Свет
Младеновска своеволно зголемила плати
Мери Младеновска-Ѓорѓиевска, министерка за правда, во заминување се обидела да унапреди триесетина нејзини соработници од ресорот со кој раководи, а на тој начин и да им ги зголеми платите, дознава „Време“.
ДОЦНАТ ПЛАТИТЕ ВО МИНИСТЕРСТВОТО ЗА ПРАВДА Мирче Котевски Мери Јордановска
Мери Младеновска-Ѓорѓиевска, министерка за правда, во заминување се обидела да унапреди триесетина нејзини соработници од ресорот со кој раководи, а на тој начин и да им ги зголеми платите, дознава „Време“. Овој потег доаѓа веднаш по изборите, а коригираните плати, унапредените началници на сектори требало да ги земат веќе во почетокот на овој месец, кога вообичаено се делат примањата на вработените во администрацијата.
Според информациите, новите пресметки по илинденските празници не ги одобрил министерот за финансии во заминување Никола Поповски кој забележал дека на „правда“ треба да му одобри значително поголема сума за јулските плати споредено со сумите од претходните месеци. Извори од Владата во заминување кажуваат дека Поповски веднаш ги вратил пресметките на Министерството за правда и на тамошните служби им кажал да направат нов есап, ако сакаат да ја добијат платата за јули.
Вработените во подрачните единици на министерството кажуваат дека досега не паметат кога им доцнеле платите.
– Обично примањата ни ги делат во првата декада од месецот, но еве измина речиси цел август, а уште нема абер кога ќе ја земеме платата за јули – коментираат вработени во Министерството за правда.
Во Министерството за финансии велат дека откако пред две недели пресметките на Министерството за правда биле вратени, нови не добиле. Така, според процедурата, Поповски не може да го потпише налогот за да се исплати платата. Во ресорот финансии потврдија дека „новата систематизација за Министерството за правда не била прифатена“.
Во Министерството за правда вчера никој не можеше да ја потврди или демантира информацијата. Во Синдикатот на вработените во Управата (УПОЗ) во кој членуваат и вработените во „правда“ велат дека до вчера никој не ги известил дека платите за јули доцнат безмалку еден месец.
Според економските експерти, во случајов, Поповски забележал диспропорција во износот на масата предвидена за плати. Тие коментираат дека е крајно неморално и неетички да се дозволуваат унапредувања во државната администрација, особено кога е познато дека нив ги одобрува министер во заминување од таа функција.
Слична ситуација како во Министерството за правда, како што веќе објавивме, се случи и во Министерството за образование пред три месеци. Априлските плати на универзитетските професори доцнеа повеќе од еден месец затоа што министерот за образование Азиз Положани на платниот список вметнал 16 нови професори од Државниот универзитет во Тетово и им ги „напумпал“ платите. Како што пишуваше „Време“, ако платите на другите универзитетски професори биле 25.000 денари, платите на новите професори од тетовскиот универзитет, според пресметките на Положани, требале да бидат околу 40.000 денари.
Министерот за финансии Поповски одбил да го потпише решението, а Положани не се откажувал од намерата да ги вработи новите професори на универзитетот. Проблемот кон крајот на мај се нашол на седница на Владата на која двајцата министри се договориле новите професори од ДУТ да почнат да ги добиваат парите од мај, наместо од април.
Државната каса целосно испразнета, се очекува ребаланс
Неофицијално, речиси сите ставки од државната каса се веќе потрошени. Како што дознаваме, поради беспарица, новата Влада уште на стартот ќе се соочи со проблеми нормално да ја одржува тековната работа на државните институции.
Затоа, кажуваат експертите, пратениците веќе во септември веднаш ќе треба да седнат и да донесат ребаланс на буџетот за годинава.
Министерството за правда – затворено!
Голем број вработени во Министерството за правда си ги спакувале куферите, а на работа доаѓаат само формално. Сите тие, како што дознаваме, претпоставуваат дека со доаѓањето на новата власт ќе бидат тргнати од функцијата, па веќе ги планираат новите работни активности, а на работа се појавуваат ретко.
