Македонија
Караџоски: Ме мести некој од Македонски шуми- тужба за Селами
Директорот на Македонски шуми Жарко Караџоски ќе поднесе тужба против претседателот на Државната комисија за спречување на корупцијата, Илми Селами за клевета.
Тој вели дека го местел некој од јавното претпријатие „Македонски шуми“.
„Да се изнесуваат клевети и да се изнесуваат невистини е преголема одговорност за една ваква институција. Со оглед на тоа што јас не сум обичен човек, сепак станува збор за една политичка фигура, осум години бев пратеник, ова јасно укажува дека некој сака да ме деградира како личност и уште повеќе сака да им наштети на мојата чест и углед. Јас немам друг начин освен сето ова да го докажам на суд, поточно да го повикам Селами тоа што го тврди да го докаже на суд и за сето ова ќе се гледаме на суд кога ќе ја поднесам тужбата за клевета“ рече Караџоски.
Тој се сомнева дека го мести некој од јавното претпријатие, бидејќи бил прв директор кој го прекинал незаконското работење на многумина.
„Ме мести некој овде во јавното претпријатие. Тоа можам најодговорно да го кажам, не можам да речам ВМРО или СДСМ, немам докази, не знам кој е човекот, но ме местат оние на кои што им влегов на некој начин во еснафот и им прекинав голем дел од незаконското работење во ова претпријатие. На многумина им ги скратив задоволствата и јас сум првиот директор на претпријатие кој што има и казнето и избркано од работа и суспендирано. Најверојатно не сум поскапуван бидејќи држам до дисциплина и работам чесно“ вели Караџоски.
Тој ги отфрла наводите на ДКСК дека потрошил околу 11.500 евра за ручеци и вечери и направи споредба со претходните години, колку пари тогаш биле потрошени за вакви потреби.
Според него во споредба со минатите години почнувајќи од 2008 година бил потрошени многу помалку пари за услуги во споредба со минатата година. Според него, за 2010 година не биле потрошени 11.500 евра за угостителски услуги, туку 10.000 евра.
„Во исто време напоменувам дека приходите на јавното претпријатие во трите овие години се движи околу 2 милијарди денари. За да се каже дали некој е домаќин или недомаќин во работењето, не може да се каже врз основа на само една ставка од расходите, која што не учествува ниту со еден отсто во рамките на вкупните приходи. Би било за критика доколку претпријатието работи со загуби, доколку не ги подмирува обврските кон државата, не дава плати, доколку не ги подмирува обврските кон добавувачите“ вели Краџоски.
Тој вели дека антикорупциската комисија требало да направи анализа на документацијата во претпријатието и само врз основа на докази да изнесува вакви наводи.
„Ова требало да го направи антикорупциската комисија, а за ова да го направи не им тежеше ниту на членовите на ДКСК да направат увид, а не да ги базираат своите информации врз основа на една претставка“ вели Караџоски.
Тој тврди дека овие фактури за угостителски услуги не се фиктивни и вели дека не биле исплаќани по шест, седум фактури на ден, туку дека се работело за книжење.
„Не станува збор за никакви фиктивни фактури, туку за реализирани реални фактури. Овие фактури не се ни платени, како може некој да испумпа пари, а притоа да не се ни платени тие фактури“ вели Караџоски. Тврди дека не земал надоместок за користење на приватно возило, како што тврди ДКСК, како и дека за потребите на претпријатието користел само службено возило.
Тој најави дека ќе биде направена ревизија, а работењето на претпријатието и овој извештај најави дека ќе го достави до ДКСК, а ќе го изнесе и пред јавноста.
Државната комисија за спречување на корупција покрена иницијатива за разрешување на директорот на „Македонски шуми“, Жарко Караџоски.
Според документацијата со која располага ДКСК, јавното претпријатие потрошило околу 11.500 евра за ручеци и вечери. За артикли за репрезентација, само во 2010 година биле потрошени околу 6.500 евра. Покрај вообичаените артикли за репрезентација биле набавени и скапи алкохолни пијалаци, најчесто виски.
Караџоски заедно со неговиот возач, Љупчо Здравески наводно примале пари како да патувале со службено возило на релација Скопје – Прилеп, иако патувале со приватно возило. За ова им биле исплатени околу 850 евра./крај/фф
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
ВМРО-ДПМНЕ избра нови претседатели на повеќе партиски комисии
На првата редовна седница на новиот состав на Извршниот комитет на ВМРО-ДПМНЕ, донесени се одлуки за кадровски освежувања и распишување огласи за раководни позиции во партијата, информира премиерот и лидер на партијата, Христијан Мицкоски, преку објава на Фејсбук.
Извршниот комитет одлучил да распише огласи за избор на нови претседатели на Унијата на млади сили, Унијата на жени и Унијата на ветерани, како и генерален избор на претседатели на сите општински комитети на ВМРО-ДПМНЕ.
