Македонија
Отворена поддршка за Македонија од Полска за ЕУ и НАТО
Полска и’ дава отворена поддршка на Македонија за интеграција во ЕУ и НАТО, го признава нејзиното уставно име и смета дека е нефер да и’ се поставуваат посебни специјални услови, различни од другите земји, за членство во евроатлантските структури
Ова го истакна Анджеј Халицки, претседател на Комисијата за надворешна политика во полскиот Сејм (Парламентот) по денешната средба во Варшава со македонскиот министер за надворешни работи, Антонио Милошоски.Претседателот на полската парламентарна комисија Халицки, за МИА изјави дека ставот за поддршка на Македонија соопштен и претходно од страна на полскиот претседател и Владата, за време на Самитот на НАТО во Букурешт, беше јасен. „Ние го користиме уставното име без некои други услови. Целосно е нефер да се поставуваат некакви специјални услови од други земји-членки. Членките кои сакаат да се чувствуваат посилни од други земји и општества, не ги исполнуваат фундаменталните европски стандарди. Правилата се исти за сите, и за оние што се внатре и за оние што се надвор, но сакаат да бидат внатре“, рече Халицки.Шефот на македонската дипломатија рече дека Македонија е задоволна од отворената поддршка што ја добива од Полска, како и од полската политика на отворени врати и вреднување на постигнатите резултати и оти кога тие се постигнати, секој кандидат треба да има шанса да стане дел од ЕУ и да придонесе за заедничките цели на модерната европска нација. Милошоски оваа порака ќе му ја пренесе попладнево и на неговиот полски колега Радослав Шикорски од кого исто така ќе побара Полска да ја поддржи Македонија и да ја следи препораката на Европската комисија за почнување преговори за пристап во ЕУ на декемврискиот самит на Унијата. Македонскиот минстер за надворешни работи оцени дека билатералните односи меѓу двете земји се одлични и оти придонес за тоа дава и полскиот Параламент. Притоа тој најави дека се очекува во почетокот на следната година претседателот на македонското Собрание да биде гостин на полскиот Парламент. „Ќе се согласам со министерот дека нашите билатерални односи се навистина добри. Ние би сакале што поскоро Македонија да стане дел од Европската Унија, како и членка на НАТО“, додаде Халицки. За време на престојот во Варшава предвидено е министерот Милошоски да одржи предавање на тема „Перспективите за членство во ЕУ на земјите од Балканот – случајот на Република Македонија“, во организација на Центарот за источни студии и институтот „ДЕМОС – Европа“.Македонија и Полска имаат традиционално пријателски билатерални односи. Полска, која стана членка на Европската Унија во 2004 година, ја поддржува Република Македонија во евроатлантските интеграциски процеси и во 2005 година ја призна под уставното име. Полска е една од земјите од кои Македонија ќе црпи искуства за претстојните преговори за влез во Унијата во делот на јавната администрација, и тоа според Холандско-полскиот Утрехт модел. Се очекува во април идната година во Варшава да се одржи конференција на која главна тема ќе бидат токму овие полски искуства, поглавјата за заедничка надворешна и безбедносна политика и за правда и безбедност. Отворени прашања меѓу двете земји нема, но обострана оценка е дека од особена важност е развојот и интензивирањето на економската соработка.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Димовска – Мражикова: Соработката со Европскиот парламент има јасна цел и опипливи резултати
Генералната секретарка на Собранието, Марина Димовска оствари средба со раководителката на Канцеларијата на Европскиот парламент за Западен Балкан, Татиана Мражикова.
На средбата, Димовска се заблагодари за постојаната и силна поддршка на Европскиот парламент за нашиот евроинтегративен пат, која се рефлектира и преку отворањето на Канцеларија на Европскиот парламент за Западен Балкан минатата година.
Димовска ги престави тековните процеси кои ги спроведува Собраниската служба, вклучително и Стратегијата за дигитализација на Собранието 2026 – 2028; Акцискиот план за унапредување на рамноправноста меѓу жените и мажите 2025-2027, измените и Организацијата на работни места, со акцент на новоформираното Одделение за проценка на влијанието на регулативата. Таа нагласи дека Собраниската служба цели кон интензивирање соработка со парламентите на земјите – членки на Унијата и од Регионот, подвлекувајќи го институционализирањето на таквата соработка.

