Македонија
Пратениците го изгласаа законот за стечајните работници
Донесени новите измените на Законот за стечајните работници со кој се предвидува на околу 3.000 лица кои поради приватизација на претпријатијата со доминантна сопственост на државата во периодот од 2000 до 2004 останаа без работа по основ на стечај, ликвидација на фирмите да им беде обезбеден материјален месечен надоместок од околу 7.100 денари, односно 34 проценти од просечната плата исплатена за минатата година и исплаќање на здравствено осигурување.
Законот го поддржаа сите присутни во салата, вкупно 66 пратеници, без против и воздржани.
Министерот за труд и социјална политика, Диме Спасов, истакна дека со овие измени ќе се реши проблемот на 3000 стечајци и истакна дека со законот ќе бидат опфатени лицата што имаат најмалку 25 години работен стаж, а во меѓувреме ако биле вработени да не им е прекинат работниот однос по нивна вина или волја.
Пратеничката група предводена од опозициската СДСМ претходно за време на расправата се изјасни дека ќе ги поддржи измените иако нивните членовите сметаат дека ова е лошо законско решение бидејќи со него проблемот нема да биде решен целосно и нема да бидат опфатени сите стечајни работници.
Пратеникот Маријанчи Николов за време на расправата истакна дека во Македонија треба да има избори бидејќи само така на владата ќе и текне дека во земјава постојат граѓани кои што живеат на работ на егзистенцијата, чија што материјалната состојба е толку лоша што луѓето буквално немаат што да јадат и со што да ги платат сметките. Сепак, како што додаде, се сомнева во неговата сериозност бидејќи во буџетот на Република Македонија нема ставка со која се предвидува реализација на овој закон, а на владата и текнало да го решава статусот на стечајците пред изборите затоа што се обидува повторно да го стави прашањето на стечајните работници на колосекот на манипулација.
Во реплика, Илија Китановски од ВМРО-ДПМНЕ истакна дека Владата донела два закона со кои го решава проблемот на околу 6.000 стечајци и оти логично е законите да важат за оние фирми кои се во државна или доминантна државна сопственост.
Пратеничката Весна Бендевска од СДСМ оцени дека законот е селективен бидејќи со условите што ќе треба да ги исполнат стечајците за да добијат месечен надоместок, ќе се реши проблемот само на одредена група невработени кои останале без работа по основа на стечај или ликвидација и ќе биде ист како оној од 2008 година со кој биле опфатени 20 проценти од стечајните работници.
Пратеничката Цветанка Иванова од собраниската сала побара да бидат опфатени сите работници на кои им престанал работниот однос по основ на стечај, ликвидација, технолошки вишок, а работеле во општстествени фирми и фирми со државен капитал и предложи намалени критериуми за стажот.
„Ниту првиот закон од 2008 е успешен, уште повеќе нема да биде успешен овој закон. Од податоците коишто ги имаме, од вкупно поднесени околу 10.000 барања, одбиени се над 7.500 барања, а основа поради која се одбиени овие барања е дека фирмата во која работеле не е претежно државна, а некои затоа што до денот на престанокот на работен однос под стечај, ликвидација немаат полни 25 години, рече Иванова.
Mинистерот Спасов рече дека со законот во 2008 биле опфатени 3000 невработени граѓани кои останале без работа по основ на стечај, ликвидација и технолошки вишок, а со денешниот закон се менува законот од 2008 заради целосен опфат и дополнителни околу 3000 граѓани кои по тој основ останале без работа.
„Петнаесет дена од стапување во сила од законот ќе се дефинира списокот на претпријатија во доминантна сопственост на државава. Триесет дена по стапување во сила на законот граѓаните коишто се невработени по основ на стечај, ликвидација и технолошки кои ги исполнуваат условите дефинирани во законот имаат право и можност да поднесат барање. Колку од нив ќе поднесат барање, таа претпоставка не може да се направи. Јасно се дефинирани условите во законот и никој никого не манипулира. Токму тоа е разликата – фер односот кон гласачите и граѓаните е во решенијата кои ги нудиме. Разликата е една и единствена. Имавте и време и можност да го решите ова прашање на голем број граѓани пред многу години. Тоа не го направивте“, истакна министерот за труд и социјална политика./крај/мф/ап
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Законот за високо образование нема да биде повлечен, јавнaта расправа продолжува
Министерката за образование и наука Весна Јаневска на пленарна седница изјави дека нема да го повлече нацрт-законот за високо образование.
Таа посочи дека во моментов се одржуваат јавни расправи на сите универзитети и дека нацрт-текстот е објавен на Единствениот национален електронски регистар на прописи (ЕНЕР), каде што сите засегнати страни можат да достават коментари.
На прашање од пратеничката од СДСМ, Бисера Костадиновска-Стојчевска, која изнесе забелешки, Јаневска одговори дека законот е „за добробит на сите“ и дека реакциите не можат да се генерализираат.
Според министерката, предлог-законот е усогласен со европски и светски стандарди и предвидува подобрување на студентските права, двегодишен мандат за универзитетските тела, можности за ангажман на демонстратори и вработување на студенти на проекти, како и поддршка за најдобрите студенти.
Јаневска нагласи дека членот 13 се однесува на заштита на автономијата на универзитетите и дека во изработката на текстот учествувале над 60 професори.
Македонија
Гаши во Стејт департментот: Верската хармонија во земјава како модел за општеството
Претседателот на Собранието, Африм Гаши, оствари средба со Мајкл Дозлер, раководител на Одделот за европски и евроазиски прашања во Канцеларијата за меѓународни верски слободи, како и со други претставници во Стејт департментот на САД.
За време на средбата, претседателот Гаши нагласи дека нашата земја ужива верска хармонија, која треба да служи како модел за унапредување на другите општествени односи. Беше дискутирано за важноста на толеранцијата и негувањето на верските вредности, а воедно и зачувувањето на секуларниот карактер на државата.
Дозлер изрази благодарност за моделот на хармонија што постои во земјата и нагласи понатамошна поддршка за иницијативите што промовираат мир и соработка.
Меѓу другото, беа дискутирани и искуствата и средбите одржани за време на последната посета на претседателот во Вашингтон (февруари 2026 година), каде што Гаши изрази благодарност за меѓудржавната соработка и партнерство.
Македонија
Гоце Наумовски стана нов уставен судија
Собранието со 63 гласа „за“, седум „против“ и без воздржани го избра професорот Гоце Наумовски за нов уставен судија, по што тој даде свечена изјава дека функцијата ќе ја извршува совесно, одговорно и во согласност со Уставот и законите.
Наумовски е редовен професор по римско право на Правниот факултет „Јустинијан Први“ при Универзитетот „Свети Кирил и Методиј“ – Скопје.
Доаѓа на местото на судијката Јадранка Дабовиќ-Анастасовска, која во декември поднесе оставка од функцијата судија на Уставниот суд, поради здравствени и лични причини.

