Свет
Среда, 23.02.2005
Време / Дневник / Вест / Утрински весник
(Дневник) – среда, 23.02.2005
Домашни експерти тврдат
ЕСМ ги пумпа загубите за да ја намали продажната цена
“Електростопанство на Македонија” вештачки ги зголемува загубите за да ги намали рентабилноста и цената на компанијата – тврди Ристо Ачковски, професор на Институтот за преносни системи при Електротехничкиот факултет во Скопје.
– Според извештаите од ЕСМ, загубите на електрична енергија во последните две години значително се зголемиле и само во првата половина од 2004 година достигнале дури 30 отсто од произведената струја. Секој што барем малку се разбира во енергетскиот сектор знае дека тоа е неможно, освен ако неправилно се отчитува преземената енергија, нереално се прикажуваат состојбите со потрошувачката и енормно се зголемуваат кражбите. Ако станува збор за кражби, нелогично е државата да не презема буквално ништо за да ги намали загубите – истакна Ачковски на вчерашната прес-конференција на ВМРО-ДПМНЕ.
Според професорот Атанас Туневски од Машинскиот факултет во Скопје, продажбата на ЕСМ, како што сега се спроведува, ќе биде уште една несреќна и нетранспарентна приватизација на последниот државен монопол во енергетскиот сектор.
Од ВМРО-ДПМНЕ вчера ја прашаа Владата зошто го продава ЕСМ без претходно да регулира редица крупни прашања.
– Без закон за енергетика, регулирање на пазарот на електрична енергија и за висината на надоместокот за концесиите на водите и јагленот, без правила за функционирање на преносната мрежа и без претходно либерализирање на пазарот, продажбата е недозволена – рече Туневски(С.С.)
* * *
(Утрински весник) – среда, 23.02.2005
Поради отсуство на сведоци за продажбата на “Нова Македонија”
Продолжи и се одложи судењето за НИП-от
Во Основниот суд Скопје 1 продолжи судењето на тогашниот генерален директор на НИП “Нова Македонијааи, Никола Тасев(29), директорот на маркетингот Ѓорѓи Бошков (30), в.д. заменик-директор на Агенцијата за приватизација, Душко Аврамски, тогашниот министер за економија, Бесник Фетаи (38), сопственикот на фирмата БНМ, Зоран Стојановиќ(48) и управникот на фирмата “Зум промоушнни, Гордана Кузмановска-Николовска(29), сите обвинети за злоупотреба на службената должност.
Судењето почна со констатација дека дури тројца од четворицата повикани сведоци не се дојдени, а меѓу нив и адвокатот Владимир Ракочевиќ, кој во времето кога се продаваше оваа издавачка куќа беше правен застапник на божемните купувачи од Словенија.
Судот го констатира и кусото задоцнување на Бесник Фетаи, отсуството на претставникот на НИП-от, како и тоа дека од владините служби не е донесена бараната документација која се однесува на оваа поништена продажба. Судијата Шазивар Исеини ги извести бранителите на обвинетите дека го уважува нивното барање за сведоци да бидат повикани сите што се предложени, а кои се државјани на Македонија, но не и лицата од Словенија. Адвокатот Саво Коцарев презентираше писмен документ со кој се потврдува дека тој е ангажиран во друг притворски предмет. Ова беше уважено од Судскиот совет кој, во меѓувреме, претрпе персонални измени.
Токму поради измените во поротата, судијата Исеини од адвокатите побара согласност судењето веднаш да почне или да се одложи. Адвокатите одлучија судењето да продолжи на 17 и 18 март. На ова реагираше обвинетиот Душко Аврамски, кој рече дека со оглед на тоа што е кандидат за градоначалник, тоа ќе му претставува пречка пред вториот изборен круг. (Љ.С.)
* * *
(Вест) – среда, 23.02.2005
СКАНДАЛ СО ПОМОШТА НА ЗЕГИН ЗА ЦУНАМИТО
УНИЦЕФ: Солта за рехидратација и ја дониравме на Македонија
Од Канцеларијата на УНИЦЕФ во Скопје велат дека пратката со солта што сега Зегин сака да ја пренасочи во Шри Ланка и е донирана на Македонија во јуни 2001 година, и била со рок на траење до февруари 2005 година
УНИЦЕФ никогаш не донирал каква било помош на приватно лице или фирма, ниту пак давал дозвола за редонација на хуманитарна пратка што од нив стигнала во Македонија. Вака вчера од Канцеларијата на УНИЦЕФ во Скопје одговорија на прашањето како нивната сол за рехидратација се нашла во хуманитарната помош што Зегин сакаше да ја испрати за настраданите од цунамито. Како што е познато, во запленетата помош на Зегин има и шест тони сол за орална рехидратација со знакчето на УНИЦЕФ.
