Свет
Партиите ги кријат финансиерите
Политичките партии ги кријат изворите на приходи како змијата нозете. И покрај законската обврска за транспарентност, досега ниедна од нив не го објавила списокот со донатори, фирми и поединци.
НЕТРАНСПАРЕНТНОСТ
Политичките партии ги кријат изворите на приходи како змијата нозете. И покрај законската обврска за транспарентност, досега ниедна од нив не го објавила списокот со донатори, фирми и поединци.
По нашето барање да ни дозволат увид во регистарот на донации, СДСМ не одговори, ВМРО-ДПМНЕ се согласи, но дури на крајот на годината, ЛДП се пожали дека ретко им донираат, а ДУИ и ДПА ветија дека наскоро ќе ни закажат термин.
“Финансирањето на политичките партии е јавно и транспарентно. Изворите на финансирање на политичките партии, како и нивните расходи, исто така се јавни и транспарентни. Секој граѓанин или член на политичка партија има право на еднаков пристап во увидот на финансирањето на партијата.”
Така пишува во Законот за финансирање на политички партии, донесен во октомври минатата година, со кој партиите се обврзаа да водат јавни регистри со сите донации што ќе легнат на нивните сметки. Законот предвидува казна од 100.000 до 300.000 денари за партијата што нема да достави извештај за донациите до Државниот завод за ревизија, но нема казна за тие што на граѓаните нема да им дозволат увид во регистарот.
Откако го прашавме за начинот на финансирање на партијата, Борис Кондарко, портпарол на СДСМ, не упати кај генералниот секретар Никола Ќуркчиев. Тој прво не замоли да почекаме да заврши седницата на собраниската комисија на која учествуваше, а потоа не беше достапен за одговор.
Во ВМРО-ДПМНЕ ни рекоа дека ќе ја објават листата со донатори на крајот на годината, кога ќе ја достават и завршната сметка.
– Добивме писмо од Државниот завод за ревизија и во согласност со Законот ги доставивме сите барани податоци – вели Миле Јанаќиески, шеф на кабинетот на Никола Груевски.
Во партијата велат дека се финансираат од донации и од членарина. Членарината е 100 денари месечно, а од плаќање се ослободени невработените и социјалните случаи.
Роза Топузова-Каревска, генерална секретарка на ЛДП, се жали дека партијата ретко добива донации, откако е на власт.
– Се смета дека функционира буџетското финансирање и дека нема потреба за дополнителни средства. Затоа моравме да воведеме огромни членарини за функционерите од нашата партија. Тие треба да плаќаат 5 отсто од платата. Јас како пратеничка давам 1.000 денари месечно – вели Каревска. Од неа исто така побаравме увид во партискиот регистар.
Портпаролката на ДУИ, Ермира Мехмети, вели дека нивната партија е транспарентна и оти секој може да се информира како се финансира.
– За финансиите во партијата е одговорен Гзим Острени. За жал, тој е на пат во странство, па ќе мора да го почекате за да се договорите – ни рече Мехмети.
И во ДПА велат дека се транспарентна партија, која им дозволува на сите заинтересирани да направат увид во финансиското работење. Но, тие не замолија да не ги објавуваме имињата на фирмите што ги помагаат за да немаат последици.
Државниот завод за ревизија планира овој месец да почне да го претресува финансиското работење на партиите.
– Во согласност со програмата за 2005 година, потпишана од главниот државен ревизор Методија Тошевски, контрола ќе се врши само во трите партии со најголем обрт на средства – СДСМ, ВМРО-ДПМНЕ и ДУИ. Ревизијата ќе почне до крајот на јуни, а резултати може да се очекуваат кон крајот на август или во почетокот на септември – изјави портпаролот на Заводот, Мијалче Дургутов.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Свет
Американскиот претставник во НАТО: Можен договор за Украина во следните 90 дена
Постојаниот претставник на САД во НАТО, Метју Витакер, во интервју за „Фокс њуз“ изјави дека е можен договор во Украина во следните 90 дена.
„Ако биде завршено, тоа ќе биде во следните 90 дена“, рече Витакер.