На седницата биле избрани и нови претседатели на повеќе партиски комисии. За претседател на Комисијата за здравство е избран Сашо Клековски, на Кадровата комисија Благоја Ташаминов, на Комисијата за безбедност и одбрана Панче Тошковски, додека за претседател на Комисијата за туризам е избран Аккан Махмут.
За претседател на Градскиот комитет на ВМРО-ДПМНЕ во Скопје е избран Златко Перински.
„Промени. Го слушаме гласот на членството. Вистинскиот избор за заедничка иднина!“, напиша Мицкоски во објавата.
Македонија
Даниел не се замерил со никого, мотивот најверојатно е пари, рече адвокатот на Кајмакоски кој по киднапирањето е стабилен, но под стрес
Македонскиот пејач, Даниел Кајмакоски, беше киднапиран во Белград ноќта меѓу сабота и недела, а по трауматичниот настан моментално се опоравува, со поддршка од семејството и најблиските.
Неговиот адвокат Бранислав Станишиќ потврди дека Кајмакоски е физички стабилен, но дека последиците од шокот сè уште се присутни.
Како што наведе, истрагата е во тек.
„Истрагата е во тек и таа ќе потрае. Што се однесува до Даниел, тој е психички и физички добро, што во овој момент е најважно за него и за семејството. Оваа ситуација остави, условно кажано, последици од шок, но фала му на Бога, ги надминува“, изјави Станишиќ, пренесоа српските медиуми.
„Ако ме прашате за самиот случај, не можеме да изнесеме премногу информации додека осомничените за извршување на ова гнасно кривично дело не бидат приведени пред правдата, бидејќи потрагата по нив сè уште трае. Во договор со полицијата, во овој момент не можеме да споделиме повеќе детали. Осомничените го напуштиле местото кај Рума, односно локацијата каде што автомобилот останал запрен по удар во банкина. Оттогаш ја напуштиле таа област и по нив сè уште се трага“, додаде адвокатот.
Тој изјави дека потрагата се движи во насока на лица кои најверојатно се од турско потекло.
„Засега тоа е информацијата со која располагаме. Најверојатно не се државјани на Република Србија. Зборувале на турски јазик или на некој сличен, а и нивниот изглед упатувал на тоа дека се од некоја таква земја. Не знаеме дали станува збор за мигранти или во каков статус престојувале тука. Со Даниел сум во постојан контакт и реагираме во координација со полицијата“, рече Станишиќ.
Адвокатот нагласи дека Кајмакоски не се замерил со никого и дека немал причина да претпостави дека би можело да му се случи вакво нешто.
„Даниел пред сè е уметник и не е човек кој би можел да препознае знаци дека некој евентуално го следи. Тој лично не забележал ништо. Никогаш никому не му замерил, нема причина некој од лични побуди да посегне по него. Да имало некаков сомнеж, веројатно и самиот би помислил дека нешто вакво може да се случи. Својот работен ангажман го извршува професионално и никогаш не бил дрзок или навредлив кон некого“, изјави Станишиќ.
Тој додаде дека според нивната проценка, мотивот најверојатно бил материјална корист.
„Ова најверојатно е направено со цел стекнување материјална корист. Даниел има доверба во полицијата и убедени сме дека тие професионално ќе си ја завршат работата. Се надеваме дека потрагата по осомничените ќе заврши брзо, бидејќи полицијата е на висина на задачата“, заклучи адвокатот.
Македонија
Четворица заболени од шуга во касарната во Велес, епидемиологот Оранска рече дека болеста е донесена однадвор
Кај четворица слушатели на курсот за професионални војници во велешката касарна е потврдена шуга. Тие се пуштени на домашно лекување и се во стабилна состојба, додека од Армијата велат дека се спроведени здравствени протоколи и дека состојбата на останатите слушатели е под редовен надзор.
Потполковник Лариса Оранска, епидемиолог во Воено-медицинскиот центар, информира дека првиот случај бил регистриран минатиот четврток, по што веднаш бил извршен увид и биле активирани превентивни мерки. Заболеното лице било упатено на специјалистички преглед и домашно лекување, а потоа бил спроведен вонреден здравствен надзор.
Сите присутни војници биле прегледани, при што лицата со кожни промени биле дополнително упатени на специјалист. Останатите се без симптоми и продолжуваат со редовните активности. Оранска посочи дека болеста не потекнува од Армијата и дека, според проценките, е внесена однадвор.
„Шугата сигурно е донесена однадвор. Досега не сме имале во Армијата случај нити кај старешините, нити кај професионалните војници. Тоа е сигурно внесено однадвор“, изјави Оранска.
Во објектите каде што се сместени слушателите е спроведена целосна дезинфекција, дезинсекција и дератизација. Надзорот ќе продолжи секојдневно, имајќи предвид дека инкубацијата на болеста може да трае од 10 дена до шест недели.
Портпаролот на Генералштабот, потполковник Дарко Стерјовски, изјави дека условите во касарната се во согласност со правилниците и ги отфрли наводите за несоодветни услови, вклучително и тврдењата дека нема топла вода. Според него, во објектот има соодветно греење и услови за нормален живот и обука.

