Македонија
Системот за спречување перење пари значително зајакнат
“Зајакнување на капацитетите за спречување перење пари – фаза 2” беше организиран во рамките на CARDS програмата и потроши 1,5 милиони евра од европските развојни фондови
Проектот “Зајакнување на капацитетите за спречување перење пари – фаза 2″ денеска имаше своја соодветна завршница, на која, на свечен начин, беше презентирано сé она што е сработено во измината година ипол во издигнување на македонските институции на потребното ниво во оваа постојана борба со финансискиот аспект на организираниот криминал.”Овој проект покажа дека инструментите на Европска Унија успешно помагаат во градењето на капацитетите, а со тоа и на целиот систем за спречување перење пари – рече на почетокот од свеченоста Ване Цветанов, директор на Управата за спречување перење пари и финансирање тероризам. – Тој ни помогна во анализата на системот за спречување на перење пари, со што ги пронајдовме неговите слабости за да ги отстраниме и да ја подготвиме Националната стратегија, каде конкретно е опишан целиот систем и подготвен е Акционен план за зајакнување на целиот систем за спречување на перење пари. Со тоа добивме конкретна помош за имплементација на европските стандарди во работата на нашите институции”Инаку, во времетраењето на овој проект се одржани 75 најразлични форми и содржини на настани, а со неговото завршување обучени се над 400 лица од различни институции и субјекти што се поврзани во борбата против перењето пари и финансирање на тероризмот.Овој проект беше организиран во рамките на CARDS програмата и потроши 1,5 милиони евра од европските развојни фондови.Искуствата од овој проект не останаа во салите за состаноци или на хартија, беше речено на свеченоста, речиси сите веќе активно функционираат во надлежните македонски институции.”Со бескомпромисната борба против криминалот ја покажуваме нашата подготвност и волја за што побрзо вклучување на Македонија во европското семејство” – рече на крајот Ване Цветанов.Во својот поздравен говор Ерван Фуере, амбасадорот на ЕУ во Македонија, го изрази своето лично задоволство, но ги пренесе и признанијата и честитките од Комисијата во Брисел за успешното завршување на проектот.Оваа свеченост со своето присисутво ја удостоија и Мариа Ангелес Гарсиа де Лара, Конзул на Кралството Шпанија во Македонија, Хозе Мариа Лабеага, генерален директор на Институтот за фискални студии на Шпанија, како и Гонзало Гомез де Лињо Поло, раководител на студии во Институтот за фискални студии на Шпанија.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Кардиохирурзите Колев и Џелили на обука во Клиниката за кардиохирургија во Бордо, Франција
Кардиохирурзите при ЈЗУ Клиника за кардиохирургија, Скопје, Александар Колев и Кујтим Џелили престојуваат на Универзитетската болница за кардиохирургија во Бордо, Франција, каде учествуваат на работилница за запознавање и обука со некои од најиновативните техники во совремата кардиохирургија.

-Заедно со мојот колега Кујтим Џелили имавме одлична можност да учествуваме на едукативна работилница во Универзитетската болница за кардиохирургија во Бордо, организирана од Петерс.
Под менторство на водечките професори Томас Модин, Луис Лаброус и Џулијан Пелтан, се запознавме со некои од најнапредните техники во современата кардиохирургија. Меѓу нив најсофистицирана и најпрефинета беше употребата на роботскиот систем на Да Винчи за поправка на митралниот вентил, како и други минимално инвазивни кардиохируршки процедури. Преку практични тренинг сесии, вежбавме креирање на анастомози на реални модели, користејќи некои од најновите помошни хируршки апарати, напиша кардиохирургот Колев на неговиот фејсбук профил.

Тој особено го потенцира фактот дека кардиохирургија, како една од поновите гранки на медицината, продолжува да се развива и брзо напредува.
-За нас, како кардиохирурзи кои доаѓаат од мала земја како Македонија, од особено значење е да останеме во тек со овие иновации, со цел да обезбедиме највисок можен квалитет на третман за нашите пациенти, наведува д-р. Колев.
Македонија
Ѓорѓиевски на фејсбук објави дека најдоброто за Скопје допрва доаѓа
Градоначалникот на Скопје Орце Ѓорѓиевски на Фејсбук објави видео од активностите што се преземаат за чистење на главниот град, согласно неговото ветување за темелно чистење на Скопје во првите 72 часа од преземањето на мандатот.
-Скопје го правиме заедно, ви го дадов мојот збор! Се чисти кејот на реката Вардар. Се поставуваат украсни канделабри на плоштадот „Македонија“. Најдоброто, доаѓа!, објави Ѓорѓиевски попладнево на неговиот фејсбук-профил.
Акцијата за чистење Ѓорѓиевски ја почна завчеравечер по примеопредавањето на функцијата од досегашната градоначалничка, и како што самиот изјави, акцијата би требало да заврши утревечер.
Деновиве со механизација и рачно се чисти коритото и косините на Вардар, се отстранува кабаст отпад и пластични шишиња и се расчистува земјен материјал насобран во централниот дел на кејот, а се празнат и контејнерите од ѓубре.
Во акцијата се вклучени луѓе и опрема од комуналното претпријатие на Скопје, како и механизација и екипи од ЈП „Улици и патишта”- Скопје.
Македонија
Родителите на починатите во „Пулс“ со порака до судиите: Не дозволувајте болката и гневот да станат уште поголеми
Во Кочани денеска родителите на жртвите од пожарот во дискотоеката „Пулс“ одржаа нов „Марш за ангелите“, упатувајќи порака до правосудните институции дека очекуваат вистинска правда за настраданите.
-Не дозволувајте болката и гневот да станат уште поголеми, затоа што ако институциите продолжат да молчат, луѓето ќе ја изгубат вербата во системот. Исполнете ја вашата должност — не за нас, туку за нашите деца и за иднината на сите други што утре ке сакаат да живеат во држава со вистинска правда, порачаа родителите на починатите во „Пулс“ во своето обраќање пред медиумите.
Пред зградата на Основниот суд, мајка на починато дете во името на сите учесници на маршот, упати критика до Јавното обвинителство дека оваа институција не реагирала на тоа што уште пред три недели им биле доставени докази дека осомничено лице се сретнало со оштетен родител, што сметаат дека носи реална опасност да се влијаа врз сведоците и оштетените и да се загрози целата постапка и нејзината правичност. Тие најавија, дека во рок од една недела очекуваат јасен и конкретен одговор за преземените мерки по доставените докази, во спротивно велат ќе преземат посилни јавни и организирани акции.
Првото судско рочиште за пожарот во дискотеката „Пулс“ ќе се одржи на 19 ноември, обвинети се 34 физички и три правни лица, кои се товарат за кривичното дело тешки дела против општата сигурност. Како што информираа од Кривичниот суд Скопје, рочиштето ќе се одржи во судницата во КПУ Идризово, а предметот според Акмис системот е распределен кај судијката Диана Груевска-Илиевска.
Во пожарот во дискотеката во Кочани што се случи на 16 март, годинава, загинаа 63 лица, а повеќе од 200 беа повредени.