Тој додаде дека е очигледно дека оваа зима може да биде навистина тешка за Украинците поради нападите врз енергетската инфраструктура.
Витакер додаде дека Вашингтон планира да продолжи да врши притисок врз двете страни за решавање на спорот. Ако некој може да го стори тоа, нагласи постојаниот претставник на САД, тоа е американскиот претседател Доналд Трамп.
Учесниците во мировниот процес во Украина работат на четири финални документи, објави Витакер.
Според дипломатот, на преговарачката маса моментално е нацрт-мировен план од 20 точки, како и документи за мултилатерални безбедносни гаранции и специјални гаранции од САД.
Четвртиот документ е посветен на план за повоено економско закрепнување и развој.
„Сите овие документи се дискутираат во реално време. Мислам дека сега имаме прилично добро разбирање за тоа што сака Украина“, додаде Витакер.
На 20 декември, делегации од Украина, САД и европски земји се состанаа во Мајами. По разговорите, специјалниот претставник на американскиот претседател, Стивен Виткоф, и секретарот на Советот за национална безбедност и одбрана на Украина, Рустем Умеров, објавија идентични изјави на социјалните мрежи. Тие рекоа дека за време на нивните состаноци страните разговарале за мировниот план од 20 точки и безбедносните гаранции на Вашингтон за Киев.
Покрај тоа, учесниците на состанокот одвоија време да разговараат за развојот на планот „економија и просперитет“.
Според Володимир Зеленски, украинската и американската делегација подготвиле нацрт-документи за рамка за завршување на конфликтот со Русија за време на нивните разговори во Мајами.
Фото: unsplash
Свет
Католиците ширум светот денес го слават Божиќ
Католиците, протестантите и другите верници кои се придржуваат до грегоријанскиот календар, денес ширум светот го одбележуваат еден од најрадосните празници – Божиќ, со кој се слави раѓањето на Исус Христос.
Празникот традиционално се прославува во кругот на семејството, со молитва, богослужби и обичаи што се разликуваат од земја до земја, но носат заедничка порака на мир, надеж и заедништво.
Како што налагаат обичаите, предвидено е овој ден да се помине со членовите на семејството и во заедничка молитва. Рано наутро верниците одат на миса, по што следува заеднички ручек.
Според Библијата, Исус го родила Девицата Марија, која зачнала безгрешно, а при породувањето ѝ помогнал нејзиниот сопруг Јосиф. Исус се родил во штала во градот Витлеем пред повеќе од 2.000 години, опкружен со домашни животни, поради што верниците за Божиќ под елката поставуваати фигури на овци.
Домовите на верниците се посебно украсени за Божиќ и во повеќето од нив има елка под која се оставаат подароци за најмладите членови на семејството.
Свет
Трката по суперинтелигенција: Технологија што го менува светот или опасна илузија
Колумнистот на Гардијан, Рафаел Бер, пишува дека ако вештачката интелигенција не им го променила животот на луѓето во 2025 година, тоа сигурно ќе се случи во 2026. Тој оценува дека еуфоријата околу вештачката интелигенција е надувана со финансии од Силициумската долина, со сериозни економски и геополитички последици.
Бер наведува дека ОпенАИ, компанијата зад „Чат ГПТ“, за неколку години стана еден од клучните играчи во глобалната економија, со огромни инвестиции од технолошките гиганти. Извршниот директор Сем Алтман и самиот признава дека делови од индустријата се во меур, додека Џеф Безос вештачката интелигенција ја нарекува „добар вид меур“.
Авторот предупредува дека трката за општа вештачка интелигенција меѓу САД и Кина ги засилува геополитичките тензии и ја намалува подготвеноста за глобални правила и контроли. Во отсуство на меѓународно управување, светот, според него, е препуштен на интересите на технолошките корпорации и авторитарни системи.
Бер укажува и на ризиците од сегашните модели на вештачка интелигенција, како „халуцинации“, пристрасност и намалување на квалитетот на информациите, предупредувајќи дека „вистинскиот меур не се вреднувањата, туку егото на индустријата“. Заклучува дека се приближува момент кога ќе мора да се одговори на клучното прашање: дали вештачката интелигенција ќе му служи на човештвото – или обратно.

