Регион
Одлуката за враќање на Шешељ во Хаг за Белград ‘неморална’ за Загреб “одлична’

Жалбениот совет на Меѓународниот кривичен суд за воени злосторства на територијата на поранешна СФРЈ, обвинетиот за воени злосторства челник на Српска радикална партија (СРС), Воислав Шешељ да биде вратен во притвор, е потег кој официјален Белград го нарече „перфиден“ и „неморален“, додека хрватските власти го карактеризираа како „одлична“ одлука на судот кој ниту требало да го пушта на слобода.
Воислав Шешељ се товари за воени злосторства над Хрватите и Бошњаците во Хрватска, Војводина и во Босна и Херцеговина во периодот од 1991 до 1993 година, по информацијата дека треба да се врати во притворот на Хашкиот трибунал порача дека нема доброволно да му се предаде на судот кој во ноември 2014 година го пушти привремено на слобода поради здравствени причини бидејќи боледува од карцином.
Според одлуката, Шешељ од слобода продолжил со реториката која поттикнува на судири од 1990-те од која српските власти не се оградувале, а хрватските поради тоа бараа да биде вратен во притворот каде што ќе ја дочека пресудата по процесот против него кој траеше 12 години.
На веста дека траба да се врати во притворот, Шешељ го повтори својот став дека нема да се предаде и дека највисоките српски челници, неговите поранешни партиски колеги и најблиски соработници, премиерот Александар Вучиќ и претседателот Томислав Николиќ, ќе мора да го уапсат.
„Да видиме сега како Александар Вучиќ и Томислав Николиќ ќе ме уапсат. Нека дојде полицијата. Таа апси. Доколку дојде жандармеријата, тие тепаат, морам да си го чувам грбот. Нема да биде лесна работа да бидам уапсен“, изјави Шешељ за белградските медиуми и порача дека се наоѓа во седиштето на СРС, а дека во понеделник попладне ќе биде во Бор и ќе зборува на собир на работници. На Twitter, каде што има 11.300 „пријатели“, Шешељ објави „Воопшто не ме интересира одлуката на Жалбениот совет на Хашкиот трибунал. Јас таму сигурно доброволно нема да се вратам“.
Одлуката на Хашкиот трибунал предизвика остри реакции на српските челници, а премиерот Вучиќ, лидер на владејачката Српска напредна партија (СНС), ја оцени како „неморална“ и најави дека неговата влада за неа ќе се изјасни следните неколку дена.
„Не сум во ситуација да ја сокријам лутината на веста поради неморалната одлука којашто ја донеле. Следните денови ќе се изјасниме за тоа“, изјави Вучиќ. Српскиот премиер додаде дека „не мисли оти Шешељ е темата“, додавајќи дека доколку искаже сé што чувствува, некој би помислил дена не успеал да го додржи „гневот поради неморалните одлуки кои некои ги донеле“.
Шефот на српската дипломатија, Ивица Дачиќ, челник на Социјалистичката партија на Србија (СПС), одлуката на Хаг ја карактеризираше како „перфидна и скандалозна“, оценувајќи дека „ја загрозува стабилноста на Србија и на целиот регион“. Кога ќе добие официјално известување, рече Дачиќ, српската влада следните денови ќе се изјасни за чекорите што ќе ги преземе натаму.
Хрватската претседателка Колинда Грабар –Китаровиќ, пак, изјави дека одлуката на Трибуналот за враќање на Шешељ во притвор е најмалку што можело да се стори додека пресудата се очекува со години. „На сите им е јасно дека тој е одговорен за воени злосторства, дека е воен злосторник и оти местото му е во Хаг“, изјави Грабар – Китаровиќ која во јануари испрати писмо во Обединетите нации со мислење дека Шешељ треба повторно да биде затворен.
Министерката за надворешни и европски работи на Хрватска, Весна Пусиќ, споменатата одлука ја смета „одлична“, и во согласност со она што Загреб го барал поради однесувањето на Шешељ откако беше пуштен на слобода. „Им нанесуваше штета на сите, а секако на односите во регионот. Имајќи ги предвид тие факти, тоа е одлична одлука и тоа е она што го баравме од самиот почеток и на што предупредувавме, знаејќи за кого станува збор“, рече Пусиќ.
