Македонија
Две третини од граѓаните се за сочувување на името
Две третини од македонските граѓани се за сочувување на името на државата, наспроти влезот на земјата во ЕУ и НАТО, покажуваат резултатите од анкетата на Институтот за политички истражувања по нарачка на Секретаријатот за европски прашања
На прашањето „што според вас е поважно“, 66,5 отсто од анкетираните се определиле за сочувување на името, додека 26,2 отсто сметаат дека влезот во евро-атланските структури е поважен за земјата, додека 7,3 отсто немале одговор на прашањето.Гледано според етничката припадност, дури 82,1 отсто од Македонците се изјасниле за сочувување на името, додека за 77,8 отсто од испитаните Албанци поважен е влезот на земјата во ЕУ и НАТО.Истражувањето, кое е спроведено на репрезентативен примерок од 1.100 испитаници, покажува дека речиси половина од граѓаните сметаат дека најголемо влијание треба да и се посвети на економијата. На прашањето „На која области треба да и се посвети најголемо внимание во приближувањето на Р. Македонија кон ЕУ?“, 46,1 отсто се определиле за економијата, 22,3 отсто за судството, 15, 1 отсто на безбедноста, додека 6,1 отсто се определиле за нешто друго. Одговор на ова прашање немале 10,4 отсто од испитаниците.За разлика од претходното прашање, постои усогласеност по етничка основа дека економијата е областа на која најмногу треба да се посвети внимание.Анкетата е спроведена телефонски во периодот меѓу 3-ти и 4-ти јули.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Во општите болници во Струга и Кавадарци се отворија две нови „Роса школи за доење“ – донација од „Пивара“ – Скопје во соработка со Министерството за здравство
Две нови „Роса школи за доење“ се отворија денес во рамки на општите болници во Струга и во Кавадарци, благодарение на донацијата од „Пивара“ – Скопје и „Coca-Cola“, преку брендот „Роса“, а во соработка со Министерството за здравство. Целта на школите е да им помогне на младите родители во справување со предизвиците од нивните нови животни улоги. Во новите модерно опремени школи за доење во Струга и Кавадарци сите нови и идни мајки ќе добијат бесплатна стручна помош, совети и соодветна едукација за процесот на доење и за родителството воопшто.
Ова е дел од долгорочната иницијатива на „Роса“ за поддршка на новите родители, која од 2018 година се спроведува заедно со Министерството за здравство и во рамки на која досега се отворени 9 школи за родителство и 8 школи за доење во повеќе градови низ земјава.
„Пивара Скопје“ заедно со Министерството за здравство и во 2025 продолжува со оваа иницијатива, со цел унапредување, промоција и поддршка на доењето.
„Исклучително сме горди што овој проект бележи успех уште од самиот почеток, со отворањето на првата школа во 2018, па сѐ до денес. Секое отворање нова „Роса“ школа за доење ни носи особена радост и како компанија, бидејќи токму тоа ја отсликува нашата посветена грижа и поддршка за правилна нега на најмалите и обезбедувањето неопходна едукација за новите родители, но и мене лично како родител кој ја разбира важноста на поддршката во таков чувствителен период“, вели Душан Митрев, генерален директор на Пивара Скопје. Според него, оваа иницијатива има за цел „да создаде здрави основи за идните генерации и е пример како со заедничка посветеност може да се поттикне културата на поддршка и солидарност во нашето општество“.
Министерот за здравство, Арбен Таравари, смета дека ваквите иницијативи се многу значајни, при што ја истакна одличната соработка со Пивара Скопје.
„На одделот за гинекологија и акушерство во Општа болница Струга и Општа болница Кавадарци, во соработка со Пивара Скопје, се опремени посебни простории каде штотуку породените мајки и идни родители ќе имаат можност, со поддршка од медицински лица, да се информираат за важноста и придобивките од доењето. По тој повод сакам да ја истакнам одличната соработка со Пивара Скопје, како општествено одговорна компанија, со чија поддршка, во рамки на втората фаза на овој проект, годинава промовираме уште две нови школи за доење во болниците во Струга и во Кавадарци. Во нив младите родители имаат можност за консултација со стручен тим – педијатар, гинеколог-акушер и патронажна сестра – за предностите на ексклузивно доење, како и за други актуелни прашања поврзани со постпородилниот период“, истакна министерот за здравство, д-р Арбен Тарвари.
За реализација на овој проект и опремување и реновирање на просторот, „Пивара Скопје“ одвојува по 1 денар од секое продадено шише „Роса“ од 1,5 и 0,5 литри.
Роса школите за доење и за родителство се клучен дел од заложбите на „Пивара Скопје“ за поддршка на заедницата. Овие школи претставуваат дел од пошироката стратегија на „Пивара Скопје“ за активно учество во унапредување на општественото здравје и благосостојба. Со посебен акцент на важноста на доењето и родителството, проектот има за цел да создаде долгорочен позитивен ефект врз заедницата.
