Свет
Пет отсто пасошка провизија за кампањата на СДСМ
ВМРО-ДПМНЕ на вчерашниот прес ја обвини Владата дека скандалозниот избор на најнеповолниот понудувач на нови пасоши е нов грабеж на граѓаните, со кој ќе се наполнат приватни џебови.
ВМРО-ДПМНЕ : ТЕНДЕРОТ ЗА ПАСОШИ НОВ ГРАБЕЖ НА ГРАЃАНИТЕ ВМРО-ДПМНЕ на вчерашниот прес ја обвини Владата дека скандалозниот избор на најнеповолниот понудувач на нови пасоши е нов грабеж на граѓаните, со кој ќе се наполнат приватни џебови. Најинтересно е, рече на вчерашниот прес портпаролот Александар Бичиклиски, што во понудувачкиот формулар единствено "Гисеке" од сите фирми јавно декларира дека ќе исплати пет отсто од вкупната вредност на безимено лице со адреса во Виена. Тоа значи дека 1.172.920 евра ќе бидат дадени како награда на лицето што им завршило работа да го добијат тендерот во Македонија, вели Бичиклиски.
"Јавно прашуваме – во чиј џеб ќе завршат овие пари? Кај премиерот, кај некој од министрите, или со овие пари ќе се финансира изборната кампања на СДСМ?", праша Бичиклиски.
Владата за набавка на тоалетна хартија во денешните дневни весници, вели портпаролот на ВМРО-ДПМНЕ, распишала тендер, за чија реализација предвидела 54 дена, што е законски рок. Но, кога се работи за продажбата на ЕСМ, споредува тој, целата процедура за претквалификација на тендерот Владата сака да ја заврши за 14 дена. За мотивите судете сами, порача Бичиклиски.
(С.К.Д.)
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Свет
Спречен напад врз приватниот авион на германскиот канцелар Фридрих Мерц
Германската полиција спречила напад на еколошки активисти врз приватниот авион на германскиот канцелар Фридрих Мерц во еден хангар во градот Арнсберг, соопшти државното обвинителство.
Според соопштението, „полицијата во ноќта од среда кон четврток спречила три лица во обид да го оштетат приватниот спортски авион на претседателот на германската влада“.
Во соопштението на групата која ја презела одговорноста за обидот за напад се наведува дека три лица, на возраст од 23, 28 и 56 години, неовластено влегле во просторот на аеродромот Арнсберг-Менден, но полицијата спречила оштетување на авионот кој се наоѓал во еден од хангарите.
Меѓу приведените активисти е и познатата германска климатска активистка Ања Виндл. По акцијата, со соопштение се огласи и групата „Отпор колектив“, која ја презеде одговорноста за обидот за напад.
„Ние се обидовме, во рамки на протест, да го оневозможиме приватниот авион на канцеларот Фридрих Мерц. Додека климатската криза ескалира, германскиот канцелар се движи наоколу со приватен авион“, стои во соопштението на групата.
Свет
Макрон: Отворени сме за учество во дополнителни мисии на НАТО
Пред медиумите се обрати францускиот претседател Емануел Макрон, кој и натаму носеше очила за сонце за да прикрие инфекција на окото.
Тој изјави дека денешниот самит покажува единство во поддршката за Данска, нејзиниот територијален интегритет и суверенитет.
„Кога Европа е обединета, силна и реагира брзо, работите се враќаат во нормала и се смируваат“, наведе Макрон.
Додаде дека Европа мора да остане „на штрек“ и да продолжи да дејствува „обединето“, покажувајќи дека има „инструменти на располагање“ за, во случај на закани, да „наметне почит“.
Макрон исто така нагласи дека Франција е отворена за учество во дополнителни мисии на НАТО, најверојатно во арктичкиот регион.
Фото: ЕПА
Свет
„Нашите црвени линии не се тема за расправа“ – порака на данската премиерка од Брисел
Данската премиерка Мете Фредериксен пристигна на вонредниот самит на Европска унија.
На почетокот им се заблагодари на другите земји членки за поддршката.
„Кога Европа не е поделена, кога стоиме заедно, јасно и силно, вклучително и со подготвеност да застанеме во одбрана на самите себе, резултатите се видливи“, изјави таа.
Истакна дека Данска сака да најде решение и дека побарала посилна вклученост на НАТО во арктичкиот регион, додавајќи дека сите во НАТО се согласуваат со тоa.
„Потоа, на потрадиционален политички и дипломатски начин ќе разговараме со Соединети Американски Држави за билатералниот однос меѓу Кралството Данска и САД“, рече таа.
Притоа повтори дека Данска има свои црвени линии.
„Ние сме суверена држава и за тоа не можеме да преговараме“, порача таа, додавајќи дека Данска е отворена за разговори за зајакнување на соработката во арктичкиот регион.
„Секако дека сме подготвени да соработуваме со САД, како што отсекогаш сме правеле кога станува збор за безбедноста, но нашите црвени линии, кои воедно се и нашите демократски правила, не можат да бидат предмет на расправа“, нагласи Фредериксен.
На прашањето дали и понатаму ѝ верува на американската администрација, таа накратко застaна и дипломатски одговори: „Соединетите Американски Држави се наш близок партнер веќе многу години, но мора да соработуваме врз основа на меѓусебно почитување, без закани. Затоа, секако, се надевам дека ќе најдеме политичко решение во рамките на демократијата.“
Во речиси секој одговор таа повторно ги нагласи данските црвени линии поврзани со суверенитетот.