Мражикова ја поздрави високата поддршка на граѓаните за членство на државата во Европската Унија и се осврна на значајната улога на известителот во Европскиот парламент, Томас Вајц, кој деновиве е во посета на Република Северна Македонија. Нагласи дека Европскиот парламент преку канцеларијата за Западен Балкан непосредно ги адресира процесите кои ги приближуваат земјите аспиранти до Европската Унија. Подвлече и дека Европскиот парламент со гордост беше партнер на Собранието во Жан Моне дијалогот, кој донесе опипливи резултати и овозможи активна вклученост и поддршка од сите политички партии при усвојувањето на новиот Деловник на Собранието.
Соговорничките се согласија дека соработката на ниво на службеници ќе се интензивира во периодот кој следи преку соработка на различни форуми во сите сфери од интерес.
Македонија
СДСМ: Нема одговор како 5 тони дрога поминале преку граница
Нема одговор како 5 тони дрога поминала преку граница – има вистина дека ВМРО го овозможи бизнисот со канабис, велат од СДСМ.
„Помина една недела од објавата на големиот картелски скандал со 5 тони дрога, запленета во соседна Србија која дошла од Македонија. Сè уште нема одговор како 5 тони дрога поминале преку македонската граница? Кој ќе одговара за овој картелски скандал и кој од власта е вмешан? Бидејќи на сите им е јасно, без поддршка на структури во власта, МВР, Царина, невозможно е 5 тони дрога да се шверцуваат преку граница. СДСМ со денови алармира за поврзаноста на криминални структури во Македонија и во Србија. Власта молчи, исто како што молчи за сликите на Мицкоски со криминалецот Симе. Сега граѓаните гледаат медиумска кампања со заплени на канабис и обиди на власта да дефокусира од главното прашање: кој дозволи 5 тони дрогата да помине преку граница?“, велат од СДСМ.
Од таму велат дека законскиот основ за производство на медицински канабис во Македонија го направиле ВМРО и Никола Груевски со измени на Законот на 9 ти февруари 2016 година.
„Првата лиценца за одгледување медицински канабис во Македонија била издадена во февруари 2017 во време на ВМРО. Производството на канабис почнало во мај 2017. Доколку само поради нивната медиумска кампања и сензационализам, се запленуваат и легални количини државата може да се случи на кај државата да плаќа и отштета. Затоа ова бркање вештерки по компании е фарса а истото се случува и во Србија. Целата кампања повторно ја прават по рецептот на Вучиќ – сè е copy-paste“, велат од СДСМ.
Македонија
„Да се забрани производство на марихуана за наводни медицински цели“, бара Демократскиот сојуз
Демократскиот сојуз бара Парламентот на Македонија по скратена постапка да донесе измена на законите со кои ќе се забрани производство на марихуана (Cannabis sativa) за наводни медициски цели.
„Досега, од 2017 година надлежното Министерство за здравство, во соработка со други институции (Мин.за земјоделство, Меѓуресорската комисија и други) издало 61 лиценца на фирми кои можеле да произведуваат марихуана за медицински цели.
Повеќе од јасно е дека контролата затаила поради што се случија фингирани кражби, пресметки помеѓу нарко-мафијата, заплени на канабис од полицијата итн., но криминалниот бизнис продолжи, бидејќи нарко-мафијата во која беа вклучени и носители на највисоки државни функции од претходната власт се стекнаа со огромна финансиска моќ и политичко влијание“, велат од ДС.
„Демократски сојуз силно ја поддржува акцијата на МВР за заплена на канабисот и инсистира да постапува неселективно и јавно да бидат објавени сопствениците (формални и неформални) на фирмите кои произведуваат канабис, кој и кога ги издал лиценците за производство на канабис итн.
Министерството за здравство во соработка со другите надлежни институции да објави колку количини на канабис се произведени, каде се тие количини (продадени, на залиха, украдени итн.) и колку профит е остварен.
Запленетите 32 тона канабис (5 во Србија и 27 тони во Македонија), тоа е засега гребење по површината на овој нарко-бизнис кој има тешки последици по здравјето на младите генерации, политичката стабилност, владеење на правото и меѓународниот углед на државата.
Бараме да се прошири одговорноста и кон носителите на функции од надлежните министерства кои издавале лиценци и кои затаиле со контролата на спроведување на законите за да се спречат злоупотребите.
Одземените количини се премногу за Балканот, а не за медицинските потреби на Македонија. Очигледно е дека првобитната хумана цел е злоупотребена и затоа се потребни итни законски промени“, соопштуваат од Демократскиот сојуз.