(ПР)
Македонија
НБРМ: Банкарскиот сектор и натаму е сигурен и стабилен
Советот на Народната банка го усвои Извештајот за ризиците во банкарскиот систем на Република Северна Македонија во третиот квартал од 2024 година. Исто така, Советот донесе нова Одлука за методологијата за идентификување системски значајни банки со која се унапредува постојната методологија врз основа на која Народната банкa ги идентификува системски значајните банки во земјава и за нив го утврдува заштитниот слој на капиталот. Ова претставува макропрудентен инструмент за јакнење на отпорноста на банкарскиот систем преку јакнење на солвентноста и стабилноста на системски значајните банки на неочекувани шокови или загуби коишто можат да настанат во текот на нивното работење. Измените на одлуката за системски значајни банки се прави и заради натамошно приближување кон Насоките од Европскиот банкарски орган (ЕБА) за идентификување на домашните системски значајни банки, соопшти НБРМ.
Според Извештајот за ризиците во банкарскиот систем во текот на третиот квартал, показателите за изложеноста на ризиците на банкарскиот сектор и натаму се стабилни, а стрес-тестовите укажуваат на добар капацитет за справување со шокови. Стапката на адекватност на капиталот се задржа на нивото од 19%, коешто е највисоко во последните седумнаесет години, додека учеството на нефункционалните кредити во вкупните е на историски ниски 3%. Во третиот квартал од годината банките работеа во услови на позначително забавување на домашната инфлација и поволен девизен пазар, но ризиците од окружувањето сѐ уште постојат и е потребно нивно натамошно внимателно следење и претпазливост во водењето на политиките заради задржување на стабилноста на банкарскиот сектор и во следниот период.
Растот на депозитите од граѓаните и фирмите забрза и овозможи одржување на кредитниот раст, но и зголемување на ликвидните средства на банките. Притоа, забрза годишниот раст на депозитите искачувајќи се до нивото од 7,9%, во кој преовладува долгорочното штедење, како и денарските депозити, поттикнато и од мерките на Народната банка за поддршка на денаризацијата и штедењето на подолг рок. Се забележува забрзување на годишниот раст кај кредитирањето до 7,5%, додека резултатите од Анкетата за кредитната активност во третиот квартал од 2024 година укажуваат на натамошно нето-олеснување на вкупните кредитни услови и нето-зголемување на кредитната побарувачка, и кај двата сектора − претпријатијата и домаќинствата.
Советот, како што е нагласено во информацијата, усвои и измени на регулативата за сметководство и финансиско известување за банките и штедилниците заради спроведување на барањата на меѓународниот стандард за финансиско известување („МСФИ“) 16 „Наеми“ и усогласување со важечките МСФИ, објавени од Одборот за меѓународни сметководствени стандарди.
Разгледани се и повеќе други прашања поврзани со работењето и сегашните активности на централната банка, а ги донесе и Финансискиот план и Планот за инвестициите на Народната банка.
Македонија
Дијабетичарите незадоволни: Буџетот не може да ги покрие потребите од инсулин, бараме вклучување во дефинирање на тендерот
Сојузот на здруженијата на лицата со дијабетес на Северна Македонија (СЗДСМ), во името на 23 локални организации на лица со дијабетес и во името на над 130.000 лица со дијабетес во државата, изрази огромно незадоволство од усвоениот буџет во делот за програмата за инсулинска терапија.
Од тука велат дека сумата од 860 милиони денари е оставена иста како и претходната година, во 2025 очекуваат распишување нов тендер за набавка на инсулинска терапија за периодот 2025 – 2027, добиле и ветувања и од министерот за здравство, Таравари, за зголемување на опфатот на бројот на лица со дијабетес со модерни помагала (CGM-сензори и инсулински пумпи), а кои се соочуваат со сериозни здравствени компликации од оваа хронична болест.
„Со ваков буџет нема да може да се покријат и досегашните потреби од инсулин и терапија за лицата со дијабетес, да не зборуваме за помагала што веќе се достапни во земјите околу нас – Босна и Херцеговина, Косово и Србија. Во согласност со искуството од претходните години буџетот се зголемувал од година на година, а сега е оставен ист како од претходната година, во година кога знаеме дека ќе требаат поголеми средства. Како Сојуз семе загрижени дека, поради недостиг на буџет, ќе се намали квалитетот на инсулин, како и терапијата за лицата со дијабетес, што ќе предизвика трагични последици врз здравјето и животот на 8 проценти од населението (а претпоставките од лекарскиот кадар се дека има недијагностицирани уште минимум 2-3 проценти). Трендот на појава на дијабетесот во нашата држава е нагорен и, за жал, не гледаме дека Владата има соодветен одговор за оваа популација да има најсовремена терапија и помагала за живот“, велат од Сојузот во писмо адресирано до Владата и Министерството за здравство.
Апелираат до сите инволвирани страни при проекцијата на новиот тендер да ги следат нивните потреби и очекувања и да го запазат континуитетот во подобрувањето на третманот на пациентите. Бараат активно да бидат вклучени во сите чекори при дефинирањето на новиот тендер – нивни претставници да бидат дел на средбите и работата на Националната комисија за дијабтес.
Во спротивно, како што најавија, Сојузот и локалните здруженија ќе ги организираат сите над 130.000 лица со дијабетес и членовите на нивните семејства за активно покажување на нашиот револт пред здравствените и владините институции во земјата.
Дополнително, ќе ги известат сите меѓународни здравствени институции на европско и светско ниво за третманот на лицата со дијабетес во Македонија, како и за необезбедувањето предуслови за задржување и зголемување на потребниот квалитет на терапија и помагала за лицата со дијабетес.