Одлуката за враќање на Шешељ во притворот, судот ја донел усвојувајќи ја жалбата според којашто челникот на СРС не ги почитувал условите за привременото ослободување и ја попречувал правдата заканувајќи им се на лицата кои соработувале со обвинителството. Апелациониот совет, исто така, наложи веднаш да биде отповикана одлуката за привремена слободата во која не се одредени никакви ограничувања, освен дека не смее да влијае врз сведоците и жртвите, како и дека мора да се врати во Хаг кога судскиот совет ќе го повика назад.
Според оцените, Шешељ ја искористил можноста политички да настапува во Србија, а веднаш по доаѓањето во Белград порача дека нема намера доброволно да се враќа во Хаг. На судскиот совет, исто така, му е наложено откако ќе ги сослуша сите страни „одново да го разгледа прашањето за евентуално повторното пуштање на Шешељ на привремена слобода“./крај/мф/сн
Извор: Макфакс
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Регион
Албанија чекор поблиску до ЕУ: отвори нов кластер

Албанија го отвори петтиот од вкупно шест кластери во преговорите за пристапување во ЕУ.
Ова е кластер 4, кој се однесува на зелената агенда и на одржливата поврзаност и вклучува четири поглавја од преговорите: транспорт (14), енергетика (15), трансевропски мрежи (21) и климатски промени (27).
„Албанија врши импресивна работа. Доколку продолжи со ова темпо, ќе ги отвори сите кластери оваа година“, изјави комесарката за проширување на ЕУ, Марта Кос.
Албанскиот премиер Еди Рама на прес-конференција изјави дека ЕУ е империја на која Албанија сака да ѝ припаѓа.
„Денес, отворивме уште еден кластер, петти за 11 месеци. Мислам дека е рекорд. Сакаме да го отвориме последниот кластер до крајот на годината, знам дека е амбициозно, но се надевам дека ќе успееме“, рече Рама.
Тој додаде дека сè уште има многу предизвици и напори пред Албанија, но дека нема друг начин.
„Конечно, првпат во историјата можеме слободно да избереме со кого сакаме да се венчаме. Во минатото бевме принудени да се венчаме со други империи, но ова е империјата од која сакаме да бидеме дел“. Империја на вредности, права и безбедност, во која нашите граѓани ќе бидат убедени дека нивната слобода и нивните права нема да бидат одземени“, рече Рама.
„Знам дека реформите што ги бараме од земјите кандидатки понекогаш не се лесни и бараат фундаментални промени, но Албанија покажа дека позитивните промени се можни и дека ЕУ ги наградува“, рече Кос.
Европската комесарка ги пофали албанските власти за реформите спроведени во последните години додавајќи дека не е лесно да се отворат кластери, но дека е уште потешко да се затворат поглавјата и дека Албанија мора да продолжи да спроведува реформи, особено во областите на судските реформи, борбата против корупцијата, правата на малцинствата и слободата на медиумите.
Кос изјави дека целта на албанската влада е да ги заврши преговорите во техничкиот дел до крајот на 2027 година и дека Европската Унија ја поддржува оваа визија.
„Нема сомнение дека иднината на Албанија е во ЕУ, а денес сме еден чекор поблиску до таа цел“, рече Кос.
Пред почетокот на меѓувладината конференција таа рече дека постојат разлики меѓу земјите кандидатки и дека една од најголемите улоги во процесот на пристапување ја игра раководството на земјата.
„Ако раководството покаже проевропска ориентација, тогаш граѓаните имаат чувство дека земјата оди во вистинската насока“, рече Кос.
Данската министерка за европски прашања, Мари Бјере, чија земја претседава со ЕУ, рече дека отворањето уште еден кластер во преговорите за пристапување на Албанија е значаен чекор и покажува дека вистинските реформи носат вистински резултати.
„Со текот на годините Албанија вложи големи напори во реформирањето на судството, борбата против корупцијата и хармонизирањето со надворешната политика на ЕУ. Покажа дека јасно ја гледа својата иднина во Европа, произведува резултати и заслужува признание“, рече Бјере.
