Македонија
Иванов: Бојкотот на институциите значи бојкот на демократијата

По втор пат ја преземам функцијата претседател на Република Македонија, но со тоа и должноста да бидам еден за сите, да дадам се од себе за државните интереси, за интересите на сите граѓани“, истакна претседателот на Република Македонија, Ѓорге Иванов, за време на свечената изјава што во понеделникот ја даде во Собранието на Република Македонија, а со тоа го започна својот втор мандат како шеф на државата.
„Граѓаните одлучија на кого ќе му дадат доверба да биде претседател, а кој ќе составува Влада. Оние што го бојкотираат Собранието за кое добија мандати, всушност ги бојкотираат волјата и довербата на граѓаните, кои гласале и за нив”, истакна Иванов.
Во своето обраќање тој нагласи дека со добивање на довербата на граѓаните и мандат во собранието, народните избраници со себе понесуваат и одговорност со која се бара посветена рабора, сериозност и промисленост.
„Како претседател, загрижен сум за некои реакции и постапки на дел од политичките партии, бидејќи сум и нивен претседател. Оние што мислат дека ја бојкотираат институцијата „претседател на Република Македонија”, всушност ги бојкотираат граѓаните кои гласале на претседателските избори. Оние што го бојкотираат Собранието за кое добија мандати, всушност ги бојкотираат волјата и довербата на граѓаните, кои гласале и за нив”, истакна Иванов.
Старо – ноиот претседател ја повика опозицијата да се придржува до демократските принципи и вредности почитувајќи ги правилата на игра, Уставот и законите, како и слободно изразената волја на граѓаните дадена на изборите.
Тој истакна дека ќе направи се што е во рамките на неговите надлежности да ги унапреди дијалогот и соработката внатре во институциите на државата.
„Бојкотот на институциите значи бојкот на демократијата и волјата на граѓаните, но и потценување на демократската зрелост на македонските избирачи. За првпат во историјата на Република Македонија, претседателските избори минале без ниту еден приговор до ДИК”, нагласи Иванов.
Демократската унија за интеграција со своите 19 пратеници не учествуваше на инаугурацијата на Иванов бидејќи како што претходно соопшти партијата, тој нема легитимитет бидејќи за него не гласале и мнозинството Албанци.
Со ова од ДУИ испратија јасна порака дека тие и понатаму ќе продолжат со својот став и идеја за консензуален претседател, истакнувајќи дека иако не го признаваат легитимитетот, тие го признаваат легалитетот што значи дека нема да имаат проблеми во соработката со институцијата Претседател, туку имаат проблем со начинот на кој тоа е избран.
На инаугурацијата во Собранието не присуствуваа ниту 34 – те народни избраници од редовите на СДСМ, а ваква најава стигна и од партијата на Руфи Османи која на изборите доби едно пратеничко место.
Од останатите политички партии на седницата присуствуваа ДПА и ГРОМ.
ВМРО – ДПМНЕ и ДУИ неколку дена пред одржувањето на конститутивната седница на Парламентот информираа дека ќе формираат ново парламентарно мнозинство, а преговарачките тимови на двете партии ќе продолжат на усогласување на принципите./крај/мф/ап
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
Тошковски-Сецуко: разменети иницијативи за продлабочување на соработката со Јапонија

Министерот за внатрешни работи Панче Тошковски денес оствари работна средна со Амбасадорката на Јапонија во земјава, Кавахара Сецуко.
На средбата стана збор за одличните односи помеѓу двете земји, волјата за унапредување на соработката и на стратешко и на оперативно ниво, а се разменија и иницијативи за продлабочување на истата преку членување во разни меѓународни организации за полициска соработка.
Двете страни ја потврдија силната волја и посветеност на развивање на меѓусебните односи и соработка, преку конкретни предлози за нивно реализирање.
Македонија
Попов: Борбата за зачувување на македонскиот јазик не е завршена, тој е загрозен и внатре во самата држава

