Македонија
Разбуди се: Инцидентот на плоштадот е етнички мотивиран
Албанското граѓанското движење „Разбуди Се!“ бара навивачките хулигани кои вчера дивееја на плоштадот Македонија во Скопје и повредија едно дете да бидат што поскоро казнети
Албанското граѓанското движење „Разбуди Се!“ бара навивачките хулигани кои вчера дивееја на плоштадот Македонија во Скопје и повредија едно дете да бидат што поскоро казнети.
„Разбуди се!“ во писмената реакција за настанот вели дека се работи за варварски напад на македонските хулигани против невини албански деца и бара од институциите итно да преземат мерки против хулиганите кои што ги тероризираат невините граѓани и отворено поттикнуваат меѓуетничка омраза и нетрпеливост помеѓу заедниците
„Ниту една тепачка, ниту една енциклопедија, ниту едно импонирање, ниту една манипулација за отселување на Албанците од Куманово и Скопје, ниту еден проект нема да ја постигне целта за да ги снема Албанците од нивните вековни предели, затоа апелираме до сите креатори на вакви проекти да се откажат од овие ѓаволски намери кои што се обидуваат да ги реализираат со животински методи!“, се вели во соопштението на граѓанското движење.
Оттаму тврдат дека се работи за истата група на хулигани е што лани летото ги нападна граѓани во Нерези.
„Министерството за внатрешни работи, наместо да ги приведе веднаш, играше фудбал и се дружеше со оваа група на диви хулигани избегани од кафезите на зоолошката градина. МВР и Јавниот обвинител итно да преземат мерки против хулиганите кои што ги тероризираат невините граѓани и отворено поттикнуваатмеѓуетничка омраза и поттикнуваат нетрпеливост помеѓу заедниците“, бараат од Разбуди се!“.
На плоштадот Македонија вчера попладне се случи инцидент кога навивачка група што поминуваше низ плоштадот по фудбалскиот натпревар Вардар – Работнички со метални прачки и со бетонски коцки ги нападна посетителите на лизгалиштето./крај/со/кн/мп
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Левица: Предизборна политичка манипулација – Владата на ДПМНЕ ги скрати парите откако истера кампања
„Во екот на локалните избори, владата на Христијан Мицкоски одобри средства на општините, а дел од нив беа и од унгарскиот кредит, за капитални проекти од областа на културата. Со овие проекти градоначалниците на ДПМНЕ си воеда предизбопрна кампања помпезно најавувајќи „обезбедени пари“ и „загарантирани“ проекти, само уште народот да им даде глас. Само неколку месеци подоцна, на еден ден пред Нова година, истата таа Влада со потпис на премиерот ги скрати речиси сите средства. Со ова власта на ДПМНЕ ја разоткри својата вистинска намера која не е реализација на проекти во културата туку предизборна политичка манипулација“, велат од партијата Левица.
„Со кратењето, од првично планираните 135,5 милиони денари за 13 проекти низ општините, Владата остави само 14,8 милиони денари за три селективно избрани проекти, додека останатите меѓу кои мултикултурниот центар во Аеродром, заштита на скопска чаршија, Исарот во Штип, конзервација и реставрација на фрескоживопис на црквата во Мокрино и низа други останаа со нула денари и со предизборните фалби и фотографии на градоначалниците на ДПМНЕ. Ова е јасен доказ дека културата била злоупотребена како предизборен маркетинг наместо да биде третирана како јавен интерес.
Дека Владата на Мицкоски воопшто нема намера да инвестира во општините, за проекти од културата, дополнително говори и фактот што наместо да се обезбедат средства за 2026 и 2027 година, Владата со одлука ги пролонгира во 2028 година, што практично значи ставање на проектите во фиока и нивно тивко умирање.
Левица укажува дека ова е само уште еден пример за класична изборна измама. Прво се ветуваат и одобруваат средства за политички поени, а по изборите парите се кратат, а граѓаните повторно остануваат излажани. Бараме од Владата да одговори зошто ги укинува средствата за најавените проекти и кој ќе понесе политичка одговорност за ова грубо манипулирање со очекувањата на граѓаните?“, се вели во соопштението на партијата Левица.
Македонија
„Со Мицкоски Македонија е во ранг со Сомалија, САД ја запре обработката на визи“, велат од СДСМ
„Македонија е опфатена во одлуката на САД за суспендирање на обработката на визи заедно со уште 75 земји, меѓу кои Сомалија, Сирија, Гана, Руанда, Бутан, Нигерија, Иран, Русија…“, велат од СДСМ.
„Минатата година САД ги зголеми царините кон Македонија, сега од 21 јануари САД ќе биде суспендира и обработка на визи за македонските државјани.
Толку е периметарот на Мицкоски, ја доведе Македонија во ранг со Сомалија“, соопшти СДСМ.
Македонија
Фактот што Македонија е ставена на иста листа со Судан и Сомалија е длабоко поразителен и алармантен сигнал, смета Македонски концепт
Губењето на стратешкото партнерство со Соединетите Американски Држави претставува сериозна и потенцијално смртоносна закана за безбедноста, стабилноста и иднината на Република Македонија и македонскиот народ. За мала држава во чувствителен геополитички регион, ваквото нарушување на односите со клучниот стратешки сојузник значи институционална изолација, економска несигурност и директно слабеење на националната безбедност, велат од Македонски концепт.
Според нив, фактот што Македонија е ставена на иста листа со држави како Судан и Сомалија е длабоко поразителен и алармантен сигнал.
„Тоа не е случајност, туку последица на долгогодишна толеранција, па дури и институционална пасивност кон два опасни феномени: растечкиот верски радикализам на македонска територија и широко распространетото прокомунистичко и антизападно однесување и наратив во јавниот простор“, велат од Македонски концепт.
Од таму велат дека овие појави се директно спротивни на вредностите на НАТО, на западната цивилизација и на принципите врз кои се темели стратешкото партнерство со САД.
„Потребни се итни, проактивни и недвосмислени државни мерки, без калкулации и без идеолошки страв: забрана на носење бурки и верски манифестации во сите јавни институции, во име на безбедноста, секуларноста и јавниот ред; донесување посебен закон за спречување и санкционирање на верскиот радикализам и донесување закон за забрана на комунистичката идеологија, нејзините симболи и тоталитарното наследство, како идеологија која историски и суштински е спротивна на слободата, демократијата и западниот вредносен систем“, се наведува во соопштението.
Паралелно со внатрешните реформи, велат од Македонски концепт, Република Македонија мора да упати формален и аргументиран приговор до Соединетите Американски Држави за штетите предизвикани со ставањето на земјата на ваква листа.
„Како полноправна членка на НАТО, Македонија има право да се повика на Договорот за стратешко партнерство, со јасно барање истиот да се почитува и земјата веднаш да биде отстранета од таа листа. Македонија мора да избере, или ќе биде јасен и вредносно усогласен сојузник на САД, или ќе продолжи да тоне во сива зона на радикализам, идеолошки анахронизам и меѓународна недоверба. Среден пат, нема“, велат од Македонски концепт.