Според надлежните во Канцеларијата, УНИЦЕФ во јуни 2001 година донирал помош за Македонија, за време на конфликтот и тоа 300 картони со по 1.000 ќесички од по еден килограм сол за рехидратација. Но, објаснуваат од таму, помошта била донесена преку Министерството за здравство и била со рок на траење до февруари 2005 година.
Според архивата, објаснуваат од Канцеларијата на УНИЦЕФ, во документите било наведено дека донираната сол ќе се складира во магацините на Зегин. За складирањето бил потпишан договор меѓу Зегин и Министерството за здравство. Но, и покрај ваквите тврдења, засега Министерството за здравство не може да најде никаков документ за оваа донација за нашата држава.
Од Канцеларијата на УНИЦЕФ немаат точна бројка колку пари вредела донираната сол, но убедуваат дека сумата е многу помала од онаа што Зегин ја прикажа при обидот да ја испрати хуманитарната пратка во Шри Ланка.
* * *
(Време) – среда, 23.02.2005
Шверцот на цигари граѓаните ги чини 300 милиони евра
Граѓаните на Македонија платиле 300 милиони евра повеќе во последните 15 години, затоа што нашите влади не сакаа или не можеа да го прекинат шверцот на цигари. Толкава е сумата што како даночни обврзници граѓаните морале да ја платат во буџетот преку поголеми даноци.
До тие бројки се доаѓа со едноставна математика. Во земјава има околу 300 илјади пушачи. Ако се претпостави дека тие за една кутија цигари дневно просечно плаќаат по 40 денари и дека за половина од вкупно потрошените цигари не е платена акциза, зашто се шверцувани, произлегува дека годишно државата губи околу 20 милиони евра од неплатена акциза. За 15 години се одлеале 300 милиони евра, но буџетот никогаш не останал празен, што ќе рече оти тие пари Владата ги обезбедила од граѓаните со зголемување на даноците.
Зелените пазари се преплавени со шверцувани цигари, а и многу колонијали продаваат цигари од кои државата не добива ниту денар.
Во МВР велат дека постојано прават рации против шверцерите на цигари.
– Ние дејствуваме по пријава или по претходно добиени сознанија. Постојано вршиме рации. Откако ќе ги фатиме шверцерите, заедно со запленетите цигари му ги предаваме на судот – изјави вчера Горан Павловски, портпарол на МВР.
Но, препродавачите се само врв на ледениот брег од шверцерските канали, кои засега властите не ги контролираат.
Несфатливо е зошто македонската влада молчи за индиректните обвинувања од Бугарија, која влегувајќи во битка со шверцерските канали посочи оти Македонија била центар на дистрибуцијата на нелегални цигари кон Србија и Црна Гора, Косово, Албанија и кон Грција. Истовремено, официјални органи на Софија потврдија дека парите од шверцуваните цигари во кеш од Македонија се враќале во Бугарија.
Софискиот суд завчера му го продолжил притворот на Иван Тодоров-Докторот, обвинет за перење пари од шверц на цигари од Бугарија во Македонија, кого бугарската полиција го уапси „по претходно добиени докази од македонското МВР“.
Според бугарската информативна агенција, „Фокус“, Докторот им бил десна рака на Љубчо Георгиевски и на Мендух Тачи во периодот од 1998 до 2000 година. Агенцијата тврди дека сите заедно организирале шверц на разни стоки во Македонија.
Против Докторот во четвртокот било покренато обвинение за перење пари во износ од 25 милиони евра, за што доказите ги доставила Македонија. Парите за кои е обвинет Тодоров биле од шверцот што го направил од 1997 до 2003 година од Бугарија во Македонија. Покрај него, за учество во шверцерската афера се осомничени и Петар Петров од фирмата „Амигос“ и извесни браќа Мирјанови.
Една од шверцерските пратки на цигари се случила на 28 октомври 2002 година, кога фалшливи „марлборо“ вредни 500.000 долари пристигнале на пристаништето Бургас, потоа, претоварени на камиони, влегле во Македонија, а оттука на Косово и во Албанија.
Бугарските медиуми јавуваат дека во периодот од 1997 до 2003 година Докторот испрал околу 800 милиони евра од шверц со цигари.