Аргументирано можеме да тврдиме дека официјализирањето на македонската азбука и на македонскиот стандарден јазик не е некаква “вештачка конструкција“, туку претставува логичен след на долговековниот просторен и временски континуитет на македонскиот јазик и неговите дијалекти на целата јазична територија, истакна претседателот на МАНУ, Живко Попов, по повод одбележувањето на 80-годишнината од кодификацијата на македонскиот стандарден јазик.
Според него, дијалектното богатство, вградено во литературата и стандардот, го прави посебен, уникатен, и докажува дека македонскиот јазик има долга историја и особен влог во рамките на групата словенски јазици и светското јазично семејство, а неговата посебност и специфичност предизвикува особен интерес во меѓународната лингвистичка научна средина.
Но борбата за зачувување на македонскиот јазик, како што нагласи Попов, не е завршена.
Таа мора да трае и да продолжи пред меѓународните институции за човекови права, бидејки неговата официјална употреба од страна на деловите на македонскиот народ во соседните земји е оневозможена со превземените обврски со договорите од Преспа со Грција и оној за добрососедство со Бугарија.
Во исто време македонскиот јазик е загрозен и внатре во самата држава, каде не е подеднакво почитуван на целата нејзина територија. Законот за македонскиот јазик за жал е донесен отпосле и сега државните институции треба да вложат многу поголеми усилби за негова правилна примена. Уставниот суд во чиј капацитет веруваме е на потег да воспостави правилна употреба на македонскиот јазик како официјален јазик за меѓусебно разбирање на сите граѓани на целата територија на државата, согласно општоприфатените меѓународни прописи во светот и ЕУ каде што ние целиме“.
МАНУ, појасни Попов, во соработка со Институтот за македонски јазик, катедрата по македонски јазик при УКИМ и другите универзитети и научни институции продолжува во полна пареа да работи на збогатување и усовршување на македонскиот литературен јазик.
Истакнувајќи неколку цитати на Блаже Конески претседателот на МАНУ нагласи дека зборовите и делата на Конески и денес одекнуваат силно, но исто така и силно ги обврзуваат следните генерации да продолжат да го негуваат, проучуваат и да го афирмираат македонскиот јазик, основен белег на нашиот идентитет и култура, на нашето минато, сегашност и на нашата иднина.
Македонија
Кривична пријава против двајца поранешни вработени во МВР за злоупотреба на службената положба

Одделот за внатрешна контрола, криминалистички истраги и професионални стандарди при Министерството за внатрешни работи, до надлежното Основно јавно обвинителство Скопје, поднесе кривична пријава против Б.Д. и В.В., поради постоење основи на сомнение за сторено кривично дело „злоупотреба на службената положба и овластување“.
БД., пензиониран работник, а во време на извршување на кривичното дело на работно место началник на Регионален центар за гранични работи Север, иако знаел дека еден работник со правосилна пресуда бил ослободен од прекршочна одговорност, не изготвил ургенција до Комисијата за вршење на психолошко советување и давање мислење за способноста на работникот во МВР да му се врати одземеното службено оружје, кое му било одземено до завршување на постапката, туку изготвил предлог за негово времено распоредување врз основа на кој работникот бил времено распореден на друго работно место, а за времено упразнетото работно место доставил предлог за времено распоредување на друг работник. Исто така, на распишан интерен оглас не ги известил членовите на Комисијата дека работното место за кое е распишан интерниот оглас е времено упразнето и дека за ова работно место не можело да биде распишан интерен оглас.
Второпријавената В.В., пензиониран работник, а за време на извршување на делото помошник директор во Оддел за заеднички работи и управување со човечки ресурси во БЈБ, без барање од првопријавениот и без да утврди дека работното место не е слободно, објавила телеграма за интерен оглас. Исто така, како член на Комисијата за распоредување и унапредување, не ставила забелешка и покрај тоа што била запознаена дека работното месо е само времено упразнето и се согласила со изборот на работникот за кој имало предлог за времено распоредување од началникот на Регионалниот центар за гранични работи Север.
Со ваквото дејствие, пријавените на работникот кој времено го распоредиле му причиниле штета во износ 310.268 денари.