Таа додаде дека данското претседателство со ЕУ ќе продолжи да работи на процесот на проширување, кој стана геополитичка неопходност по руската инвазија на Украина.
„Мораме да продолжиме со проширувањето за посилна и побезбедна ЕУ и затоа проширувањето е приоритет на данското претседателство“, рече Бјере.
Фото: принтскрин
Регион
Невреме ја зафати Србија, два авиони кружат на небото чекајќи подобри услови за слетување

Силна бура со грмотевици го погоди Белград, поради што два авиона не можат да слетаат веќе некое време. Станува збор за летови од Виена и Анкара, а овие два авиона кружат над Смедерево.
Бурата придружена со грмотевици и дождови ја погоди цела Србија, а потоа и Белград. Црни облаци се надвиснаа над главниот град. Републичкиот хидрометеоролошки завод предупредува дека се очекува силен град и бурни ветрови, пишува „Телеграф“.
Србија е под влијание на циклони и студени фронтови, кои носат посилна промена на времето, со дожд и грмежи.
Регион
Волк нападнал 5-годишно дете од Србија на плажа во Грција: „Не’ бркаше на плажата и во дворот“, сведочи мајката

Неверојатно звучеше веста дека волк нападнал девојче од Србија на плажа кај Неос Мармарас, на Ситонија во Грција. Во првите извештаи медиумите беа резервирани, со сомнеж дека можеби не станува збор за волк, туку за некоја слична ѕверка. Детето заврши во болница со гребаница по грбот, пишува српски “Телеграф“.
Трагедијата била избегната благодарение на присебната реакција на мајката и на еден човек кој почнал да го гаѓа животното со камења.
„Во секунда волкот беше покрај мојата ќерка, ја отвори вилицата и тргна да ја зграпчи во пределот на половината! Веднаш ја зграбив и почнав да бегам!“, се присетува на ужасната сцена која можела да заврши трагично, Ирена Пеиќ – мајка на петгодишното девојче од Србија, кое во петокот на плажа во близина на градот Неос Мармарас беше нападнато од волк.
Сцената се одиграла за само неколку секунди, во раните утрински часови.
„Тоа е плажа пред делот кон Парадисос плажата, нешто пред осум часот наутро. Беше свежо, а среќна околност е што ќерка ми носеше дуксер. Таа си играше со едно бебе на плажата, кога еден човек викна: ‘Што е ова?’ Во истиот момент додека станувавме, волкот беше веќе до нас. Буквално ни го блокираше преминот и се позиционираше така што не можевме да поминеме“, опишува Ирена.
Во следната секунда, вели, волкот бил веднаш до девојчето.
„Ја отвори муцката за да ја зграпчи, но во тој момент ја зграбив и тргнав да бегам. Нас нè спаси човекот што почна да фрла камења. Волкот падна во вода, ние добивме неколку секунди да побегнеме по скалите за да влетаме во апартманот. Но, волкот излезе од водата и скокна во дворот на апартманот, па таму почнаа да го бркаат со мотки и камења, и така заеднички го истераа“, вели таа.
Среќа во несреќа, девојчето поминало само со гребаница по грбот. Во болница добила неколку вакцини и терапија со антибиотици.
„Сите бевме многу вознемирени. Да не беше човекот кој фрлаше камења, не знам како ќе завршеше. Тој ни даде шанса да се спасиме“, вели благодарната мајка.
Таа додава дека детето било во голем страв и два часа не дозволувало да се отворат вратите од апартманот.
Ирена го пријавила случајот во општината и полицијата, со надеж дека некој ќе реагира.
„Пред неколку дена имаше пожар, па веројатно волкот се одвоил од чопорот. Чувме дека ова не е прв напад – велат дека е веќе петти во регионот. Еден напад на жена бил пред три дена, а на куче пред два. Некои велат дека имало напади и во мај. Се надеваме дека надлежните ќе преземат мерки. Никој од нас не очекуваше такво нешто, но најмалку 20 луѓе го видоа волкот, имам сведоци“, објаснува Ирена.