Бугарските медиуми неколку дена пишуваат дека мозокот на каналот за шверц на цигари имал контакти со поранешниот македонски премиер Љубчо Георгиевски и со синот на црногорскиот претседател Мило Ѓукановиќ.
Божидар Спасиќ, поранешен функционер во српските безбедносни служби, пред три години јавно обвини дека Македонија е главна алка во балканскиот шверц со цигари. Тој рече дека „Македонија табак“ била дел од шверцерската мрежа на тутунскиот гигант „Филип Морис“ и дека цигарите биле шверцувани
со дозвола на „корумпираната влада на Љубчо Георгиевски“.
МВР потврди дека на бугарското МВР му предало докази против Тодоров, но изјави дека нема докази дека во шверцот со цигари биле вмешани и македонски државјани.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Свет
Маж нападна полицаец со нож во Париз
Маж вооружен со нож, кој се обиде да нападне полицаец кај Триумфалната капија во Париз, беше ранет од неколку куршуми испукани кон него од друг припадник на безбедносните сили, објави агенцијата Франс прес, повикувајќи се на полициски извор.
Напаѓачот е однесен во болница. Полицијата е присутна кај Триумфалната капија, споменик во центарот на Париз во близина на Шанзелизе, за церемонија на палење факел на Гробот на непознатиот војник.
Националното обвинителство за борба против тероризмот објави дека го презема случајот.
фото/Depositphotos
Свет
Зеленски: Путин не е млад човек, нема многу време
Украинскиот претседател Володимир Зеленски верува дека само САД имаат моќ да ја принудат Русија да склучи мир.
„Да бидеме искрени, денес само Европа ѝ дава пари на Украина и ѝ помага. Само САД можат да го сопрат Путин“, изјави тој за POLITICO.
Сепак, Зеленски изрази загриженост дека Белата куќа можеби не ја разбира суштината на проблемот.
„Од она што го гледам, тие испраќаат повеќе сигнали дека Украина треба да направи компромис, а не Русија“, рече тој.
„Не мислам дека тоа е правилниот став. Секако, така е поедноставно“, додаде тој.
Осврнувајќи се на возраста на Владимир Путин, Зеленски забележа дека рускиот претседател, кој сега има 73 години, повеќе не е млад човек. „Тој нема многу време“, додаде украинскиот претседател. „Дај Боже да нема многу“, заклучи тој.
Свет
Украински министер: Не е реално војната да се заврши без Трамп
Украинскиот министер за надворешни работи, Андриј Сибиха, извести за напредокот на преговорите со Русија за прекин на инвазијата, истакнувајќи дека три од 20-те точки од мировниот план остануваат контроверзни. Тој потврди дека претходните две рунди разговори се одржаа во Абу Даби, а следната ќе се одржи следната недела во Женева.
Сибиха оцени дека преговорите „напредуваат“, пофалувајќи го лидерството на американскиот претседател Доналд Трамп. Тој експлицитно изјави дека „нереално е да се заврши оваа војна без Трамп“. И покрај ова, тој предупреди дека Русија не покажува „никакви знаци на подготвеност за сериозни преговори“.
„Паралелно, мора да продолжиме да вршиме притисок врз Русија и, мора да признаеме, сè уште имаме инструменти на влијание“, рече Сибиха.
Украинскиот министер откри дека сè уште има несогласување за три точки во мировниот план, кој содржи 20 точки. „Имаме изводливи предлози, па затоа во следната рунда навистина се надеваме дека нема да слушаме дополнителни историски предавања. Сега е време за акција, за дела и за конкретни, решителни чекори“, нагласи тој.
На неговите зборови се надоврза и францускиот министер за надворешни работи Жан-Ноел Баро, кој рече дека војната мора да заврши.
„Јасно е дека треба да ја запреме оваа војна, а со нашите сојузници и пријатели сè уште имаме механизми за да го постигнеме тоа“, рече тој.
Тој откри дека Франција и Обединетото Кралство „отишле многу далеку“ за да ги блокираат бродовите на руската „флота во сенка“, додека „користеле воени средства“.
Баро, исто така, ја нагласи важноста на претстојниот, 20-ти пакет санкции на Европската Унија, кој се очекува да биде усвоен на 24 февруари, на четвртата годишнина од почетокот на тоталната агресија. Тој, исто така, ја спомена улогата на таканаречената Коалиција на волјата во обезбедувањето идни безбедносни гаранции за Украина.
фото/Depositphotos

