Македонија
Персоналот од градинките во Карпош и Куманово повторно протестираа
Техничкиот персонал, воспитувачките и негувателките од градинките од Карпош и Куманово денеска повторно излегоа на протести пред Министерството за труд и социјала со истите барања за нивно вработување
Незадоволни се затоа што никој од негувателките и воспитувачките досега не добил согласност за вработување и покрај тоа што министерот за труд и социјала Џељаљ Бајрами на последната средба им ветил дека ќе ги добијат уште пред три седмица.За разлика од општините Куманово и Карпош, тие тврдат дека веќе се пуштени неколку решенија за вработување за негувателки и воспитувачки во општините Центар и Ѓорче Петров.„Побаравме повторно средба со министерот но не не’ прими. Разочарани сме бидејќи ни вети дека ќе бидат пуштени согласности за вработување, но ништо. Не е во ред вака да се манипулира со нас“ – вели Јасмина Наскоска која работи под договор на дело во општина Карпош.Од министерството за труд и социјала велат дека и натаму остануваат на ветеното дека вработувањето на негувателките и воспитувачките ќе се одвива во континуитет, односно фазно до 2012 година.Додека, за решавање на статусот на помошниот персонал во градинките, министерот ќе формира комисија составена од членови на министерството, Владата, УНИЦЕФ и ЗЕЛС, која што ќе утврди нови стандарди за секоја градинка посебно и во зависност од тоа колкава квадратура има и колку згрижени деца, ќе се утврди и бројот на потребниот помошен персонал. Согласно со стандардите што ќе се усвојат ќе се води и политиката за вработување во градинките и ќе се одредат блок дотациите за секоја посебно и градинките сами ќе си одредуваат колкав персонал им е потребен „Министерството за труд и социјална политика првпат по десетина години презеде конкретни чекори со кои на негувателките и воспитувачките н градинките низ цела држава им го решава статусот, со доделување на одобренија за нивно вработување и досега се вработени и обезбедени согласности за вработување на 165 негувателки“ – велат од министерството.Негувателките и воспитувачките од Карпош и Куманово велат дека ќе го продолжат протестот со поддршка и од родителите, се додека не бидат исполнети нивните барања.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Утре ведро и студено претпладне, преку денот сончево
Времето утре, наутро ќе биде ведро и студено, а во текот на денот сончево со мала до умерена локална облачност. Ќе дува слаб ветер од северозападен правец. Минималната температура ќе биде во интервал од -3 до 5, а максималната ќе достигне од 14 до 20 степени.
Во Скопје ќе биде сончево со мала до умерена облачност и со слаб северен ветер. Минималната температура ќе се спушти до 2, а максималната ќе достигне до 16 степени.
Во наредните денови Сседува период на стабилно и суво време со постудени утра и со услови за утринска магла по одделни котлини. Во текот на денот ќе преовладува сончево време со мала до умерена облачност. Дневните температури ќе бидат без значителна промена.
Македонија
Дел од корисниците на Центар утре без вода
Дел од корисниците на Центар, поради дефект, утре ќе останат без вода.
„Од ЈП Водовод и Канализација добивме известување дека на ден 13.11.2025 година, четврток, поради уличен дефект на ул. 8 -ма Ударна Бригада 39, прекинато водоснабдување ќе имаат корисниците на дел од истата улица,вклучително и објектот на Амбасадата на Италија. Водоснабдувањето ќе биде прекинато од 08:30 часот до завршување со санација на дефектот.(општина Центар)“, информира РЦУК.
Македонија
Гаши на средба со постојаната координаторка на ОН, Рита Колумбија
Претседателот на Собранието, Африм Гаши, денеска оствари средба со постојаната координаторка на Обединетите нации во земјава, Рита Колумбија.
На средбата се разговараше за тековната и идната соработка меѓу Собранието и Канцеларијата на ОН во Северна Македонија, со акцент на улогата на законодавниот дом во процесите поврзани со одржливиот развој, човековите права и доброто владеење.
Претседателот Гаши изрази задоволство од реализирањето на средбата и ја истакна досегашната плодна соработка со Канцеларијата на постојаната координаторка, која, како што нагласи, значително придонесува за унапредување на транспарентноста и отчетноста на институциите.
Постојаната координаторка Колумбија ја поздрави иницијативата и ја потенцираше поддршката на системот на Обединетите нации за активностите на Собранието поврзани со спроведувањето на договорите и проектите што се реализираат во партнерство со агенциите на ОН. Таа нагласи дека во иднина акцентот ќе биде ставен на заедничките напори за унапредување на образованието, создавање подобри услови за лицата со попреченост, промовирање на родовата еднаквост и понатамошно јакнење на улогата на жените во општеството и во парламентот.
На крајот од средбата, претседателот Гаши изрази благодарност до системот на Обединетите нации во Република Северна Македонија за нивните активности и поддршка во областите на доброто владеење, социјалната инклузија, заштитата на животната средина, климатските промени, вработувањето и рамномерниот регионален развој, како и за досегашната конструктивна соработка со Собранието и неговите работни тела.