Кога вчера се обидовме да добиеме одговор на прашањето зошто доцнат платите на вработените, патешествието изгледаше вака: министерката за правда Мери Младеновска-Ѓорѓиевска имаше проблеми со телефонската линија, па не можеше да слушне што ја прашуваме. Портпаролката Убавка Матевска заминала на одмор. Портпаролката на управата за извршување санкции Марина Говорко-Саздовска не работи повеќе во Министерството. На телефонот во Министерството речиси цел ден не се јавуваше никој, а на крај секретарката не упати кај државниот секретар Виктор Цветковски. Тој не беше на работа, а како што дознаваме, веќе почнал да се подготвува за да работи како адвокат.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Свет
Маж нападна полицаец со нож во Париз
Маж вооружен со нож, кој се обиде да нападне полицаец кај Триумфалната капија во Париз, беше ранет од неколку куршуми испукани кон него од друг припадник на безбедносните сили, објави агенцијата Франс прес, повикувајќи се на полициски извор.
Напаѓачот е однесен во болница. Полицијата е присутна кај Триумфалната капија, споменик во центарот на Париз во близина на Шанзелизе, за церемонија на палење факел на Гробот на непознатиот војник.
Националното обвинителство за борба против тероризмот објави дека го презема случајот.
фото/Depositphotos
Свет
Зеленски: Путин не е млад човек, нема многу време
Украинскиот претседател Володимир Зеленски верува дека само САД имаат моќ да ја принудат Русија да склучи мир.
„Да бидеме искрени, денес само Европа ѝ дава пари на Украина и ѝ помага. Само САД можат да го сопрат Путин“, изјави тој за POLITICO.
Сепак, Зеленски изрази загриженост дека Белата куќа можеби не ја разбира суштината на проблемот.
„Од она што го гледам, тие испраќаат повеќе сигнали дека Украина треба да направи компромис, а не Русија“, рече тој.
„Не мислам дека тоа е правилниот став. Секако, така е поедноставно“, додаде тој.
Осврнувајќи се на возраста на Владимир Путин, Зеленски забележа дека рускиот претседател, кој сега има 73 години, повеќе не е млад човек. „Тој нема многу време“, додаде украинскиот претседател. „Дај Боже да нема многу“, заклучи тој.
Свет
Украински министер: Не е реално војната да се заврши без Трамп
Украинскиот министер за надворешни работи, Андриј Сибиха, извести за напредокот на преговорите со Русија за прекин на инвазијата, истакнувајќи дека три од 20-те точки од мировниот план остануваат контроверзни. Тој потврди дека претходните две рунди разговори се одржаа во Абу Даби, а следната ќе се одржи следната недела во Женева.
Сибиха оцени дека преговорите „напредуваат“, пофалувајќи го лидерството на американскиот претседател Доналд Трамп. Тој експлицитно изјави дека „нереално е да се заврши оваа војна без Трамп“. И покрај ова, тој предупреди дека Русија не покажува „никакви знаци на подготвеност за сериозни преговори“.
„Паралелно, мора да продолжиме да вршиме притисок врз Русија и, мора да признаеме, сè уште имаме инструменти на влијание“, рече Сибиха.
Украинскиот министер откри дека сè уште има несогласување за три точки во мировниот план, кој содржи 20 точки. „Имаме изводливи предлози, па затоа во следната рунда навистина се надеваме дека нема да слушаме дополнителни историски предавања. Сега е време за акција, за дела и за конкретни, решителни чекори“, нагласи тој.
На неговите зборови се надоврза и францускиот министер за надворешни работи Жан-Ноел Баро, кој рече дека војната мора да заврши.
„Јасно е дека треба да ја запреме оваа војна, а со нашите сојузници и пријатели сè уште имаме механизми за да го постигнеме тоа“, рече тој.
Тој откри дека Франција и Обединетото Кралство „отишле многу далеку“ за да ги блокираат бродовите на руската „флота во сенка“, додека „користеле воени средства“.
Баро, исто така, ја нагласи важноста на претстојниот, 20-ти пакет санкции на Европската Унија, кој се очекува да биде усвоен на 24 февруари, на четвртата годишнина од почетокот на тоталната агресија. Тој, исто така, ја спомена улогата на таканаречената Коалиција на волјата во обезбедувањето идни безбедносни гаранции за Украина.
фото/Depositphotos

