Македонија
Македонија и Австралија потпишаа Договор за социјално осигурување
Македонските иселеници кои живеат и работат во Австралија ќе можат своите стекнати пензии да ги добиваат и во Македонија, доколку се вратат да живеат овде. Ова го предвидува Договорот за социјално осигурување што го потпишаа премиерите Никола Груевски и Кевин Рад во Канбера, јави МИА
„Договорот е важен за решавање на многу важни прашања за македонските државјани кои живеат во Австралија, за австралиските граѓани од македонско потекло, како и за австралиските државјани кои живеат во Република Македонија“, рече премиерот Груевски по потпишувањето и додаде дека тој ќе претставува поттик за интензивирање на контактите меѓу двете земји, што би придонело за потпишување нови билатерални договори, пред се’ од економската сфера. Според австралискиот премиер, од 2011 г., кога треба да почне да се применува Договорот, граѓаните кои поминале дел од својот живот во Австралија и Македонија ќе имаат можност за во двете земји. „Договорот ги одразува блиските врски меѓу луѓето од двете земји со што уште повеќе се продлабочуваат“, рече премиерот Рад.Ова е прв официјален договор што го потпишуваат Македонија и Австралија од воспоставувањето дипломатски односи во 1995 година. Договорот е направен на укажување на иселениците од Австралија, а на неговата подготовка е работено две години. По денешното потпишување ќе следи негова ратификација во парламентите на двете земји.Премиерот Груевски во иднина очекува подинамична соработка меѓу Република Македонија и Австралија на економски план, како и поголемо присуство на австралиски инвеститори во земјата. „Билатералните односи меѓу двете земји ги карактеризира пријателство и меѓусебно разбирање, но постои и голем потенцијал за натамошно унапредување и продлабочување на соработката, особено во економската сфера“, рече премиерот Груевски.Тој ја нагласи и значајната улога што ја има македонската заедница во Австралија која, како што рече, придонесува за збогатување на мултикултурното општество во оваа земја и претставува основа за изградба на цврсти пријателски односи меѓу двете земји. „Иако географски оддалечена граѓаните на Македонија ја чувствуваат пријателска Австралија како блиска, најпрво затоа што Австралија секогаш давала силен придонес за мирот, развојот на демократијата и економскиот просперитет во светот по цена на големи жртви, но и затоа што таа ги отвори вратите за голем број Македонци, кои денес живеат таму и претставуваат голема и интегрирана заедница во австралиското општество“, истакнал премиерот Никола Груевски.Тој беше пречекан со највисоки државнички почести пред Парламентот во Канбера, а на јарболите пред Парламентот и по улиците се вееја македонски знамиња. Во рамки на посетата премиерот Груевски денеска се сретна со претседателот на Претставничкиот дом на Парламентот на Австралија, Хари Џенкинс. Во Канбера, како и во Сиднеј премиерот имаше средба со иселениците од овој регион.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
СВР Тетово уведува дека состојбата со возилата кај Маврово вечерва е ставена под контрола
Попладнево се создаде голем метеж и колони од автомобили по локалниот пат околу Мавровското езеро, но надлежните информираат дека ситуацијата е сега под контрола и сообраќајот се одвива нормално. Портпаролот на СВР Тетово, Фатмир Реџепи, потврди дека ваквите состојби се обично присутни во периодите со зголемен број на туристи, кога и самата регулација на сообраќајот може да биде отежната.
„Вообичаено, во зимскиот период сообраќајот се регулира преку кружен тек околу езерото, но некои возачи не ја испочитуваа препораката и заглавиле при разминување“, изјави Реџепи.
Во меѓувреме, полициски службеници ги регулираат движењата од Бунец кон Леуново, пропуштајќи ги возилата наизменично. Состојбата беше објавена и на социјалните мрежи, каде што туристи и возачи изразија загриженост поради долгиот застој, кој траел и неколку часа.
СВР Тетово побара од ЈП Македонија Пат да испрати специјализирани возила за да го исчистат снегот и да го обезбедат подобар проток на возилата. Според најавите, се очекува до 21:30 часот ситуацијата да се подобри и сообраќајот да се одвива непречено.
Македонија
Граѓани со часови останаа заглавени во колони, премрзнаа враќајќи се од Маврово, дел се со деца
Голем број граѓани кои беа на скијање во Маврово денеска останаа заглавени со часови во километарски колони возила на патот Никофорово-Радика. Во некои од возилата има и мали деца, а возилата им остануваат без гориво.
„Фотографииве се тазе, денешни, вечерашни, сакаш да се вратиш во викендичка, ама те пренасочуваат да се враќаш од кај Леуново и Никифорово, цел круг околу езерото, оти нормални услови за движење од другата страна нема. Колоната е километарска, во недоглед, стоиш во место и не знаеш зошто? Ова го нема никаде, само овде кај нас, оти за жал системот не функционира како што треба“, велат во објавите на социјалните мрежи.
Доцна вечерва беше соопштено дека редиците колони започнале да се движат и дека набргу ќе се реши колапсот во сообраќајот.
Македонија
ДУИ: Албанскиот јазик е неприкосновено право, нема да дозволиме враќање назад
Демократската унија за интеграција (ДУИ) најостро ја осудува одлуката на претседателката Гордана Сиљановска Давкова за ставање вето на законските измени кои предвидуваат двојазичност. Според ДУИ, оваа одлука претставува директен напад врз албанскиот јазик и правата на Албанците во Македонија.
„Ова не е изолиран инцидент, туку јасно координирана стратегија. Прво, лидерот на Вреди, Африм Гаши, настапи со изјава насочена против албанскиот јазик, подготвувајќи терен за овој чекор. Потоа, антиалбанскиот национализам се активираше за негирање и напаѓање на сè што е албанско“, наведуваат од ДУИ.
ДУИ смета дека ваквите потези не се само удар врз јазикот, туку и обид за враќање на Албанците назад и демонтирање на нивните тешко стекнати права. Според партијата, Владата предводена од ВМРО-ДПМНЕ, со поддршка на Вреди, следи реваншистичка, антиалбанска агенда која е опасна за соживотот и демократијата во земјата.
„Албанскиот јазик не е предмет за политичко поткусурување. Тој е уставно загарантирано право и составен дел од нашиот идентитет и достоинство. Нема да дозволиме оваа влада да го користи како инструмент за политички манипулации“, потенцираат од ДУИ.
ДУИ повикува на мобилизација на сите граѓани кои веруваат во соживот и демократски вредности, како и на сите Албанци во земјата, за да се спречат ваквите, како што велат, антиалбански стратегии.
„Ќе ги искористиме сите политички и правни механизми за да го спречиме ова антиалбанско лудило. Албанците нема да дозволат нивните права да бидат избришани. Нашиот јазик е нашата иднина – и ќе го браниме по секоја цена!“ порачаа од партијата.
ДУИ ја предупредува власта дека ваквите потези не само што ја нарушуваат правната и демократската основа на државата, туку и ја загрозуваат стабилноста и соживотот во Македонија.