пазар беа во согласност со очекувањата, при што девизните резерви и натаму беа на соодветното ниво за апсорбирање на евентуалните непредвидени шокови. Во однос на ризиците околу идните движења, и во овој период беше оценето дека тие се главно од надворешна природа и се поврзани со евентуалните промени во динамиката на заздравување на глобалниот економски раст и на движењето на светските цени на храната и на енергијата.
Општо земено, последните остварувања укажуваат на одржување на соодветното ниво на девизни резерви, намалени инфлациски притисоци и зајакната кредитна поддршка на економскиот раст од страна на банкарскиот сектор, се вели во соопштението.
На седницата, Советот на Народната банка го разгледа и Извештајот за ризиците во банкарскиот систем во Република Македонија во првиот квартал од 2014 година.
Заклучено беше дека банкарскиот систем, и во услови на надворешно опкружување исполнето со големи предизвици, успеа да ја задржи својата ликвидност и солвентност, а со тоа и својата стабилност и сигурност. Вкупната актива на банкарскиот систем растеше и на квартално и на годишно ниво, но со различен интензитет, стои во соопштението.
Денарските долгорочни депозити на секторот „домаќинства“ беа носители на растот на депозитната активност, со што продолжи трендот на позитивни промени во валутниот и во рочниот профил на изворите на средства на банките.
Во првиот квартал од 2014 година банкарскиот систем оствари добивка, со што беше прекинат неколкугодишниот тренд на остварување негативен финансиски резултат во овој период од годината.
Учеството на нефункционалните во вкупните кредити заклучно со 31 март се сведе на 11,1%. Сепак, по пресечниот датум на овој извештај, односно на крајот на мај, стапката на нефункционалните кредити се врати на просечното ниво за 2013 година од 11,9%. Кредитниот ризик и натаму е најприсутниот ризик во банкарскиот систем на Република Македонија, но целосната покриеност на нефункционалните кредити со вкупната исправка на вредноста ја намалува опасноста од нивната ненаплатливост за солвентноста на банките.
Стапката на адекватност на капиталот на 31 март 2014 била двојно повисока од законски пропишаниот минимум и изнесува 16,6%. Ликвидноста и натаму јакне, што главно се должи на зголемените вложувања на банките во државни записи, коишто покрај тоа што се нискоризични, претставуваат и соодветен инструмент за управување со ликвидноста. Близу една третина од активата на банките се ликвидни средства, коишто обезбедуваат висока покриеност на краткорочните обврски на банките. Особено е значајно тоа дека македонските банки, општо, не зависат од користењето заеми од своите матични субјекти, чијшто износ и дополнително се намали во првиот квартал од 2014 година, стои во соопштението на НБРМ. /крај/
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Економија
Мицкоски: Покрај новите проекти мораме да враќаме и долгови на претходната Влада, најголем дел од еврообврзницата, околу 700 милиони евра се за тоа
„Покрај тоа што ние градиме вакви објекти, градинки, училишта, сали, автопати, железници, ние ги враќаме и долговите на претходната Влада. Минатата година во јануари месец вративме 500 милиони евра еврообврзница која ја земала претходната Влада, a со дел од овие пари, 700 милиони евра, ќе вратиме друга еврообврзница која претходната влада ја земала пред 4 години“, рече претседателот на Владата Христијан Мицкоски одговарајќи на новинарско прашање за новата еврообврзница во текот на неговата денешна посета на дограденото основно училиште „Блаже Конески“ во Аеродром.
„Ако се работи посветено, чесно, нема идеални услови се разбира, но покрај тоа што треба да се испорачаат проектите и да се изреализираат, треба да се вратат и долговите и на претходната Влада. Јас уште на крајот на минатата година кажав дека ќе биде тешка година, но план имаме и средствата се обезбедени“, дополни премиерот Мицкоски.
Тој посочи дека врвни светски компании се дел од заемодавателите на оваа еврообврзница кои што никогаш досега не се појавиле на Балканот. Исто така повтори дека најголем дел од таа обврзница, околу 700 милиони евра ќе бидат насочени кон враќање на стари долгови.
Економија
Мицкоски: Речиси 225 милиони евра веќе се пренесени преку Развојната банка на домашните компании, а целосна реализација се очекува во првиот квартал годинава
Претседателот на Владата Христијан Мицкоски, одговарајќи на новинарско прашање за тоа како ќе се искористат преостанатите 250 милиони евра за домашните компании изјави:
„Досега се пренесени, практично преку Развојната банка, некаде околу 225 милиони евра од 250 милиони евра. Тоа е оној кредит кој што Владата, условно кажано, го субвенционира со каматна стапка од 1,95%, до три години грејс-период и до 15 години рок на отплата.“
Премиерот посочи дека целосна реализација на средствата се очекува во првиот квартал годинава.
„Очекувам набргу, во првиот квартал од оваа година, целосно да биде исцрпен. И заедно со средствата кои што банките сопствени ги инвестираат во развојните проекти на компаниите, го поддржуваат стопанството и економијата и на тој начин Македонија на инвестициската мапа е навистина водечка во регионот. Ако се има предвид дека растот во првата половина од 2025 година, па би рекол и целосно во текот на целата 2025 година, е двоцифрен број проценти. Споредно со истиот период во рамките, да речеме, на еврозоната, тоа е 2-2,5%. Така што, јас сум навистина задоволен од начинот на кој што овие средства се искористени“, објасни Мицкоски.
Економија
Средба Муцунски – Aзески: Фокус на извозот и економската дипломатија
Министерот за надворешни работи и надворешна трговија, Тимчо Муцунски, денеска оствари работна средба со претставници на Стопанската комора на Северна Македонија, предводени од претседателот Бранко Азески.
На средбата беа разгледани иницијативи и конкретни форми на поддршка за извозно ориентираните компании, вклучително и организација на тематски посети со активно учество на деловната заедница, унапредување на комуникацијата со дипломатско-конзуларните претставништва, како и промоција на извозните капацитети на домашните компании пред дипломатскиот кор во државата.
Министерот Муцунски нагласи дека целта на овие средби е директно да се слушнат ставовите и размислувањата на коморите, како и да се добијат конкретни иницијативи за поддршка на компаниите, зајакнување на економската дипломатија и унапредување на извозот, што директно придонесува кон зајакнување на економијата и забрзување на економскиот развој.
Беше потврдена одличната досегашна соработка и изразено заемно задоволство од постигнатите резултати, при што се разговараше и за нејзино натамошно продлабочување, со цел обезбедување конкретни придобивки за компаниите и позитивно влијание врз вкупниот економски развој на државата.
Нагласувајќи ја важноста на дипломатско-конзуларните претставништва и на дипломатската мрежа во целост, претседателот на Стопанската комора истакна дека иницијативите за зајакнување на економската дипломатија доаѓаат во вистински момент, во насока на поддршка на стопанството и економското закрепнување.
На средбата беа разгледани и конкретни иницијативи и настани планирани за наредниот период, како можности за понатамошна соработка помеѓу Министерството за надворешни работи и надворешна трговија и Стопанската комора.

